Од страв кон доверба во Бога.
Кога нема жива и здрава врска со Христос, душата лесно почнува да се исполнува со стравови, предрасуди и суеверија; со уверувања што изгледаат како да ѝ нудат сигурност, но всушност ја држат заробена.
Човекот почнува да се плаши од сè. Дали направил нешто погрешно, дали кажал нешто што не требало, дали „ќе го снајде“ нешто, дали некој знак значи нешто лошо, дали Бог ќе го казни. И без да забележи, наместо да живее во Божјото присуство, почнува да живее во страв од Бога.

Но тоа не е Христовата слобода. Тоа е бескрајна вина што го поробува човекот во една нездрава религиозност, во формализам и морализирање.
Верата што се раѓа од страв не ѝ дозволува на душата да дише. Ја прави сомничaва, исплашена, заробена во правила, „мора“, забрани и надворешни знаци. Човекот престанува да гледа на Бога како на Отец и почнува да Го гледа како строг контролор кој го чека неговиот следен грешен чекор.
Но Христос не дојде да нè направи исплашени луѓе.
Дојде да нè ослободи. Вистинската врска со Бога те прави поискрена личност. Не бара од тебе да го криеш она што си, туку да го исцелиш она што во тебе не е вистинско и да процветаш како човекот што навистина можеш да станеш.
Божјата љубов нема потреба од предрасуди за да постои. Нема потреба од суеверија. Нема потреба секој настан да го толкуваш како закана или казна.
Зашто таму каде што е Христос, нема потреба да живееш во страв.
Има простор да му се радуваш на животот.
Да се смееш.Да љубиш.
Да правиш грешки и повторно да станеш.
Да бидеш свој, без да играш улога за да докажеш дека си „добар“.
Да стоиш пред Бога онаков каков што си – без маски, без страв дека можеби не си доволно добар.
Суштината е човекот да премине од:
„Се плашам дека Бог ќе ме казни“кон:
„Му верувам на Бога дека ме љуби.“И кога човекот навистина ќе ја запознае Христовата љубов, тогаш постепено престанува насекаде да бара знаци од кои треба да се плаши.
И почнува насекаде да гледа причини да љуби, да расте, да чувствува, да Му благодари на Бога, да се смирува, да се надева, да учи и – да живее.
Архимандрит Павел Пападопулос/ подготвил С.Стефковски
11.08.2026