а. Да се биде следбеник на способен учител и опитен духовен отец е [нешто] што се смета за основно за секој оној што сака да биде воведен во христијанскиот живот. Овој [живот] не може да биде предаден преку проповеди и книги. Се предава преку пример. Во синаксарот за свети Димитриј се вели дека тој бил „од градот Солун, побожен повеќе од неговите родители, и учител во верата Христова“. Истовремено, тој бил војвода во римската војска во Тесалија и проконзул грчки. Но, ова не го спречило да развие христијанска побожност и да биде воведувач во евангелската вистина на многу ученици.
б. Оној кој е вдахновен од евангелската порака за воскресението не може да ја чува неа само за себе; тој сака да ја предаде и на другите. Оној што доживеал „духовна промена“, што е [нешто] најдостојно, како што учат нашите литургиски текстови, сака и другите да бидат воведени во животот во Духот. Меѓу најистакнатите ученици на светиот Димитиј е свети Нестор, кого Црквата го празнува на 9 ноември.
в. Кога било откриено дека не само свети Димитриј бил христијанин, туку дека во верата ги поучил неговите ученици, тој добил отпуст од воената служба и бил затворен. Кесарот Галериј бил мошне строг кон овој млад војвода. Понатаму, тој сакал да ја прослави неговата победа над Скитите, па организирал двобои на солунскиот стадион, каде џинот Лиј надмено ликувал и ги плашел христијаните.
г. Во време кога христијанската вера била гонета и христијаните биле водени во арените како храна за ѕверовите, во затвор и мачеништво, кој би се дрзнал да се спротивстави? А сепак, храбриот ученик на свети Димитриј, Нестор, вооружен со храброст и мажественост, доброволно влегол во арената за да понуди добра борба. Тој не калкулирал со надмоќноста на неговиот противник, ниту потклекнал пред непријателските извици од толпата.
Св. маченик Нестор
д. На ум го имал она што го поучувал неговиот учител: дека христијаните можеби надворешно се слаби и гонети, но нивната сила е внатрешна, духовна и „најсила во слабоста“. Тој се сетил на нееднаквата борба меѓу Давид и Голијат, во која Давид победил. Бил вдахнат од храброста и цврстината на верата на неговиот учител, кој ја жртвувал земната слава, положба и богатство за Христовата вистина.
ѓ. Нестор притрчал кон затворениот Димитриј, и според синаксарот, му рекол: „Слуго Божји, сакам да се борам со Лиј. Затоа, помоли Го Господа, по твоите молитви да ми помогне. Свети Димитриј го осенил со крсен знак неговото чело и му рекол: „Лиј ќе го победиш, и маченички ќе пострадаш за Христа“. Охрабрен и засилен во душата од зборовите на светителот, Нестор веднаш се упатил во стадионот. Се борел со Лиј и го убил.
e. Кесарот бил посрамен и растажен и гневен. Штом дознал дека свети Димитриј го укрепил Нестор кон победа, испратил војници во затворот и им заповедал многупати да го пропободат светиот со копје. Ова било казна за смртта на Лиј. Кога се случило ова, великиот Димитриј ја предал својата света душа во рацете Божји. Тој направил многу чуда и чудесни исцеленија по смртта. А кесарот заповедал Нестор да биде обезглавен. И така, како добри војници Христови, учителот и ученикот го наследиле „нетлениот венец на славата“.
Презвитер Василиј И. Калиакманис
13-ти декември, лето Господово 2015
Извор: Кумановско- осоговска епархија