Старец Јосиф Исихаст
Како да се спасат душите...по тоа копнеам, тоа е оган во моето срце, божествената љубов во мене, со која постојано горам.
Не плаши се од болест, дури и кога си на работ на смртта. Бидејќи Бог е постојано присутен, зошто да се грижиш. „Во Него живееме и се движиме“.
Нашето страдание е во неговата прегратка, со
Бога дишеме, Бог нè окружува, Го допираме Бога,
таинствено го вкусуваме Бога. Каде и да се свртиме,
каде и да погледнеме, Бог е секаде: на Небото, на
земјата, во бездната, во шумата, во каменот, во
твојот ум, во твоето срце. Не гледа ли Он што трпиш
ти? Колку страдаш? Пожали Му се и ќе видиш... ќе
добиеш исцеление и во душата и во телото.
Засега живеам во пештера. Имам прекрасно
спокојство. Јас сум најсреќниот човек, бидејќи
живеам безгрижно и постојано се засладувам
со медот на безмолвието. А кога ќе се повлече
благодатта само малку, тихувањето доаѓа како втора
благодат и ме заштитува во своето пристаниште.
И така, болката и тагата во овој заморен живот
изгледаат помалку важни. Во сегашниот живот, сè
до последниот здив, тагата секогаш доаѓа измешана
со радост.
Ако Божјата благодат не го просвети човекот,
можеш да зборуваш колку што сакаш, но тоа нема
да ти биде од корист. Човекот те слуша за миг,
но наскоро му се враќа на она што го привлекува.
Сепак, ако благодатта дејствува веднаш, заедно
со твоите зборови, тогаш се случува моментална
промена, според наклоностите на тој човек. Од тој
миг неговиот живот се менува. Тоа се случува со
оние чии слух и совест не се закоравени. Спротивно
пак, ако и ден и ноќ им зборуваш на оние кои
слушаат за доброто, но не слушаат и си остануваат
со своите зли намери, дури и ако им ја дадеш
мудроста на Отците, и ако направиш чуда пред
нивните очи, го свртиш и целиот тек на Нил кон нив,
тие нема да имаат корист од тоа.
Запрашај се, има ли вера во тебе или, можеби
те води световната мудрост? Но, ако си ставаш
во рацете Божји, ќе видиш, си стекнал вера, и
несомнено, без прашања, Бог ќе ти помогне. И
така, дури и ако сатаната безброј пати те искушува
да ја напуштиш верата, согласи се подобро илјада
пати да умреш, отколку да ја послушаш световната
мудрост. Така пред тебе ќе се отворат таинствените
двери и ќе се зачудиш како претходно си бил врзан
со синџирите на световната мудрост. Тогаш ќе
полеташ со божествените крилја над земјата и ќе
вдишуваш нов воздух на слободата, од кои, секако,
другите се лишени. Сепак, ако согледаш дека се
управуваш според сопствената мудрост, и ако во
најмала опасност губиш надеж и очајуваш, сè уште
не си стекнал вера, а со тоа и надеж во Бога.
Ниту една жртва не е толку угодна пред очите
Божји како телесната чистота, која се постигнува со
крв и со голема борба.
Земјоделецот ја ора нивата, ја чисти, ја сее
и чека милост Божја. Ако Бог не испрати дожд и
поволен ветер кога му се потребни, макотрпната
работа е залудна. Исто е и со нас. Ако Бог не ни ја
испрати благодатната вода на очистување, лишени
сме од плодовите, а нашата работа им станува храна
на демоните, бидејќи ги привлековме со своите
страсти и ништо нема да ожнееме. Не смееме да
заборавиме дека, ниту доблесните дела, доколку не
се направени од вистинска причина, стануваат зли.
(Против мрачните сили) не се бориме со
колачиња и со алва, туку со солзи, душевна болка
до смрт, крајно смирение, големо трпение и
непрестајна молитва.
Непријателот е утврден и целосно наоружан
во сите три места од кои е составен човекот: во
душата, во телото и во околината. Не ја пропушта
можноста да го притиска човекот и да ја испитува
неговата вера. Ѓаволот, според секоја околност,
напаѓа и се спротивставува на нашата одлука.
Сепак, негова главна цел е да ни ја повреди душата
и да го понижи човекот како предавник и како оној
што се одрекува. Ако успее во ова, ја намалува
желбата на човекот и неговата ревност. Сето тоа
се случува заради верата, но во исто време, со
верата си се потврдува. Ако верата е разнишана, си
трепери и линијата на фронтот се повлекува.
Помагањето на другите, давањето милостина и
сите други надворешни добри дела, не го смируваат
злобното срце. Но, смиреноумието, болката на
покајанието и скршената волја го смируваат духот
на гордоста.
Има такви, чија душа е мека и нив е лесно да
ги убедиш. Има такви чија душа е тврда и тие тешко
се согласуваат. Помеѓу нив има голема разлика,
како помеѓу памук и железо. На памукот му е
потребно само помазание со зборови, на железото
му е потребен оган и печка на искушенија за да се
работи со него. Човекот што има цврст карактер,
мора да има трпение во искушенијата за да дојде до
очистување. Ако не е трпелив, тој е како светилка
без масло, бргу се гаси и се губи.
Кога умот ќе стекне молитва и човекот ќе
почувствува радост од тоа, тогаш молитвата ќе
почне сама да тече, без човековиот напор. Кога
човекот јаде, оди, спие или се буди, во него
одекнува молитвата и тој е во мир и во радост. Кога
енергијата на молитвата долго трае, во човекот
настанува Рај. Ослободен е од страстите и станува
друг човек... Види, види! Потоа молитвената радост
станува неопишлива.
Молитвата без внимание и трезвеност е
губење на време, борба без награда. Мора да
бидеме внимателни над нашите сетила, внатрешни
и надворешни, бидејќи без внимание, умот и
душевните сили се расејуваат кон суета и обични
работи, како што непотребната вода истекува на
улица. Никој не може да се вознесе на висина,
ако не ги презрел долните работи. Често кога се
молиме, умот ни бега од една на друга работа, каде
што сака и по она што по навика го привлекува.
Заради тоа е потребно да се присилиме да го
собереме умот и со внимание да ги кажуваме
зборовите на молитвата.
Умот ја храни душата и што и да чуе или да
види, добро или лошо, пренесува во срцето, во
центарот на човековите духовни и телесни сили.
Пред искушението да има можност да ти го
привлече умот со помисла, уништи ја со молитва. Не
давај му да влезе!
Бегај од зли помисли како од оган, не
забележувај ги воопшто, за да не се вкоренат во
тебе; не очајувај, зашто Бог е голем и им простува
на грешниците. Кога ќе згрешиш, покај се и присили
се да не грешиш повторно.
Преку самопознание христијанинот станува
помудар од другите луѓе. Во исто време, тој го
развива смирението и од Господа прима благодат.
Она што не даваме да го користи Бог, други ќе
го користат. Бог ни ја даде заповедта да сакаме со
сето срце и душа, за лукавиот да не најде во нас
место за покој.
Кога благодатта дејствува во душата на оној
што се моли, љубовта Божја ја преплавува душата
до таа мерка, што тој не може да го поднесе својот
опит. Потоа со љубов се однесува кон светот и кон
човечкиот род, кого толку го сака, што бара на
себе да ги превземе сето човечко страдание и тага,
само за да ги ослободи страдалниците. Сострадува
со секого што е во тага и неволја, дури и со
бесловесните ѕверови, плачејќи кога ќе помисли на
нивното страдание. Тоа и е својствено на љубовта,
на која молитвата и дава сила и вдахновение.
Заради тоа, оние што ѝ се посветиле на молитвата,
никогаш не престануваат да се застапуваат за
целиот свет. Колку и да звучи чудно и смело, овие
луѓе заслужуваат да им се продолжи животот
(светски). Знај, ако таквите луѓе престанат да
постојат, доаѓа крај на светот.
Кога некој твој познаник, кој те осудува и те
искушува, е присутен, речиси е невозможно тој
да не ти пречи, колку и да се трудиш. Кога ќе му
простиш и ќе се помолиш за него, ќе се опоравиш од
тагата и жалоста.
Почеток на патот кон вистинската молитва
е борбата против страстите. Невозможно е да
се напредува во молитвата, сè додека постојат
страстите. Наспроти тоа, присуството на
молитвената благодат нема да престане сè додека
човекот не е немарен или горделив.
Не гледаш како со секоја изговорена молитва
многу демони паѓаат и отстапуваат. Само гледаш
како ти си ранет. Знај дека и тие се претепани и
дека бегаат. Секогаш кога ќе покажеме трпение, тие
скокаат и бегаат, а со секоја молитва сериозно се
ранети. Така, во војна, не очекувај дека, додека ти
пукаш со куршуми, тие да ти возвраќаат со алва и со
чоколадо.
Дејствувачка љубов без потчинетост не постои.
Како можеш да сакаш и да служиш, ако најпрво
не се потчиниш на нечија волја? Секе движење на
дејствувачката љубов е служење и така, оние што
слушаат служат на два начина. Од една страна ја
покажуваат својата вера во оној што заповедува, а
од друга, ја покажуваат својата љубов со ревносна
служба.
Кога некој би сакал да живее со мене, ќе ги слушне моите молитви и воздишки и ќе ги види солзите што ги пролевам за сите мои браќа. Цели ноќи се молам и извикувам: „Господи, спаси ги сите мои браќа, или и мене избриши ме! Не сакам да бидам сам во Рајот!“
2025
fbHristijanski Braka