(25.05.2009)
Зошто унинствуваш, се обезнадежуваш, зошто се изнемоштуваш? Толку ли бргу се откажуваш од борбата? Еве, гледај, Бог им допушти на демоните да имаат влијание за да видиш кај се наоѓаш, за да се појави твојата гордост, за да се смири твоето срце, за да осознаеш дека си човек, за да се спознаеш себеси, да сострадуваш со оние што грешат и воопшто да не ги осудуваш. Како ќе ја спознаеш слабоста на својата природа, ако не те разбудат гавраните? Ако слаткиот Исус не ја повлекува Својата благодат, како ти ќе ја научиш уметноста над сите уметности и науката над сите науки?
Сега ја учиш уметноста. Сега имаш награда. Сега покажуваш дека Го љубиш Христа. Не кога имаш благодат. Каква љубов покажуваш кога е присутна благодатта? Тогаш, таа безгласно повикува за самата себе: „Ава, оче!”
Благодатта го повикува Дарителот на благодатта. Кој може да ме раздели Исусе мој од Твојата љубов, вели благодатта. Силата што живее во тебе преку телесната уста, може, а не телото. Така како што еден демон навредува или хули преку устата на еден демонизиран човек. Телото без благодат не може ништо да стори. Телото без благодат се одрекува од Христа. Петелот пее. Петар се сеќава на реченото. Горко плаче. Повикува – „згрешив”. Но повторно се скрива во поткровјето и се плаши од Јудејците. Срцето му чука како на глушец очекувајќи го мачорот однадвор. Ќе бидам со тебе, му вели, дури и да умрам. Не се откажувам, вели, кога е со него Христос. Но, кога Христос си оди, три пати се одрекува.
Гледаш значи?
Сфаќаш ли колку голема тајна се крие во Словото? Христос нè застапува нас преку Светиот Дух. Заради тоа, кога Тој е присутен добиваме моќ за говорништво. Рибарите – учителствуваат. Блудниците целомудруваат. Крадците не крадат. Сите се покајуваат. Кој го издејствува ова? Единствениот Кој знае! Благиот владетел! Слаткиот Исус! Единствената љубов!
Кога човекот има разбирање за човековата болка? Кога и тој ќе ја почувствува! Кога и самиот ќе помине низ сличен метеж. Тогаш ја осознава и ја сфаќа болката на другиот. Инаку станува крут и нема сожалување спрема никого, освен ако неговата природа не е блага. Но она што го имаме по природа не се удостојува ниту на чест, ниту на бесчестие. Во намерата се и успесите и паѓањата. Значи како ќе ја научиме оваа наука над секое знаење, ако не нè протресе искушението? Бидејќи кога благодатта отстапувам не ти и јас, туку ни светите Апостоли ќе беа Апостоли. Како може калта, глината да ја задржи водата ако не се испече на огин? Бог сака да нè направи такви - како кловнови во театар, или како топка за играње.
Те искачува на небесата. Ти го покажува она што окото на острастениот човек не може да го види, а оној којшто се грижи за вештественото не може да го слушне. И без да згрешиш може да ја сврти страницата и да те фрли во подземјето. И радосен е да тевиди како се бориш со сите демонски полкови. Тогаш, фати се за Павле, а мене остави ме. Кога веќе успеа да се искачиш на третото небо, и кога виде и чу неискажливи нешта, повторно повикуваш „Ми се даде трн во телото…” Тоа го прави Сесилниот сè дотогаш, додека не му овозможи на човекот да се искачува, да созерцува, да се симнува и да страда. Без да реагира на промените. И двете работи, ти вели, се заради Мене.
Ако не си подготвен да страдаш, немој да бараш ни да се искачуваш. Ако не сакаш да трпи таги, ни благодат не барај!
Значи, затоа и ти ја зема благодатта – за да станеш мудар. Но, таа повторно ќе се појави. Не те напушта засекогаш! Тоа е Закон Божји. И пак ќе си отиде. Но пак и ќе дојде. Доволно е да не престанеш да ја бараш. Сè додека не те восоврши!
Познато е дека кога некој острастен поучува друг којшто страда (од страсти), благодатта веднаш се повлекува од првиот, така што и тој паѓа во исти согрешенија.
Острастениот не може да поучува, пред да го стекне практичниот опит. Сепак, не е тоа единствената причина заради која те остави Бог. Благодатта секако ќе се повлечеше во тој временски период.
Не паметиш ли кога на почетокот ти велев – „ова што ми го зборуваш сега, сакам да ми го кажеш и по четири години?” Пронајди ги моите први писма и ќе се увериш. Ова е непроменлив Божји Закон. По три, четири, поретко и по пет години ќе се повлече благодатта, за оној што ја имал предходно да го извежба, и да го направи помудар, секако, ако тој сака.
Значи, немој да се жалостиш. Чашата е заедничка. Прочитај го свети Андреј Јуродивиот заради Христа, за да дознаеш што зборуваше кога Христос го проверуваше. Тоа за сите нас е според мерката на нашата издржливост.
Трпи го јаремот на твојот Христос. Цврсто затворај ја устата и ни збор не проговарај! Охрабрувај се самиот себеси велејќи: “Што се жалостиш душо моја и што очајуваш? Никакво зло не се случи. Си замина Христос само крааткотрајно, но пак ќе дојде. Малку се забавил сакајќи да те научи на смирение и на трпение. Светителите толку многу претрпеа, а ти не си во состојба ни малку да ја потрпиш економијата на благодатта?” Кажи ѝ го ова на твојата душа и не очајувај, бидејќи на твоите искушувачи им причинуваш радост гледајќи те ожалостен и очаен. Кога ќе дојде благодатта, пак ќе те напушти и пак ќе се врати, при што ја учиш борбата, но радувајќи се велиш „Испробај ме, Христе мој, и искушај ме како сребро”. Тогаш ќе пуштиш длабоки корени како дрвјата, коишто колку и да дува ветерот, уште подлабоко се вкоренуваат. Бог ми е сведок дека во големите искушенија најдов поголема утеха. Значи, охрабри се и зајакнувај во Господа претрпувајќи ги искушенијата така што благодатта повторно ќе дојде.
Старец Јосиф Спилеот
Извор: МПЦ
Друго: