логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

sv.Dimitrij.prekrasno2

СВЕТИОТ СЛАВЕН ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ СОЛУНСКИ МИРОТОЧИВ


             Свети Димитриј Мироточив е роден од благородни и побожни родители во градот Солун. Неговиот татко беше солунски војвода, кој потајно веруваше во Господ Исус Христос и Му служеше. Тој не се осмелуваше јавно да го исповеда пресветото име Негово, поради големото гонење на христијаните во тоа време од страна на незнабожните цареви. Во својата палата имаше скапоцен бисер на верата Христова. Во тајна молитвеница чуваше две свети икони, украсени со злато и скапоцени камења. На едната од нив беше изобразен нашиот Господ Исус Христос, а на другата Пресветата Богомајка. Пред нив постојано палеше кандило и кадеше темјан, и со својата едноверна сопруга се молеше на вистинскиот Бог, Кој живее во височините со Единородниот Син Негов и Себеспрекорната Владичица. Тие беа и многу милостиви спрема сиромашните и им вршеа многу добра на неволните. Сепак, многу тагуваа поради тоа што немаа деца и срдечно Му се молеа на Бога да им подари наследник. По долго време Севишниот ги услиша нивните молитви и им подари син Димитриј. Пресреќни, тие Му благодареа на Бога, а во нивната радост зеде учество и целиот град Солун. Благодарните родители притоа приредија голема гозба за бедните. Кога детето порасна така што можеше да ја препознае и сфати вистината, родителите го внесоа во својата домашна молитвена соба, му ги покажаа светите икони и му рекоа:
              - Еве ја иконата на единствениот вистински Бог, Кој ги створил небото и земјата, а ова е иконата на Пресвета Богородица.
Го поучија Димитриј во Светата Вера, изложувајќи му сѐ што ја покажува ништовноста на нечистите богови и нивните бездушни идоли. Така тој ја препозна вистината и со сета душа поверува во Господа, се поклони на светите икони и од срце ги целиваце. Родителите кришум повикаа свештеник и некои од познатите христијани, и во својата тајна молитвеница го крстија Димитриј.
            Откако беше крстен, тој го изучуваше законот Божји и растеше со телото и разумот, искачувајќи се по лествицата на доблестите и благодатта Божја, која беше во него. Кога стана полнолетен, неговите родители преминаа од овој временски живот и му оставија не само многу имоти, туку и примерот на богоугодниот живот.
А пак царот Максимијан, кога дозна за смртта на својот солунски војвода, го повика кај себе неговиот син Димитриј. Откако виде дека е умен и храбар, го постави за царски намесник на целата солунска област, при што му рече:
- Чувај го својот крај и исчисти го од безбожните христијани. Убивај ги сите кои го призиваат името на Распнатиот.
            Димитриј се врати во Солун, со почести дочекан од граѓаните. Тој веднаш започна јавно да Го исповеда и прославува нашиот Господ Исус Христос и сите да ги поучува во Светата Вера. За граѓаните стана втор апостол Павле, приведуваше многу незнабошци кон вистинскиот Бог и го искоренуваше многубоштвото. Гласот за тоа брзо стигна до царот Максимијан, кој многу се разгневи, и токму во тоа време, враќајќи се од војна со Сарматите, се задржа во Солун. Но, уште пред Максимијан да дојде во градот, Димитриј му го предаде на својот верен слуга Луп сиот свој имот, и златото, среброто, скапоцените камења и облеката останати по смртта на родителите, брзо да ги раздаде на бедните и потребитите. Притоа му рече:
- Раздај го земното богатство, за да го побараме небесното.
             И започна да се моли и да пости, подготвувајќи се за маченичкиот венец.
Царот веднаш започна да истражува дали е вистина тоа што го слушна за Димитриј, а тој пред него бестрашно исповедаше дека е христијанин и го навреди многубоштвото. Царот нареди да го фрлат во темница, во која светителот се молеше со зборовите на пророкот Давид:
          - Господи, побрзај да ми помогнеш! Ти си трпение мое, Господи! Ти си самодоверба од мојата младост, до Тебе се држам уште од раѓање, уште од утробата на мојата мајка си мој Бранител, секогаш се фалам со Тебе. Се радува устата моја кога Ти пеам Тебе и душата моја што си ја избавил. Јазикот мој секој ден ја изговара правдата Твоја (Пс. 69, 2; 70, 5. 6. 23. 24).
Свети Димитриј седеше во темницата како во света палата, Го фалеше и славеше Бога. А ѓаволот, сакајќи да го исплаши, се претвори во скорпија и сакаше да го касне за ногата. Тој се прекрсти, ја згази скорпијата и рече:
- На отровница и на змија ќе нагазуваш, лав и змеј ќе згазуваш (Пс. 90, 13).
Додека така седеше во темницата, го посети ангел Божји, кој му се јави во огромна светлина, со прекрасни рајски венец, и му рече:
- Мир на тебе, страдалнику Христов! Биди храбар и крепи се!
             Светителот одговори:
- Се радувам во Господа и се веселам во Бога, мојот Спасител!
Ова видение уште повеќе ја разгоре во срцето на светителот љубовта кон Бога, и многу сакаше да ја пролие својата крв за Него.
Во тоа време царот приредуваше игри и претстави. Имаше тој еден истакнат мегданџија, по потекло вандал, на име Лиј. За Лиевиот мегдан царот подготви специјален театар, со сцена на столбови. Под таа сцена беа набодени копја со острици. Кога во борбата Лиј ќе победел некого, требало да го фрли од бината врз тие густи исправени копја. Наоколу стоеше незнабожечкиот народ со својот цар и се веселеше, додека некое бедно човечко суштество се виткаше во страшни маки врз копјата, сѐ додека не издивнеше. Меѓу невините жртви имаше и многу христијани. Кога некој ден немаше да се пријави никој, со наредба на царот христијаните беа влечени насилно да се борат со него. Меѓу гледачите имаше и едно христијанско момче, на име Нестор, поучено од свети Димитриј во Светата Вера. Додека го гледаше тоа ужасно незнабожечко веселење, срцето му се кинеше од болка. Затоа ревносно одлучи да излезе на мегдан против џиновскиот Лиј. Прво отиде во темницата кај свети Димитриј, му раскажа сѐ што прави Лиј, го замоли за благослов и молитви, да му помогне да го победи тој немилосрден човекоубиец. Свети Димитриј го благослови, го прекрсти и му прорече дека ќе го победи Лиј, но ќе пострада за Христос. Нестор веднаш дојде во театарот и со силен глас викна:
- Боже Димитриев, помогни ми!
               Потоа излезе на мегдан против Лиј и со Божја помош го совлада, го собори и го фрли врз острите копја, каде што тешкиот џин брзо ја најде смртта. Смртта на Лиј многу го нажали царот и тој веднаш нареди да го обезглават блажениот Нестор. Тоа не го утеши царот, и цел ден и цела ноќ тагуваше за Лиј, а пак кога дозна дека Нестор излегол на мегдан со благослов на Димитриј, веднаш нареди да го убијат со копја, бидејќи и Лиј умрел врз острите копја. Безумниот мачител се залажуваше себе си, сметајќи дека смртта на праведникот и грешникот е подеднаква. Смртта на грешникот е лута, а смртта на праведникот е скапоцена пред Господа. На самнување, на дваесет и шести октомври, војниците влегоа во темницата. Го затекнаа свети Димитриј на молитва и го избодеа со копја. Така исповедникот Христов ја предаде својата чесна и света душа во рацете на својот Господ Христос. Неговото свето тело беше фрлено на земјата и бесчестено. Христијаните тајно го зедоа ноќе и чесно го погребаа. Кога војниците со копја го бодеа свети Димитриј, во темницата беше и неговиот верен слуга Луп, кој ја зеде ризата на својот господар, натопена со неговата чесна крв, а и неговиот прстен го натопи во крвта. Со ризата и прстенот тој правеше многу чуда, исцелувајќи ја секоја болест и истерувајќи ги лошите духови. Гласот за тоа се пронесе по цел Солун и сите болни се собираа кај него. Кога дозна за тоа, Максимијан нареди да го фатат и да му ја отсечат главата. Така блажениот Луп отиде кај Господа по својот господар, во небесните живеалишта.
                 Откако измина долго време и гонењето на христијаните престана, над гробот на свети Димитриј беше изграден мал храм. Во него се случуваа многу чуда и разни болни се исцелуваа од своите болести. Така, еден знаменит велможа од Илирија, на име Леонтиј, тешко болен од неизлечива болест, со вера прибегна кај светиот великомаченик Димитриј. Кога го внесоа во храмот и го положија на местото каде што беа погребани моштите, веднаш се исцели и Му благодареше на Бога и Го славеше неговиот угодник. Како знак на благодарност, Леонтиј реши да изгради голема и прекрасна црква. Затоа првиот мал храм беше срушен. Кога започнаа да ги копаат темелите, ги најдоа моштите на светиот великомаченик потполно целосни и негнилежни. Од нив течеше благомирисно миро и сиот град се исполни со прекрасен мирис. Притоа се собра многу народ и светите мошти со голема радост беа извадени од земјата, при што голем број болни се исцелија со помазувањето од мирото што истекуваше. А Леонтиј, кој повеќе се радуваше на наоѓањето на светите мошти отколку на своето исцеление, набрзо го изгради прекрасниот храм, во име на свети Димитриј. Во него беа положени чесните мошти, во ковчег окован со злато и сребро и украсен со скапоцени камења. Леонтиј купи ниви и лозја и ги подари на новоизградената црква за издржување на нејзините свештенослужители. Кога требаше да се врати во својот крај, Леонтиј намисли да понесе со себе дел од моштите на светителот, за и таму да изгради црква, но свети Димитриј му се јави и му се закани да не се осмелува да земе ни делче од нив. Тогаш Леонтиј ја зеде само плаштаницата облиена со светителовата крв, ја стави во златен ковчег и се упати кон Илирија. По пат се случија многу чуда од таа плаштаница, по молитвите на светиот великомаченик. Така, кога Леонтиј требало да ја премине разбрануваната река, за време на голема и силна бура, тој се преплаши, но му се јави свети Димитриј и му рече:
- Земи го ковчегот со плаштаницата в раце, и не плаши се.
Така сите ја преминаа реката. Во својата татковина изгради велелепна црква и, повикувајќи го со вера името на светиот великомаченик Димитриј, створи многу чуда.

sv.Dimitrij.prekrasno1


              Илирискиот епарх Марин беше тешко болен. Целото тело му беше покриено со рани и гној. Леонтиј го избави од оваа болест со своите молитви, упатени кон свети Димитриј. Исто така тој славно исцели и еден крвоточив, повикувајќи го свети Димитриј. Истера тој и ѓаволи од еден бесомачен, и многу други чуда изврши.
Но, особено многу чуда се случуваа во Солун, каде што почиваа моштите на светиот великомаченик. Така еднаш, во неговата црква се случи пожар, при што најмногу беше оштетен сребрениот свод над моштите на угодникот Божји, односно беше стопен. Тогашниот архиепископ Евсевиј многу се трудеше да го обнови сводот, но немаше доволно сребро, а пак во самата црква имаше сребрен трон, кој од пожарот ни најмалку не беше оштетен. Архиепископот намисли да го претопи за да го обнови сводот, но таа своја намера не ја откри никому. Во тоа време на еден набожен презвитер Димитриј, кој служеше во истата црква, му се јави светиот великомаченик Димитриј и му рече да оди и да му каже на епископот на градот, да не се осмелува да го претопува тронот, кој се наоѓа во неговата црква. Презвитерот Димитриј веднаш отиде кај Евсевиј и му рече да се откаже од својата намера. Архиепископот најпрвин беше многу поразен од неговите зборови, но потоа си помисли дека тој некако дознал за неговата намера и престана да се чуди, па дури и го прекори. По неколку дена тој дури нареди и да му повикаат мајстори. Притоа кај него повторно дојде презвитерот Димитриј и му рече:
- Светиот великомаченик повторно ми се јави на сон мене, грешниот, и ми нареди да ти кажам вака:
- Од љубов кон мене, не претопувај го тронот.
               Архиепископот и овој пат грубо го дочека презвитерот, но сепак не превзеде ништо. Меѓутоа, по извесно време повторно посака да го претопи, но свети Димитриј му се јави на истиот презвитер и му рече:
- Не тагувајте, јас самиот се грижам за мојот храм и за градот. Грижата за тоа препуштете ми ја мене.
Кога го слушна тоа архиепископот повеќе не можеше да ги задржи солзите и им рече на присутните:
- Да почекаме малку, браќа, зашто својата помош ни ја вети самиот угодник Христов.
И не стигна ни да го заврши својот говор, кога дојде еден солунски граѓанин, на име Мина, и со себе донесе седумдесет и пет фунти сребро, и рече:
              - Често свети Димитриј ме избавуваше од опасности, па дури и од смрт ме спаси. Јас одамна сакав да му донесам подарок на својот милостив покровител и прекрасен заштитник. А денес, уште од утрото некој глас ме поттикнува на тоа и ми вели:
- Оди и стори го тоа што одамна имаш намера да го сториш.
               Предавајќи го среброто, Мина изрази желба да се искористи за сводот над гробот на великомаченикот. Потоа се јавија и други солунски граѓани и донесоа сребро. Од тие подароци беше изработен прекрасен свод над гробницата над светиот великомаченик Димитриј. Многупати тој на чудесен начин го спасувал својот град Солун од варварските наезди и опасности. Така, за време на царувањето на Маврикиј, Аварите побараа голем данок од жителите на Византија, но Маврикиј одби да го исполни нивното барање. Тогаш Аварите со силна војска, составена најмногу од Словени, решија да го заземат Солун, познатиот трговски град со огромни богатства. Царот Маврикиј испрати војска во Солун, во кој пред тоа од чума умрел многу народ, та многу се намалил бројот на жителите, а непријателската војска броела околу сто илјади луѓе. Десет дена пред непријателската војска да стигне во Солун, свети Димитриј му се јави на архиепископот Евсевиј и му рече дека на градот му се заканува страшна опасност. Граѓаните мислеа дека непријателот нема толку брзо да стигне, но војската неочекувано се појави недалеку од градските бедеми. И можеше непречено да влезе во градот, ако десницата на Севишниот, по молитвите на свети Димитриј, не ја задржеше недалеку од градот, на необичен начин. Непријателот цела ноќ стоеше под зидините на еден од утврдените манастири, кои се наоѓаа надвор од градот, мислејќи дека тоа е Солун. А кога осамна ја видоа својата грешка и се упатија кон градот. Непријателските одреди веднаш нападнаа, но на градскиот бедем пред очите на сите се појави како вооружен војник свети Димитриј, и првиот непријателски војник, кој се качи, го уби со копјето и го фрли од бедемот. При падот тој ги повлече со себе останатите. Така одеднаш непријателите ги обзеде страв и веднаш отстапија. Но, опсадата не заврши. Всушност, таа допрва почнувала. При погледот на така огромната непријателска војска, жителите ги обзеде очајание и на почетокот сите мислеа дека пропаста на градот е неизбежна. Но, потоа, откако го видоа бегството на непријателот и заштитата на чудесниот Заштитник, се охрабрија и започнаа да се надеваат дека нема да ги остави. Меѓутоа непријателите започнаа да го опседнуваат градот, да довлекуваат оружја, да ги потресуваат темелите на градските бедеми, дожд од стрели и камења фрлаа и како облаци ја помрачуваа дневната светлина. Сета надеж на жителите им беше помошта одозгора, и многу народ се собираше во црквата на свети Димитриј. Во тоа време во градот имаше еден богобојазлив и многу доблесен човек, на име Илустриј. Тој дојде ноќе во црквата на свети Димитриј и во црковниот трем срдечно се молеше на Бога и на неговиот славен великомаченик, да го заштити градот од непријателот, при што одеднаш имаше видение. Видел тој како во црквата дошле две блескави момчиња, слични на царските телохранители. Тоа биле ангели Божји. Ним црковните врати сами им се отвориле и тие влегле во црквата. По нив влегол и     Илустриј, сакајќи да види што ќе биде понатаму. Кога влегле, тие громогласно рекле:
- Каде е господинот, кој живее овде?
И веднаш се појавило трето момче, слично на слуга, и ги прашало:
- За што ви е потребен? Тие одговориле:
- Господ не испрати кај него, да му кажеме нешто.
Покажувајќи кон светителовиот гроб, слугата рекол:
- Таму е.
Тие му рекле:
- Извести го за нас.
Тогаш слугата ја тргнал завесата и свети Димитриј излегол онаков каков што го гледаме на иконите. Но, блескал како сонце, така што Илустриј од страв и од заслепувачкиот блесок не бил во состојба да гледа во него. Дојдените момчиња го поздравиле свети Димитриј, а тој им одговорил:
- Благодатта нека биде со вас! Зошто дојдовте кај мене?
Тие му рекле:
- Господ не испрати кај твојата светост и ти наредува да го оставиш градот и да одиш кај Него, зашто сака да го предаде градот на непријателите.
Од тие зборови светиот великомаченик ја наведнал главата и молчел, леејќи солзи. Слугата им рекол на дојдените:
- Да знаев дека вашето доаѓање ќе го ожалости мојот господар, немаше да го известам за вас.
Тогаш и светиот великомаченик започнал да зборува:
- Така ли Му е угодно на мојот Господ? Така ли сака Владиката на сите и сѐ, градот, искупен со Неговата скапоцена крв, да биде предаден во рацете на непријателите, кои не го знаат Него, и не веруваат во Него, нити Го почитуваат светото име Негово?
На тоа дојдените одговориле:
- Ако не Му е угодно така на нашиот Владика, не би нѐ испратил кај твојата светост.
Тогаш свети Димитриј рекол:
- Браќа, одете и кажете Му на мојот Владика дека Неговиот слуга Димитриј вака рече: Човекољубив Владико Господи, го знам милосрдието Твое. Ги надминува нашите гревови. Дури ни беззаконијата на целиот свет не можат да го надвишат Твоето милосрдие. Ти заради грешниците си ја пролил Својата света крв и Својата душа си ја положил за нас. Затоа јави ја сега милоста Своја и на овој град, и не наредувај ми да го оставам. Ти Самиот ме постави за негов чувар. Дозволи ми да се угледам на Тебе, мојот Владика. Дај ми својата душа да ја положам за жителите на овој град. И ако тие загинат, нека загинам и јас со нив. Господи, не погубувај го градот во кој се повикува светото име Твое. Иако овие луѓе согрешија, тие сепак не отстапија од Тебе. Ти си Бог на оние што се кајат.
Дојдените момчиња го прашале свети Димитриј:
- Така ли да му одговориме на Господ, Кој нѐ испрати?
Светителот рекол:
- Да! Така одговорете Му, браќа, зашто знам дека Господ не се гневи до крај, ниту се лути вечно (Пс. 102, 9).
Откако го рекол тоа, светиот Великомаченик влегол во гробницата и ковчегот се затворил. А Ангелите, кои беседеле со него, станале невидливи.
Сето тоа Илустриј го видел и чул во чудесното и страшно видение. Кога си дојде на себе, тој многу се чудеше, па падна на земјата и Му заблагодари на светиот Великомаченик што се грижи за градот и Го моли Господа, жителите на Солун да не бидат предадени во рацете на непријателот. Утредента тој ги извести своите сограѓани за видението и ги храбреше јуначки да се борат. Тие со солзи повикуваа кон Бога, барајќи милост од Него и помош од свети Димитриј.
Така градот остана недопрен. Непријателот набрзо отстапи посрамен, бидејќи не беше во состојба да го заземе градот, чуван од големиот угодник Божји. Во седмиот ден непријателската опсада без никаква видлива причина престана. Војската панично се разбега и ги расфрла своите шатори и оружје. Наредниот ден некои од побегнатите се вратија и раскажуваа:
- Уште првиот ден од опсадата ние видовме кај вас толку многу заштитници, што далеку ја надминуваа нашата војска. Мислевме дека вашата војска се крие зад бедемите. Таа вчера одеднаш нѐ нападна и ние побегнавме.
Тогаш зачудените граѓани запрашаа кој ја предводел војската, а тие одговорија:
- Ние видовме огнено блескав маж на бел коњ, во облека бела како снег.
Граѓаните на Солун сфатија кој го избркал непријателот. Така свети Димитриј го одбрани својот град.
Кога благочестивиот цар Јустинијан ја изгради во Цариград велелепната и величествена црква „Света Софија“ - премудрост Божја, испрати во Солун чесни луѓе да донесат дел од моштите на свети Димитриј, за украсување и осветување на новоизградената црква. Кога пратениците стигнаа во Солун и му пристапија на чесниот ковчег, ненадејно пламна оган и сите ги опфати. Од огнот се слушна страшен глас:
- Застанете! Не допирајте!
Сите присутни испопаѓаа на земјата од страв. Тогаш пратениците зедоа само малку земја од тоа место, па се вратија кај царот и му раскажаа сѐ што им се случи. Сите беа восхитени. Половината од донесената земја пратениците му ја дадоа на царот, а половината ја ставија во црковната садочуварница.
Должноста на некој млад Онисифор беше да ги пали свеќите и да ги прислужува кандилата во црквата на свети Димитриј. Поттикнуван од ѓаволот, тој започна да краде свеќи и тајно да ги продава, и така да стекнува нечиста добивка. Свети Димитриј не го дотрпе таквото злодело, вршено во неговата црква, му се јави на сон и го прекори благо и човекољубиво, говорејќи:
- Брате Онисифор, непријатно ми е што крадеш свеќи и со тоа им нанесуваш штета на приложниците, а уште повеќе на себе. Сети се дека луѓето што постапуваат така ги очекува осуда. Затоа откажи се од тоа и покај се.
Кога се разбуди, Онисифор се засрами и исплаши. Но, по некое време заборави на светителовиот совет и повторно започна да краде свеќи како порано. И набрзо го стигна казната. Еднаш еден побожен човек стана многу рано, дојде во црквата на свети Димитриј и донесе неколку големи свеќи. Откако ги запали, ги постави кај гробот на светиот великомаченик, се помоли и си замина. Онисифор им пријде на свеќите, ја пружи раката да ги земе, но во тој момент од гробот на светителот се разлеа глас:
- Повторно го правиш истото!
Поразен од овој глас како од гром, Онисифор се струполи на земјата и лежеше како мртов, сѐ додека не наиде еден од клириците и го крена. Беше избезумен од ужас. Кога одвај си дојде на себе, пред сите го исповедаше својот грев, и првото јавување на сон, и второто изобличување од страна на свети Димитриј. Сите се стаписаа од ваквата исповед.
Свети Димитриј ослободи многумина од непријателско ропство. Така еден епископ го фатија варвари и го ставија во окови. Нему му се јави свети Димитриј, го ослободи и го допрати до Солун. Во друга пригода налетаа варвари во околината на Солун и многу луѓе одведоа во ропство. Меѓу робјето имаше и две убави девојки, кои беа одлични везилки. Умееле на гергев да везат разни цветови, дрвја, птици, животни и човечки ликови. Варварите ги одведоа во својата земја и ги поклонија на својот кнез. Кога дозна за нивната везилска уметност, кнезот им рече:
- Слушам дека во вашата земја постои голем бог Димитриј, кој врши големи чуда. Ајде извезете ми го на платно неговиот лик, за и јас да му се поклонам.
Девојките одговорија:
- Кнезу, Димитриј не е бог туку само голем слуга Божји и помошник на христијаните. Нема да го сториме тоа, бидејќи знаеме дека сакаш да го оскверниш, а не да му се поклониш.
Кнезот им рече:
- Во мои раце се и вашиот живот и вашата смрт. Одберете дали ќе ме послушате и ќе останете живи, или ќе одбиете и веднаш ќе бидете погубени.
Исплашени од смртта, робинките започнаа да везат. И во очи на самиот празник на свети Димитриј, кој се празнува на 26 октомври, девојките завршија со везењето. Таа ноќ ги ставија своите глави врз навезаниот лик и започнаа да плачат и говорат:
- Не лути се на нас, маченику Христов. Ние знаеме дека беззакониот кнез сака да го обесчести твојот свет лик. Познато ти е дека не сакавме да го навеземе твојот свет лик, но тоа го сторивме под принуда.
Така плачејќи над светителовиот лик, тие заспаа. И ете, како некогаш ангелот на пророкот Авакум, така сега свети Димитриј, ги зеде овие девојки со својот навезан лик и на чудесен начин ги пренесе во Солун на својот празник, ги остави во црквата кај своите мошти, за време на сеноќното бдение. Од ваквото чудо сите луѓе се восхитија, а девојките се разбудија и воскликнаа:
- Слава Му на Бога. А каде се наоѓаме?
Зачудени, тие долго не можеа да си дојдат на себе и да сфатат дека сето тоа не е сон. Најпосле се уверија дека навистина се во Солун и ја гледаат пред себе гробницата на свет и Димитриј, и стојат во неговата црква со многу народ, кој се моли. Тогаш гласно му принесоа благодарност на својот заштитник и раскажаа сѐ што се случи со нив. А жителите на Солун, израдувани од таквото прекрасно чудо, со голема радост го отпразнуваа празникот на свети Димитриј. Неговиот навезан лик го поставија над олтарот и се случуваа од него многу чудеса, во слава на Бога, Едниот во Троица. Нему слава, чест, благодарење и поклонение за навек. Амин.\


TRT Balkan Macedonian
·



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3141
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7621
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Најново од духовност

Православен календар

 

24/11/2024 - недела

Светите апостоли Ераст, Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј; Светиот маченик Орест; Свети Нон, епископ Илиополски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

О, свети апостоли Христос Спасителотво вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете.За Олимпа...

Тропар на  свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Тропар на свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Изданок од Визант и Егина,заштитниче кој си јавен во последните времиња,миленик на вистинската врлина.Нектарие, те почитуваме,ние верните како богоугоден исцелител...

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная