СО ДОГРАДБАТА НА НУБ СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ
Македонија дел од светската дигитална библиотека
Новата дигитална библиотека претставува врв во презентацијата, заштитата и користењето на богатото национално книжевно наследство во европски рамки. Македонија има обврска да ги отвори своите ризници и да му ги претстави на светот културните богатства, вели министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска
Проектот "Дигитална библиотека на Македонија" - доградба на Националната и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски" - Скопје, ќе биде промовиран в недела, на празникот "Свети Кирил и Методиј".
Како промотори се најавени премиерот Никола Груевски и министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска.
- НУБ е храм на колективната меморија на македонскиот народ. Новата дигитална библиотека претставува врв во презентацијата, заштитата и користењето на богатото национално книжевно наследство во европски рамки. Македонија има обврска да ги отвори своите ризници и да му ги претстави на светот културните богатства, потенцира Канческа-Милевска.
Таа додава дека реализацијата на овој објект е од извонредно значење, бидејќи ќе се реши проблемот со сместување на библиотечниот фонд од илјадници книги и книжевни дела со непроценлива вредност.
- Со овој проект, покрај верификацијата на вредноста на националното културно богатство, на пошироката јавност ќе и се отвори можноста да ги опсервира и вреднува светските научни дострели, додава Канческа-Милевска.
Во новиот објект "Дигитална библиотека на Македонија" ќе бидат сместени: Центарот за дигитализација на книжно наследство, виртуелната библиотека на Македонија и автоматизираната национална библиографска база во рамките на ЦОБИСС системот на Македонија, сите специјализирани збирки. Со проектот се предвидува секој корисник да има свој компјутер.
Важно е што со почнувањето на дигитализацијата според меѓународните стандарди ќе се овозможи постапно да се реализира дигитализацијата на целокупното богатство што се чува во НУБ и тоа да стане дел од Европската и Светската дигитална библиотека.
Поставувањето на камен-темелникот за доградбата се случи на 11 април 2008 г. Од Министерството објаснуваат и дека заради нестабилното тло, биле потребни дополнителни геомеханички испитувања. "Тоа, пак, придонесе да се изгради уште едно депо, со што се зголеми сместувачкиот/магацински простор за доплнителни 700 м2. Просторот на располагање е 3300 м2", објаснуваат од Министеството.
Објектот го проектираше проф. арх. Петар Муличковски, кој е автор и на постоечката зграда.