Делата ќе бидат претставени во Даут-пашин амам во октомври, во рамките на одбележувањето на јубилејните 150 години од неговото раѓање
Две новооткриени дела од последниот македонски зограф, Димитар Андонов-Папрадишки, ќе бидат изложени во октомври во Даут-пашиниот амам во Скопје. Досега непознатите слики ќе бидат претставени заедно со други дела од Папрадишки кои се дел колекцијата на Националната галерија на Македонија, во рамките на одбележувањето на јубилејните 150 години од неговото раѓање. Иако јубилејот не е спомнат во Годишната програма за остварување национален интерес во културата, од Министерството за култура велат дека за овој значаен јубилеј веќе се одвоени пари.
Кустосите во Даут-пашиниот амам веќе ја подготвуваат изложбата со која ќе биде одбележана годишнината. Сепак, се појавија недоразбирања на релација Национална галерија и Министерство за култура во поглед на финансирањето на јубилејот. Маја Крстевска, директорка на Галеријата вели дека планираат да ја отворат изложбата во октомври. Деновиве до Министерството поднеле барање за најдостоинствено одбележување на јубилејот.
- Ќе поднесеме дополнителни барања до ресорното министерството каде што има расположение да се изведе овој проект. Во меѓувреме сите подготовки за изложбата се завршени. Се надевам дека Министерството за култура ќе ни одобри пари. Можно е да организираме и научен симпозиум за животот и творештвото на Папрадишки - вели Крстевска.
НЕДОРАЗБИРАЊЕ
Од Министерството објаснуваат дека целата работа одела преку националната програма за одбележување значајни настани и истакнати личности што ја донесува собраниската комисија за култура.
- Министерството за култура годинава одобри 150.000 денари за одбележување на јубилејот. Националната галерија на Македонија треба само да си ги побара парите - објаснува Анита Јованоска, портпарол во Министерството за култура.
Собранието на Република Македонија уште минатата година ја донесе националната програма за одбележување значајни настани и истакнати личности за 2009 година, објаснува Оливер Шамбевски, претседател на собраниската комисија за култура. Тој додава дека општината Велес заедно со Националната галерија на Македонија треба да формираат одбор за одбележување на 150 години од раѓањето на Папрадишки.
- Тие треба да подготват програма и да аплицираат за средства до соодветниот извор за финансии. Во случајот тоа се општината Велес и Министерството за култура. Програмата засега се исполнува со задоволително темпо. Верувам дека штом ќе се заврши овој дел од процедурата на најдостоинствен начин ќе биде одбележан овој значаен јубилеј - рече Шамбевски.
ПАПРАДИШКИ НА МАРКА
Спасе Перовски, директор на Музејот во Велес, вели дека уште лани со Националната галерија го договарале одбележувањето на јубилејот.
- Тие ја презедоа обврската бидејќи речиси сите негови дела се во Даут-пашин амам. Ние имаме само две дела од Папрадишки и немаме материјал за организирање изложба - вели Перовски.
Изложба, сепак ќе има и на неа ќе бидат изложени и две нови дела од познатиот уметник. Поставката во Даут-пашин амам ја подготвува Славица Алексоска, виш кустос. Таа вели дека за подготовка на проектот не им требаат пари. Ќе им требаат подоцна за транспорт на делата и за евентуалната подготовка на монографијата.
- Засега сме сигурни дека имаме две новооткриени дела од Папрадишки, за едно се двоумиме меѓу Зографски и Папрадишки. Пред 4-5 години правевме ретроспектива на творештвото на Папрадишки, која беше проследена со добра монографија. Веројатно сега само ќе го дополниме тоа издание, за да се внесат новооткриените дела - вели Алексоска. Во рамките на одбележувањето на јубилејот со Македонска пошта веќе е договорено да се отпечати марка со ликот на Папрадишки.
Последниот зограф
Димитар Андонов-Папрадишки (1859-1954) е последниот македонски зограф и првиот македонски профан (нерелигиозен) сликар кој ги поставил темелите на западното сликарство во земјата. Познат е и како историски сликар и портретист.
Роден е во велешкото село Папрадиште. На 20 години веќе бил самостоен во зографската работа. Ја посетувал Художествената-иконографска школа во Киев, а студирал на престижната Московска академија. Се вратил дома и се вклучил во зографските работи на татко му на црквите во Гевгелиско и во Дојранско. Неговиот сликарски талент дошол до израз. Татко му му ја препуштил работата зашто увидел дека синот го надминал.
Во својот долг и плоден творечки живот насликал повеќе од 1200 икони за стотина цркви во Македонија и во Србија. Се смета за еден од најпродуктивните наши зографи. Неговиот ангажман во профаното сликарство го издига на пидесталот како последен македонски зограф и прв современ сликар во поновата македонска уметност.
Весна Ивановска