Ве известуваме дека на 02.10.2017, со почеток од 20 часот, во Клуб-ресторанот МКЦ ќе се одржи промоција на книгата „Синот-риба (Ситуации)“ од реномираниот македонски писател Александар Прокопиев, во издание на издавачката куќа Авант прес од Скопје. Книгата ќе ја промовираат Владимир Јанковски и Славчо Ковилоски, а одломки од книгата ќе чита актерката Владанка Димковска. На промоцијата ексклузивно ќе настапи и музичкото дуо Инкогнито.
„Синот-риба (Ситуации)“ содржи педесетина, главно куси-куси раскази, во кои авторот го продолжува својот интерес за пишување во оваа, во последно време сѐ попопуларна форма. Инаку, Прокопиев уште од своите први книжевни остварување – „Младиот мајстор на играта“, „...или...“ и „Пловидба кон југ“ – се легитимираше како автор кој е исклучително заинтересиран за оваа специфична книжевна форма.
Неколку врвни книжевни критичари од Балканот веќе напишаа кртички осврт кон книгата на Прокопиев:
Го замислувам како сопственик на тесно дуќанче, некаде во старата скопска чаршија, како од утро до раната квечерина мајсторисува внатре, се занимава со својата работа и занает, за кој што обичните луѓе не се грижат премногу, зашто не ни знаат што внатре, во тој дуќан, се случува... Јас него го гледам во сина мајсторска престилка, каллива од земјата низ која поминале неговите јунаци и црн од маста што извира од неговата старинска машина за пишување. Како се занимава со својот величествен занает. Едно утро, тоа ќе биде понеделник, во скопската чаршија ќе стапнат Борхес и Бруно Шулц за да го побараат дуќанот на Сашо. Ќе ги прашуваат луѓето каде се наоѓа. Никој нема да знае, па до дуќанот ќе дојдат движејќи се по една многу долга пајакова нишка. Ова е книга што маѓионичарот писател им ја пишува на своите читатели маѓионичари. Додека ги читате неговите раскази, станувате свесни за своите сопствени, за кои не сте знаеле дека постојат. Чудо, ви велам.
Миљенко Јерговиќ, писател и книжевен критичар, Р. Хрватска
Знам дека во Скопје се е можно - еднаш, при една куса посета, во старата чаршија го сретнав Том Стопард лично. Во старата чаршија, еден од ликовите на Прокопиев речиси го сретнува Чехов. Такви се овие раскази - со чувство за секојдневно чудо, со луцидни сништа и толкување на туѓи сништа, со постојани изненадувања, но и спокојство, дека секогаш сме тука, но и некаде другаде.
Георги Господинов, писател и книжевен критичар, Р. Бугарија
Александар Прокопиев, со својата проза, нас не забавува. Поигрувајќи се со создавањето, тој одново пресоздава приказна. Поседува сопствено плетиво, остварува сопствен прозен вез. По неговата трага не може никој да појде. Другите, помлади писатели, не ги советува како да пристапуваат кон пишувањето најкуси прози. Тоа, или се знае, или неповратно не се умее. Неговото упатство за другите, единствено би било возможно - како антиупатство. Не се огледувајте на мене! Не се огледувајте на никого! Ниту на Чехов, ниту на Мопасан, ниту на По, ниту на Кафка, ниту на Борхес ни на Хармс! Огледајте се, единствено - ако веќе морате на некого да се огледате - на внатрешното, на себе. Тогаш, и само тогаш, ќе бидете приказна.
Душан Стојковиќ, книжевен критичар, Р. Србија