Скопје, 18 мај 2010 (МИА) - Ректоратот при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, по повод одбележувањето на патрониот ден 24 Мај, денот на сесловенските просветители денеска и утре организира низа свечености, кои ќе бидат заокружени со свечена академија.
На свечената академија утревечер во Македонската опера и балет, покрај ректорот Велимир Стојковски, ќе се обратат и претседателот на државата Ѓорге Иванов и министерот за образование и наука Никола Тодоров. Ќе говори и претседателот на СПУКМ Иван Живковски, а ќе следи и културно-уметничка програма со традиционална македонска музика во современ аранжман во изведба на студенти и дипломци при Факултетот за музичка уметност на Универзитетот.
Според програмата, на свеченост во аулата на Ректоратот денеска, пак, на најдобро дипломираните студенти во академската 2008/2009 година ќе им бидат доделени награди, а на пензионирани наставно - научни работници ќе им бидат врачени повелби. Вечер со почеток во 20 часот концерт ќе одржи Академското културно - уметничко друштво „Мирче Ацев“.
Утре во универзитетскиот кампус ќе се одржи молебен посветен на браќата Кирил и Методиј со кој ќе чиноначелствува архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а ќе биде положено и цвеќе пред споменикот на светите браќа.
Според програмата, ќе следи доделување плакети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на звањето почесен професор на Универзитетот на професор д-р Пламен Легкоступ, ректор на истоимениот Универзитетот во Велико Трново, Бугарија. Предвидена е и пригодна уметничка програма со настап на македонскиот византиски хор „Хармосини“. ва/са/8:15