Културното наследство во фокусот
Со отворање изложба на слики од меЃународниот кокурс со тема од културното наследство на Европа, утре напладне во Музејот на Македонија ќе биде означен почетокот на манифестацијата „Европски денови на културното наследство“, која ќе трае до први октомври. Манифестацијата, чија годинешна тема е „Културното наследство на дваесеттиот век“ и која опфаќа изложби, посета на археолошки локалитети и едукативни програми, се одвива паралелно во сите европски земји. Во реализација на манифестацијата се вклучени 15 домашни музеи и заводи. Влезот за сите случувања е слободен.
- Целта на овој проект, кој првпат почна да се реализира пред десет години, е да се сврти вниманието на јавноста кон културното и природното наследство на Европа, со што би се добила целосна слика за добрата на европскиот континент - вели Нада Андоновска од Музеј на Македонија. Кај нас, само во главниот град, се предвидени повеќе интересни настани. Музејот на Македонија и Завод и музеј во Прилеп, на пример, задутре организираат посета на манастирот „Трескавец“, каде што се во тек обемни археолошки ископувања. На 29 септември, пак, во салата на Музејот на Македонија ќе бидат прикажани етнолошки и археолошки филмови, меѓу кои документарен филм за населбата Тумба Маџари од Воислав Санев и документарец за астрономската опсерваторија Кокино. НУБ „Свети Климент Охридски“ се вклучува во програмата со презентација на ретки дела од библиотечното културно наследство. Во манифестацијата учествува и Природно-научниот музеј од Скопје, каде што ќе биде отворена изложба на ретки инсекти присутни само на ова поднебје. - По течението на реките Треска и Вардар има 200 различни видови пеперутки, некои со големина од 12 сантиметри, кои ги нема на ниту едно друго место во Европа - вели Владимир Крпач од Природно-научниот музеј на Скопје, презентирајќи го проектот со кој Музејот се вклучува во европските денови на културно наследство. На завршницата на манифестацијата, на крајот од месецов, првпат кај нас ќе биде отворен првиот Детски музејски клуб, наменет за помладите генерации кои сакаат да научат нешто повеќе за културните реткости на својата земја. И во другите градови низ Македонија ќе биде одбележан Денот на европското културно наследство. Така, едукативни активности и прошетки ќе се организираат на локалитетите Вардарски рид во Гевгелија и на Исар кај Штип. Во Охрид, пак, ќе се разгледува архитектура од дваесеттиот век, а во Ресен е организирана посета на Голем Град и на селата Љубојно и Брајчино.
Деновите на Европското културно наследство, од 1991 година ги организира Советот на Европа и Европската унија.
К.А.- Време