Житие: Свети Андреј Јуродив
По потекло Словен. Како роб го купи некој богаташ Теогност во Цариград, во времето на царот Лав Мудриот, син на царот Василиј Македонец. Андреј беше прекрасно момче, телесно и душевно. Теогност го засака и го даде да се описмени. Андреј усрдно Го молеше Бога и со љубов ги посетуваше црковните богослужби. Послушен на едно небесно видение, тој се посвети на подвиг на јуродство заради Христа.
И еднаш, кога отиде на бунарот по вода, ја искина облеката на себе, ја исече со нож и се направи луд. Нажален од ова, господарот Теогност го врза во синџири и го одведе во црквата на Св. Анастасија Одврзителка, за да му се прочитаат молитви. Но бидејќи Андреј не се поправи во очите на својот господар, овој го пушти да живее слободно како умоболен. Свети Андреј дење се правеше луд, а ноќе Му се молеше на Бога. Живееше без покрив и засолниште. Ноќеваше во полето, одеше полугол, во една парталава наметка, јадеше малку леб, кога ќе му дадеа добрите луѓе.
Од она што го примаше им делелше на просјаците, и тоа кога ќе им дадеше ќе ги изнавредеше за да не му благодарат. Бидејќи целата награда Свети Андреј ја очекуваше единствено од Бога. Затоа во него и се всели голема Божја благодат, па можеше да проѕира во човечките тајни, ги гледаше ангелите и демоните, ги изгонуваше демоните од луѓето, ги исправаше луѓето од гревот.
Имаше прекрасни виденија на Рајот и највисоките небесни Сили; Го виде Господ Христос на престолот на славата; со својкот ученик Епифаниј Ја виде Пресвета Богородица во Влахернската црква како го покрива христијанскиот род со Својата одежда; слушна неискажливи зборови на небото, коишто не смееше на луѓето да им ги повтори. После нечуено тешките подвизи се упокои во 911 година и се пресели во вечната слава на својот Господ.
Тропар
Гласот на твојот апостол Павле услишувајќи го – ние јуродствуваме заради Христа – твојот слуга Андреј беше јуродив на земјата заради Тебе, Христе Боже. Затоа сега славејќи го неговиот спомен, Ти се молиме Тебе, Господи, спаси ги нашите души.
15.10.2022
пп