Книги од Елфире Јелинек, Харолд Пинтер, Орхан Памук, Дорис Лесинг, Ј.М.Кутси и од уште осумдесетина светски добитници на Нобеловата награда за литература ќе бидат промовирани утре (недела) во 13.30 часот во Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.
Книгите се дел од проектот за превод на делата од авторите-нобеловци на македонски јазик. За проектот и за преведените дела ќе зборуваат премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, како и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Георги Старделов и претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Раде Силјан.
- Со реализацијата на овој книжевен проект се пополнува празнина во македонската култура и литература и се фаќа чекор со развиените култури и литератури од Европа и од светот, додека читателите, на македонски јазик, ќе го добијат највредното создавано во светот на литературата во последните сто години. Делата на добитниците на ова највисоко литературно признание трајно се вградуваат во нашата култура и претставуваат своевиден репер за натамошниот развој на литературата - велат од ресорното министерство.
Редакцијата на проектот ја сочинуваат авторите Санде Стојчевски, Фахри Каја, академик Влада Урошевиќ, Миле Бошески, Веле Смилевски, Раде Силјан, Халил Зендели, Бранко Цветкоски, Нермин Адеми и Шкелзен Халими. Изданијата, по промоцијата, ќе бидат достапни до читателите во библиотеките, а во книжарниците ќе се продаваат и во комплет и поединечно. (Т.О.)