На 20 мај 2010 (четврток), во 20.00 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, ќе се отвори изложба на Ели Аиноска под наслов Двојно кодирање.
Изложбата насловена Двојно кодирање на младата уметница Ели Аиноска претставува сложен спој на повеќе уметнички медиуми, преку интересно современо и урбано естетско доживување пред се на графиката, фотографијата, скулптурата, архитектурата, дизајнот... На изложбата ќе бидат претставени 17 дела, од кои 13 објекти поставени во простор и 4 ѕидни.
Принципот на двојното кодирање е основа на концептот на изложбата, а самиот термин “двојно кодирање” не е нов во историјата на уметноста. Присутен од антиката, принципот на двојното кодирање претставува најчеста “состојка” на денешната уметност. За конкретната постапка постојат повеќе референци, при што таа генерално се дефинира како синергија помеѓу две независни уметнички дисциплини, на пример скулптурата и архитектурата, графиката и скулптурата, дизајнот и фотографијата, или пак на техниката и естетиката..., при што Ели Аиноска ја интерпретира на сопствен начин и и дава ново значење. Постоечките дефиниции се надоврзуваат на ставот на авторката дека ликовната уметност денес не егзистира сама, а играта и експериментирањето со комбинациите на “двојните кодирања” е провокација за истражување и опфаќање на нови хоризонти на естетско доживување на уметничкото дело.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија. Изложбата ќе биде отворена до 31 мај 2010 година.
Со почит,
Национална галерија на Македонија