Почитувани,
Ве известуваме дека во вторник, 27 октомври 2009 година во 20.00 часот, во просториите на Националната галерија на Македонија-објект Чифте амам ќе биде отворена ретроспективната изложба на академскиот сликар м-р Јован Петров.
Јован Петров е роден на 15 јуни 1936 година во село Бегниште, Тиквешко. Дипломирал на Акдемијата за ликовна уметност во Љубљана во 1961 година, во класата на професорите Божидар Јакац, Рико Дебењак, Славко Пенгов и Гојмир Кос. Во 1965 година станува член на Друштвото на ликовните уметници на Словенија со кои излага во Љубљана, Грац и Милано. Истата година се запишува на постдипломски студии на конзрваторскиот оддел, повторно на Академијата за ликовна уметност во Љубљана, каде работи на конзрвација и реставтација на уметнички дела создадени во разновидни сликарски техники, како и на испитување на материјалите од кои истите се создадени.
По завршувањето на постдипломските студии Петров се враќа во Македонија и се вработува како конзерватор во РЗЗСК, Скопје. Во 1969 година станал член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и учествувал на сите изложби организирани од страна на Друштвото.
Во 1977-78 година, како стипендист на Министерството за културни и амбиентални добра на Италија (Министеро деи бени цултурали е амбиентали), речиси две години (1977-78) се обучувал во научно-истражувачките лаборатории на Централниот институт за реставрација (Институти централе дел рестауро) . Овде имал можност да ги продлабочи своите сознанија за научно-истражувачката работа и проблематиката на конзерваторско-рествраторското поле.
Јован Петров е еден од ретките уметници во Македонија чие ликовно творештво се движи паралелно со неговата неуморна работа како конзерватор на иконопис, живопис и мозаик, во повеќе цркви, манастири и археолошки локалитети во Македонија и надвор од неа (Италија, Црна Гора). Дисциплиниран по природа и исполнет со професионално чувство за одговорност кон својата професија, конзерваторот Јован Петров оживеал многу светители во нашите цркви и манастири, како и многу зачајни дела (портрети и пејзажи) на нашите сликари од постарата генерација: Ѓорѓи Зографски, Димитар Андонов Папрадишки, Никола Мартиноски...
Творештвото на сликарот Јован Петров претставува обемен и интересен творечки опус во целокупната македонска современа ликовна уметност чија валоризација заслужува посебно внимание. Тој им припаѓа на оној вид ликовни уметници за кои уметноста претставува хумана мисија преку која се оплеменува човечкиот дух. Петров истовремено е сликар и научник-истражувач кој со помош на платното и бојата се обидува да навлезе во ,,суштината на нештата,, а неговата творечка енергија во сите овие сегменти предизвикува восхит и емоции.
Неговата уметност се развивала константно со скалден и логичен континуитет во кој секоја идеја е длабоко истражувана и анализирана. Низ целокупното негово творештво видлив е искрениот обид, на сосема личен начин, преку симболи, да се искаже едно посебно чувство за светот (времето минато, времето во кое живееме и времето идно), специфична уметничка мисла и сосема лична ликовна поетика.
Согледан од сите овие аспекти, ликовниот опус на Петров претставува извонреден придонес во современата македонска уметност, а неговата работа на полето на конзервацијата огромен придонес во зачувувањето на македонското културно наследство.
На изложбата ќе бидат презентирани повеќе од 200 дела (цртежи, слики, аварели и графики) од сите развојни фази на неговото творештво, а ќе биде отпечатен и монографски каталог посветен на животот и творештвото на Јован Петров. Изложбата ќе биде отворена до 11 ноември 2009 година.
Со почит,
Национална галерија на Македонија
Маја Крстевска, директор