(Извадок од 78. и 80. писмо од книгата Изложување на монашкиот опит)
Гледаш ли, драго мое чедо, дека Господ секогаш е со тебе кога ги пазиш Неговите заповеди, додека пак, благоуханиот ангел ги одмерува твоите чекори и сите твои дела.
Кога еднаш ќе Го засакаш Бога, тогаш ќе почнеш и ближниот да го љубиш како самиот себе си.
Слушаш ли, чедо мое, што вели Господ? Кога ти, драго мое дете, копнееш да бидеш од корист на својот брат, и одиш, и му го зборуваш она што го знаеш, кога гориш од желба да му помогнеш, тогаш тоа е љубов кон ближниот: да се љуби братот како самиот себе си.
Колку повеќе копнееш и иташ да им помогнеш на другите, толку повеќе и Бог го отвора пoтокот на љубовта и ја излива врз тебе.
Кога слушаш дека апостол Павле вели: „Кој ќе ме раздели од љубовта“, знај дека тоа не го зборува Павле, туку самата Љубов ја призива љубовта во Павловиот сад. Според тоа, оној кој пребива во љубовта, пребива во Бога и Бог во него, затоа што Бог е љубов (Јн. 4:16). Таму каде што ќе падне таква љубов, таа гори, но не согорува. Жедна е, но таа жед не може да ја задоволи. Срцето пламти од љубов и призива:
„Каде си, слатка моја љубов, Исусе мој, светлост на мојот живот?“ И уште повеќе се распламтува, се’ додека чувствата сосема не се смират.
Според тоа, драго мое чедо, немој да бараш ништо друго освен љубов.
„Удостој ме, Господи, да Те љубам онолку колку што Ти мене ме љубиш!“
И тоа е вистина: колку повеќе настојува човек да им помогне на другите, толку повеќе во него се умножува благодатта Господова, затоа што љубовта е прва и најголема Божја заповед. Љуби Го Господ Бог со сета своја душа и сето свое срце. И другата е слична: Љуби го ближниот свој како самиот себе си. На овие две заповеди се темели целиот Закон и Пророците.
Според тоа, колку некој копнее за спасението на својот брат, толку неговата душа се исполнува со Божја љубов. Голема мера ќе достигнеш и без голем труд и подвиг, затоа што љубовта се’ опфаќа.
Љубовта не се гордее, не се превознесува… не бара свое, не се дразни, не мисли зло (1 Кор. 13:4,5)
Гледаш дека љубовта е сепричесна и дека оној кој ревнува за неа брзо го води до бестрастие? Добро рекол најмилиот Господов ученик: Бог е љубов, и оној кој пребива во љубовта, пребива во Бога и Бог во него (в. 1 Јн 4,8,10-14).
Извор: МаранАта