Сторијата со седумте свети момчиња од Ефес е една од најфасцинантните. Приказната говори за седум млади момчиња со имиња Максимилијан, Ламвлих, Мартинијан, Јован, Дионисиј, Егзакустодијан (Константин) и Антонин, коишто живееле во средината на 3 век, за време на владеењето на императорот Декиј (249-251), кога тој го посетил Ефес и се појавила заповед секој да принесе жртва на боговите под смртна закана. Откако биле обвинети заради нивната христијанска вера, седумте момчиња избегале од градот и се сокриле во пештера на планината Охлон, каде времето го поминале во молитва, подготвувајќи се за мачеништво. Императорот дознал каде се момчињата, па заповедал да се запечати влезот од пештерата со камења, та светиите да умрат од глад и жед.
Приказната потоа нè пренесува за речиси два века подоцна, во времето на владеење на императорот Теодосиј Помладиот (408-450), кога сите гонења на христијаните завршиле, а Христијанството веќе постанало официјална државна религија. Во тоа време во градот возникнала расправа околу воскресението на мртвите. Во меѓувреме, сопственикот на земјата со пештерата ја пронашол камената конструкција и неговите работници го откриле влезот. Се покажало дека Господ ги запазил момчињата живи, и тие се разбудиле од сонот, без да знаат дека поминале речиси два века. Нивните тела и облеки биле потполно нераспаднати. Вистината ја осознале кога Ламвлих отишол во градот да купи леб и слушнал дека името на Исус слободно се изговара, а самиот покажал древна монета со ликот на Декиј при купувањето. Збунет бил однесен кај ефескиот епископ, кој подоцна ќе зборува со сите седум момчиња и ќе открие дека Бог го дозволил ова чудо, со цел да ја заврши расправата околу воскресението на мртвите. Исто така и императорот дошол во Ефес да го види чудото и откако разговарал со нив, им било дозволено да се вратат во пештерата без царските почести што императорот сакал да им ги укаже, и таму сите тие заспале засекогаш. Утврдено е дека светите момчиња заспале во пештерата во 250 година, а се разбудиле во 434, што значи дека спиеле околу 184 години.
Иако оваа приказна изгледа како мит или некаква измислена бајка за оние што не прифаќаат чуда, сепак она што е зачудувачки е историскиот контекст во кој таа е поставена. Се споменуваат конкретни императори, историски контроверзи што се случиле во историски град (кој придобил уште поголема слава 3 години пред чудото, 431, кога се случил и Третиот Вселенски собор во Ефес), имаме две историски епохи: една со гонењето на Декиј и друга кога има мир при Теодосиј. Се укажува дури и конкретното место, каде овие светии починале. Историчноста на овие светии воопшто не била ставана под сомнеж, сè до 16 век, поради провереноста на сторијата и нејзината мошне бргу раширена популарност по тогашниот познат свет.
Православната црква си споменува за овие светии двапати годишно: на 4/17 август и 22 октомври/4 ноември (првиот датум како ден на нивното прво заспивање, а последното како датум на нивната смрт) и никогаш не се сомневала во веродостојноста на повеста. Латинскиот мартириолог, исто така, ги прославува на 7 јули. Тие се почитувани и во Исламот, познати како „Луѓето од пештерата“ (Ashab Al-Kahf) со едно целосно поглавје посветено ним во Куранот (Сура 18, стихови 9-26).
Појавата на протестантизмот и периодот на Просветата на Запад покренале сомнежи по однос на оваа сторија. Цезар Барониј (1538-1607), не само ренесансен научник, туку и кардинал на Латинската црква, бил првиот кој ја третирал сторијава како „апокрифна“. Таа и до денес не се прифаќа сериозно. Римокатоличката црква ова предание го смета за „чисто измислена романса“. Сторијата станала многу популарна во литературата на романтиците, но во извртена форма, инспирирајќи ја поемата на Гете, бајката на браќата Грим, приказната за Рип ван Винкл на Вашингтон Ирвинг, „Заспаниот се буди“ на Х.Џ.Велс, како и „Невините во странство“ на Марк Твен.
Ако сторијата со седумте заспани имала факт во својата основа, би очекувале дека вакво извонредно откровение ќе се распространи по светот за релативно кратко време. Историските факти јасно покажуваат дека токму тоа се случило. Кон крајот на 6 век, ова предание било познато од Ирска до Персија, и од Етиопија до скандинавските земји. Поради раното распространување на сторијата, истражувачите заклучиле дека првите запишани верзии на ова предание најверојатно се создадени во првата генерација на самиот настан.
Чудото се случува во конкретно време и дава одговор на диспутот што се вртел околу воскресението на мртвите. Оригенистичката контроверза започнала на крајот од 4 век и до 434 се раширила од Египет до Мала Азија. Оригенистите го негирале воскресението на телото и кога епископот Стефан забележува, дека епископот во тоа време го разбрал чудото како одговор на контроверзата, и самото тоа најверојатно спречило оригенизмот да се утврди во Ефес.
Подоцна над гробовите на ефеските момчиња била изградена црква. Поклоништвото на местото на пештерата било крајно популарно во 15 век, за што сведочат записите на ѕидот и на латински и на грчки. Теодосиј во 6 век, при своето поклоништво, ги видел гробовите на момчињата и, според еден писател од 9 век, посетителите на пештерата можеле да ги видат седумте нераспаднати тела. Рускиот поклоник од 12 век, Даниел, го видел истото.
Во 1926 година истражувачи од Австрискиот археолошки институт ги откриле рушевините на базиликата на седумте заспани (изградена над пештерата) и го датирале местото (средина на 5 век) и на тој начин археологијата ја потврдила датата што е укажана во писмените извори.
Денес може да се види погребното место на седумте момчиња, коишто претставуваат отворени празни дупки.
Во денешно време е докажано, дека основата на сторијата е добро проверен историски факт. Црквата од 5 век е откриена на локација, која се смета за древен Ефес. Текстуалната критика ги потврдила резултатите од археолошкото откритие. Иако археологијата и текстуалната критика не можат да го потврдат чудото зад приказната, сепак тие потврдуваат дека сторијата опишува вистински историски настан за седум млади момчиња, коишто се појавиле меѓу Ефесјаните и за кое се верува дека е чудо, кое за сите го потврдува воскресението од мртвите.
Извор: www.johnsanidopoulos.com
Г.Г.
Преземено од:
http://mistagogia.mk/sedumte-efeski-momcinja-17-avgust/
Друго: