
Нашиот однос со свештеникот не треба да биде еднонасочен.
Не е само тој што се моли за нас, туку и ние сме повикани да се молиме за него. Не е само тој што нè утешува, туку и ние можеме да му упатиме збор на љубов и охрабрување. Не е само тој што нè подига кога ќе паднеме, туку и ние, со својата деликатност и разбирање, можеме да му дадеме сила да продолжи понатаму.
Свештенството е дар и служење. Тоа е посебен повик и одговорност чија големина не се мери само според она што го гледаме дека се извршува пред Светиот Престол и во храмот, туку и според сето она што тивко го носи човекот кој стои зад него. Зашто и свештеникот, иако е носител на овој голем дар, останува човек кој чекори по својот животен пат, се подвизува, паѓа и станува, исто како сите нас.
Целта не е да престанеме да го гледаме свештеникот како служител на Светите Тајни, туку да научиме да го гледаме и како човек. Да не бараме од него да биде неуморен, безгрешен и секогаш силен, туку да му „дозволиме“ да биде човек. Да не забораваме дека љубовта кон свештеникот не значи негово идеализирање, ниту оправдување на секоја негова грешка. Таа значи почит, расудување, простување и искрена грижа, покажана на дело.
Зашто Црквата не е заедница на луѓе кои бараат само да бидат сакани, туку семејство во кое учиме да се сакаме едни со други.
Можеби е потребно малку подлабоко да го преиспитаме и нашиот однос со свештеникот. Да не го бараме само тогаш кога ни треба „бесплатен психолог“ што ќе ги ислуша нашите проблеми, исповедник што ќе нè насочи, човек што ќе нè поддржи во тешките мигови или, пак, некој што ќе ни помогне во материјалните и финансиските потреби.
Се разбира, сето тоа може да биде дел од неговото служење, но свештеникот не се исцрпува во улогите што ние му ги доделуваме, ниту неговата вредност се мери според она што може да ни го даде. Неговата улога е многу подлабока: тој е наш духовен отец.
А односот меѓу татко и дете не е однос на размена, во кој се сеќаваме на другиот само кога ни е потребен, туку однос на доверба, љубов, почит и заемна одговорност.
Затоа, да научиме во свештеникот да го гледаме не само оној што е повикан да биде покрај нас, туку и човек со кого заедно чекориме во истото црковно семејство. Да нè интересира не само дали е достапен за нас, туку и дали тој самиот е добро. Да можеме да му пријдеме и без да бараме нешто од него, да му упатиме убав збор без да очекуваме нешто за возврат, да ја споделуваме со него не само нашата потреба, туку и нашата љубов.
Зашто духовниот отец не е човек кој постои само за да ги пополнува празнините во нашиот живот. Тој е човек што нè придружува на патот на верата и спасението, а и самиот има потреба да почувствува дека е дел од семејство кое се грижи за него.
Под свештеничката мантија, значи, нема човек поинаков од нас. Таму е нашиот брат. Човек на кому му е потребна истата љубов по која копнееме и ние.
Сепак, во сето ова не треба да заборавиме колку е голем и свет дарот на свештенството за животот на верните. Свештенството не е обична установа, ниту човечко звање, туку бесценет Божји дар преку кој се служат Светите Тајни, се пренесува Неговата благодат и човекот се среќава со Христос во светотаинскиот живот на Црквата.
Христијанинот го почитува свештенството, го почитува свештеникот и го препознава неговото незаменливо служење, не затоа што свештеникот е безгрешен или над другите луѓе, туку затоа што преку своето служење учествува во дело што не е негово, туку Божјо.
Нам ни е потребно свештенството затоа што ни се потребни Светите Тајни, Светата Евхаристија, исповедта, Крштението, Миропомазанието, благословот и присуството на Божјата благодат во нашиот живот.
Свештенството не е само неопходно за правилното функционирање на една парохија; тоа е неразделно поврзано со светотаинскиот живот и со патот на Црквата кон спасението. Токму затоа, почитта кон свештенството не ја исклучува човечката страна на свештеникот, туку ни помага уште подлабоко да ја разбереме големината на служењето што Бог му го доверил.
А најубавиот начин да го почитуваме свештенството е да го засакаме човекот кој му служи.
Архимандрит Павел Пападопулос / подготви Симеон Стефковски
25.11.2026
pp























