логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

TVIT120

 

 ИНТЕРПРЕТАЦИЈА: ДЕЛЧЕВ
ЛИКОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО МАКЕДОНСКАТА ДРАМАТУРГИЈА

          Митскиот јунак идеологија и политика Постоењето на историски значајни личности, кои со сопствената идеологија и практика, тектонски го поместуваат и уметничкиот, а не само општествениот контекст, најчесто подразбира и имање став и однос кон нив. Тие личности се идеологизираат, хиперболизираат и целосно се трансформираат понатаму и низ историјата, и низ уметноста. Најчесто од историски се еманираат во легендарни, а потоа стануваат ликови-протагонисти во уметнички дела: слики, филмови, романи, раскази, поезија, драми, музички композиции и др. Таквите ликови најчесто стануваат иконични знаци чие значење полека се менува и се оддалечува од оригиналното, но и се здобива со одредена митска форма. Ваквиот феномен во светската култура се препознава во ликот на Че Гевара (Che Guevara).
           Институтот за заштита на името на Че Гевара (Guevara Studies Centre), воден од неговата најстара ќерка Алеида Гевара (Aleida Guevara), инсистира на непотребното искористување на ликот на големиот борец. Ваквото комерцијализирање на ликот на Че, според неа е поради потребата на Западниот систем да се нивелира неговото значење како борец за одредени права и да се наметне само како естетска фигура. Затоа таа се активира да го заштити ликот на нејзиниот татко и да биде означен само како историска фигура, борец, активист и револуционер. Против перманентното појавување на ликот на Гевара од долна облека, до масовни рекламни паноа, Алеида Гевара се бори на ист начин како и нејзиниот татко – преку личен ангажман, водење на Институтот кој мора да го заштити историскиот лик, но и оној легендарниот, затоа што масовната комерцијализација, навистина води кон негово изедначување на рамниште на иконичен знак, односно, „нешто општо познато, ама не знаеме што“.
           И денешната публицистика се обидува да го раздвои/сецира ликот на митскиот од ликот на историскиот јунак Че, ама немаат успех во начинот на кој се прави тоа поради обременетоста со значења. Пример за тоа е книгата на Алваро Варгас Љоса (Alvaro Vargas Llosa) Митот Че Гевара и иднината на слободата (The Che Guevara Myth and The Future of The Liberty, 2005), во која политичкиот новинар Варгас Љоса го одвојува митот од реалноста, користејќи се со историски податоци и наведувајќи директни примери кога и како отстапува митскиот, односно легендарниот лик од оној што навистина постоел.
           Примерот со Че Гевара е парадигма за користењето на ликот на една историска личност на рамниште на легенда и на нејзино сесветско искористување во комерцијални цели. Се разбира дека митскиот јунак е насреде идеологијата и политиката. Според Мирча Елијаде (Mircea Eliade), митскиот јунак, е приказ на историјата/ минатото на светот и неговата можна транспонираност во иднината (Елијаде, 1992). Всушност, митскиот јунак во себе го носи знаењето од она што поминало за да го интерпретира во она што доаѓа. Затоа тој инсистира на разликување на време кое е можно само во митот и на искуството од митот кое е само тогаш и еквивалентно на тоа што ќе биде. На ист начин ги дефинира, но ги именува како прапредци-демијурзи-културни јунаци, Мелетински (E. M. Meletinskii) во студијата Поетика на митот (2002). Тие живеат во митското време, но се трансформираат во историското (минато-иднина), а со тоа го зголемуваат нивното значење. Во денешна смисла, тоа се оние историски ликови кои имаат огромно значење за културата од која потекнуваат и имаат капацитет да ја менуваат. Најчесто тоа се историски релевантни фигури кои извршиле огромно влијание во историјата на еден народ, а со самото тоа се рефлектирале во целокупното културно и општествено живеење и станале и симболи, значајни феномени, референтни точки на една култура.


 
Гоце Делчев и македонската историја


TVIT140 Македонската историја има редица значајни поединци кои може да се третираат и како индивидуални, митски ликови. Еден од нив, ако не и еден од најрепрезентативните е Гоце Делчев. Со него е поврзан комплексен однос кој се гради и надградува со децении, не само историски, туку и во културален контекст. Името на историската личност Гоце Делчев во македонската историја станува легенда и е директен учесник и во историски, но и во уметнички текстови.
            Гоце Делчев е роден како Георги Николов Делчев на 4 февруари 1872 година во Кукуш, Егејска Македонија (денес Куклис, Северна Грција), како прво машко дете, трето по ред, во големото семејство Делчеви, во кое се родиле вкупно девет деца. Основно образование завршил во родното место, а средно во Машката гимназија „Св. Кирил и Методиј“ во Солун. Во 1891 година се запишал во Военото училиште во Софија. Три години подоцна станал учител во Штип и преку оваа работа ја шири својата револуционерна идеја. Еден е од најголемите македонски револуционери и идеолози. На ТМОРО се придружува благодарение на соработката со еден од основачите - Даме Груев, во 1895 година. Активно е вклучен во сите дејности на организацијата, а во македонската историја останува запаметен како противник на предвременото кревање на востанието, кое подоцна ќе биде наречено Илинденско. Во документарните материјали од архивите во Софија и Истанбул се евидентира неговиот став против помошта на Русија и Бугарија во процесот на ослободување на македонското население. Гоце Делчев загина во Баница, на 4 мај 1903 година во директен судир со турскиот аскер, се знае дека е предаден заедно со своите соборци. Наспроти неговиот цврст став, сепак е кренато Илинденското востание, кое директно ги покажало и недостатоците кои ги напоменал Делчев.
             Во македонската историја, Гоце Делчев останува запаметен како еден од ретките инвентивни и идеолошки настроени активисти. По неговата смрт, неговото име се поставува високо на пиедесталот на историски значајни личности, а со тоа му се додаваат или му се одземаат способностите и активностите кои го дефинираат како револуционер. И неговиот современик Димо Хаџи Димов во една изјава го докажува овој мој став дека по смртта на Делчев неговиот лик се идеализира и се маркира, станувајќи од историски – легендарен. Хаџи Димов напоменува дека по смртта на Делчев, од сеќавањето, „веќе исчезнуваат многу од спомените за борбата што ни го одзеде најголемиот човек на Македонија… нема да ја заборавиме и до последната своја минута позата на Гоце откако куршумите веќе му ги беа раскинале градите. Речиси цел ден и цела ноќ ние скршени го гледавме својот водач, легнат како жив, со глава наведната кон земјата. Тој небаре плачеше над својата судбина, над судбината на сите паднати како него, над судбината на цела Македонија…“ (Хаџи Димов, 1985: 157). Сликовитоста/театралноста на позата, атрибутите што му се навестуваат и херојството што дури видливо се хиперболизира директно посочуваат на тоа како се гради неговата митска фигура. Ова не е само еден пример, туку такви се скоро сите во кои неговите современици евоцираат спомени за него, неговиот живот и неговото дело. Тоа придонело и македонската уметност да постави ист однос кон ликот на Делчев и тој да стане препознатлив симбол за македонската борба. Огромен е бројот на македонски песни (народни и уметнички).
             Од моите најрани сеќавања, секогаш во домот на моите родители имаше по неколку предмети што го величаат Гоце Делчев. И денес на доминантно место во домот стои биста на Гоце Делчев, неколку портрети, разни книги (биографии, историски извори), дури и неколку предмети за домаќинство со неговиот лик. Можеби и затоа се решив да го направам ова истражување. Ликот што тукуречи, сите од веднаш го препознаваме, како оној на претходно споменуваниот Че Гевара и со кои сите сме интимно поврзани, да се обидам да го откријам и како драмски/театарски лик. Кон тоа придонесува и неговата филмска комерцијализација од повеќето филмови, телевизиски серии, едукативни програми кои го користат неговиот лик (класичен пример за тоа е телевизискиот филм Табакерата ).



Гоце Делчев
митски, историски, легендарен или... лик


            Македонската уметност ликот на Делчев го препознава и селектира како уникатен. Во нашата свесност пред очи е портретот на младиот Делчев со високо крената глава, мустаќите што го бележеле и костимот по последна мода, онака како што многу, многу подоцна, гледајќи го од малкуте фотографии, го насликале Личеноски, Кондовски, Андонов-Папрадишки и уште голем дел македонски уметници. Тој, токму таков Гоце Делчев е оригинална појава не само во македонската историја, туку и во македонската култура. И во сликарството, вајарството, и во филмот, како и во музиката, литературата, па така и во театарот ликот на Делчев останува еден уникатен феномен кој постојано се истражува, пренесува, прикажува. Како што напоменуваат историчарите, појавата на Гоце Делчев не е случајна, затоа што се појавува во специфични услови и како таков остава огромен белег на македонската историска сцена. Токму поради тоа, поточно, поради своето „грандиозно дело“ кој станал „прва револуционерна совест на Македонија, смел борец за национални и социјални права“, Гоце Делчев од историски станува – митски, потоа легендарен лик, за да еволуира во иконички знак, симбол на одреден момент од македонската историја. Македонската уметност и култура ликот на Гоце Делчев го користи како репрезент на сè што е самосвесно, доброорганизирано, посветено на своите идеали и на –макотрпната работа. Истражувајќи за мојот предмет на интерес, евидентен беше впечатокот дека македонската култура максимално го користи ликот на Гоце Делчев, кој претставува репрезентативен пример како еден историски лик се претопува во легендарен, а потоа и во митски, за најпосле да стане симбол, сам по себе.
И поради тоа, но и поради личната страст кон откривањето на ликот на Гоце Делчев овој текст се раѓаше долго и комплексно.



Гоце Делчев
како драмски/театарски лик


            Македонската драматургија и театар, ликот на Делчев го пренесуваат идеолошки, со почит и величење, како што доликува на една таква голема историска фигура. Во сите драми што се предмет на мојата анализа, неговиот лик, без разлика дали е директно споменат или само се навестува одговара на симболот што го поставува историскиот контекст.
             Војдан Чернодрински во драмата Срешта (1903), Гоце Делчев го споменува само во посветата на текстот, ама јасна е алузивноста што ја проектира. Во поднасловот на драмата тој пишува „Едноактна сцена во стихови на простонароден македонски говор од борбите за политичко ослободување од турско ропство посветена на апостолот на слободата Гоце Делчев од неговиот соборец и идеен другар В. Чернодрински“ (Чернодрински, 1992: 267). Приредувачот на книгата Војдан Чернодрински Одбрани дела – Александар Алексиев, од каде што е искористен овој цитат, во белешка дообјаснува дека Чернодрински многу ретко ги датира своите ракописи, но во случајот на Срешта има исклучок, затоа што на една од трите зачувани ракописни варијанти, запишал датум 3 јуни 1903 година. Бидејќи Гоце Делчев загинува на 4 мај истата година, познатиот македонски театролог Алексиев смета дека Чернодрински „почувствувал потреба да му се оддолжи на овој најистакнат наш револуционерен деец посветувајќи му ја оваа сценка“ (Алексиев, 1992: 510).
             Значи, во оваа едночинка во стихови не станува збор за поставување на ликот на Делчев ниту пак реферирање кон неговото дело. Драмата е само посветена на него. Меѓутоа, се гледа влијанието на Делчев врз овој тип драматургија. Иако драмата, или поточно речено, сценката е фокусирана на доминантниот предмет на интерес на драматиката на Чернодрински – османлиското влијание и животот на македонскиот човек под турско ропство, сепак се евидентира значењето и моќта на тогаш веќе мртвиот македонски идеолог. Слично како и голем број на македонски народни песни што се посветени на Делчев, а тематски воопшто може и да не го посветуваат, во оваа сценка на Чернодрински се препознава мотивот и на Делчев му се отстапува местото на главен инспиратор и иницијатор за поставување/пишување на сценката.
            Театарот, за разлика од другите моновалентни уметности, мошне конструктивно знае да ја искористи поврзаноста, влијанијата, идеолошките констелации меѓу другите уметности и на тој начин, не секогаш директно, да реферира кон предметот на својот интерес. Таков пример е и оваа претходно спомената сценка на Чернодрински. Бидејќи неговите драми се пишувани за изведба и редовно изведувани со успех, затоа што играат на мотивот на препознавање и идентификација, оваа сценка влегува во комплексот на уметнички дела кои го имаат Гоце Делчев за главен протагонист и се дел од македонската културолошка естетика директно поврзана со ликот и делото на прославениот македонски идеолог и револуционер.
              Како директен инспиратор и иницијатор за создавањето на едно драмско/театарско дело, може да се детектира при анализата на драмата Илинден од Никола Киров Мајски (1903). Никола Киров Мајски е директен учесник во востанието и автор на познатиот Крушевски манифест кој и директно го вметнува во претходно наведената драма. Гоце Делчев не е лик на драмата, меѓутоа е инспиратор за создавањето на дејството, и на некои од другите ликови. Мојот интерес за оваа драма е повеќе кон тематската област, отколку неговото откривање како драмски лик. Всушност кон него се реферира во драмското дејство, и без да биде спомнат директно во дијалозите. Не случајно е тоа така, затоа што големата македонска тема Илинден не може да се елаборира без споменувањето на името на Гоце Делчев. Македонската драматургија бележи повеќе драми инспирирани од илинденскиот период, дури и македонската театрологија ги систематизира и теориски ги елаборира (пр. книгата Илинден и македонската драмска литература, 1983 ). Во овие драми ликот на Гоце Делчев провејува или како инспиратор или како иницијатор, но и како директно поставен лик.
              Директно како централен лик/протагонист, носител на главното драмско дејство е поставен во драмите Гоце на Венко Марковски (1952) и едночинката Гоце на Горан Стефановски (1991).
             Драматуршки најпрецизно според мене е пренесен во драмата Ајдучка полјана (1903) од Димитар Молеров, каде што е евидентно неговото присуство, кое само се навестува. Неговата големина е толкава што не е потребно тој да го говори текстот. Ваквиот пример на суптилно поставување на еден лик кој само реферира на неговото дело, е впечатлив за анализа затоа што изостанува во македонската драматургија. Ликот на Гоце Делчев во оваа драма е изедначен со симбол и како таков е директно поставен. Ова е интересен театарски потег на Димитар Молеров, кој со театарски јазик, со директен знак, ја пренесува целокупната симболика и значенска фигура на Делчев. Нему не му треба текст или нешто друго што ќе реферира на неговата улога во македонската историја. Тој, исто како и боговите во античките драми се појавува само како таков, а неговото значење се подразбира и целата јавност е запознаена со тоа. За разлика од останатите ликови и од обременоста на текстот и пишувањето на драмата, како драма за читање, овој лик на Гоце Делчев е репрезентативен театарски знак, протагонист кој во целиот текст/драма само се навестува, а е директен, активен учесник во драмското дејство. Тој не се гледа само се слуша. Тука е симболиката и театралноста на ликот. На пример, во четвртиот чин, дејството се пренесува од собата од колибата во која се сите, меѓу кои и Мис Стон и Цилка, кон гласот што се слуша од отворената врата. Прецизно театарски е наведено дека е Гоце Делчев тој што зборува и по неговиот монолог, Мис Стон вели: „Ете вистински апостол“ (Молеров, 1993: 196). Монологот на Делчев продолжува целосно фокусиран на оправдување на идеологијата, а според независниот став на Мис Стон се елаборира неговата моќ и праведност. Всушност, Молеров на еден репрезентативен начин го поставува Гоце Делчев за директен протагонист на драмата. Неговата идеолошка големина „не му дозволува“ да е прикажан директно, па само се слуша. Всушност, слично на постапките од античката драматургија, и овде демек случајно, со отворањето на вратата од која се слуша гласот, се прикажува главниот проблем и на драмата и на тематската област која ја прикажува. Во тие четири монолози (всушност дел од дијалогот во соседната соба) на Гоце Делчев се прикажува неговиот лик онаков како што го зачувала македонската историја (бидејќи драмата Ајдучка полјана се базира на дневничките записи на братот на Димитар Молеров, Константин, кој бил директен учесник во настаните што ги прикажува текстот), но и го надградува на ист начин, на кој тоа го прави културата воопшто. Со кратките коментари на Мис Стон, која е отелотворение на западниот свет, културниот начин на мислење, неговиот лик уште повеќе се качува на пиедестал на еден мошне интересен театарски начин. Наместо да го прераскаже тој директно го става во дејство историскиот лик Гоце Делчев, а уметнички го надградува и театарски/драматуршки го вметнува среде драмското дејство.
             Се разбира дека кога станува збор за маркантен историски лик како што е Гоце Делчев секогаш треба да се има предвид личниот однос кон легендата, обременетоста со хероизмот и згуснатата лична патетика. Затоа и во драмите во кои се споменува директно и во кои му е отстапен простор на протагонист се детектира токму односот на драмскиот автор кон иконичноста на знакот на главниот протагонист. Ако во драмата Гоце на Венко Марковски кон него е пристапено на еден наивен/романтичен начин, директно под тежината на комплексната патетика на идеолошката слика, обременета и од политичкиот контекст во кој се пишува/објавува/поставува (1952 година), тогаш во истоимената драма на Горан Стефановски, објавена скоро четириесетина години подоцна (1991), се забележува интервенција на авторот кон ликот, преиспитување, личен конфликт со достигнатото и своевидна идеолошка травестија која и директно е пренесена преку дијалогот меѓу Гоце и Момчето. Во оваа едночинка на Стефановски, пишувана по порачка и изведена на манифестацијата „Македонско оро“, на Канадско-македонската федерација, во Торонто, Канада, 1991 година. Гоце Делчев говори со јазикот на веќе решената историска практика. Неговата автоиронија е решена на тој начин што тој го презема говорот на Данаил Николаев и го тера Момчето да го говори неговиот текст што го забележала историјата. На тој начин се прави автореферентен однос меѓу ликот на Гоце Делчев и историската позадина на револуционерот Гоце Делчев. Всушност вистинскиот конфликт во едночинката посветена на последните минути од животот на Делчев е всушност внатрешниот конфликт на револуционерот, слично на онаа сега веќе митска синтагма на Крсте Петков Мисирков, што напраивме и што треба да напраиме за однапред! (Мисирков, 1903). Всушност наместената игра на Делчев со младиот Коле Тошев е негово расчистување со себеси. Одличен е примерот на Горан Стефановски како се автореферира кон еден лик. Во оваа драма ликот на Делчев е истовремено и протагонист и антагонист.
             За разлика од ваквиот современ, актуелен, дури и постмодерен пристап при создавањето на еден лик, со однос кон историјата и културата и кон нивно ресемантизирање, во драмата на Венко Марковски, патетичниот, романтичен однос на авторот кон темата го нивелира ликот на Делчев и од него прави само монохроматска слика. Иако ја имал можноста и приликата, слично на прославените национални романтичарски драми од минатото, да направи лик, кој иако во стихови ќе можел да реферира кон актуелноста и да прикаже како може да се развие од историски во митски лик, сепак Венко Марковски не успеал и од Гоце Делчев направил лик еднаков на она што едноставно се знае од историската практика. Неговиот говор (драмата е напишана во стихови) е фокусиран само на римата и ритмизирањето, без да се води сметка за идеологијата или пак за социјалната потка која може да се препознае во опусот на Делчев. Дури и кога треба да биде над историскиот материјал, драматуршки не успева да го направи тоа. Сепак, во оваа драма, Гоце Делчев е протагонист еднаков на неговата историска карактеризација која е евидентна и лесно препознатлива за македонските културолошки прилики.



Гоце Делчев и јунак и херој и лик


           Претходните елаборации покажуваат на кој начин македонската драматургија и македонскиот театар го третираат ликот на големиот македонски идеолог и револуционер Гоце Делчев. Се разбира дека постојат и други драми/театарски претстави кои се фокусирани на ликот на Делчев или пак на временскиот период од Илинден 1903 година, меѓутоа во овие драми беше парадигматски начинот на кој се третира самиот лик.
Примерот со Гоце Делчев директно упатува на значењето на еден историски лик и неговата преобразба во легендарен, а со тоа и дел од уметничките креации. Теоријата на литературата, поточно, на оној дел посветен на анализата на митологијата, покажува на кој начин историскиот лик со комплексниот пристап и сврзувањето на митемите станува легендарен, а подоцна и митски. Со самото тоа што му се припишуваат фантастични елементи, но и поради популарноста што го следи, се создава подлога за создавање на лик-егзистенција, како што тоа го дефинира драматологијата, или лик-симбол, според теоријата на уметноста.
             Интерпретацијата на дел од овие драми јасно покажа како реалната личност – Гоце Делчев се трансформира во уметнички лик, преку легендата што се создава за него. Грчката митологија најпрецизно го дефинира преминиот на ликот од јунак во херој и обратно. Иако се смета дека овие термини се синонимни, познато е дека, според античката традиција, херои биле млади момчиња познати по својата сила и моќ, жртвувани на божицата Хера (херојот е всушност и жртва и херој истовремено!) Гоце Делчев е не само јунак на македонската историја, туку и на македонската уметност, исто толку колку што е и херој и лик (драмски, театарски, филмски, наративен, поетски, ...)
             Ова е парадигматски и национално препознатлив пример, затоа што во секој од нас при споменувањето на неговото име, јасно се детектира и евидентира и неговото историско значење.
             Затоа може да се потврди дека Гоце Делчев е и јунак и херој и лик!

Користена литература:
•  Алексиев, Александар. (1976). Основоположниците на македонската драмска литература. Скопје: Култура. •  Алексиев, Александар. (1983). Илинден и македонската драмска литература. Скопје: Македонска книга. •  Алексиев, Александар. (1992). Појаснување кон објавените дела и материјали. во: Чернодрински, Војдан. (1992). Одбрани дела. Скопје: Мисла. •  Елијаде, Мирча. (1992). Аспекти на митот. Скопје: Култура. •  Лужина, Јелена. (1995). Историјата на македонската драма – македонската битова драма. Скопје: Култура. •  Мајски, Киров Никола. (1983). Илинден, во Алексиев, А. (1983). Илинден и македонската драмска литература. Скопје: Македонска книга. •  Марковски, Венко. (1952). Гоце. Скопје: Државно книгоиздателство за уметничка литература „Кочо Рацин“. •  Мелетински, Елеазар Мојсеевич. (2002). Поетика на митот. Скопје: Табернакул. •  Молеров, Димитар. (1993). Драми. Скопје: Мисла. •  Полјански-Андонов, Христо. (1985). Гоце Делчев – Кон осумдесетгодишнината од загинувањето на Гоце Делчев (1903 - 1983). Пула: Истарска наклада. •  Стефановски, Горан. (2010). Собрани драми – книга трета. Скопје: Табернакул. •  Хаџи Димов, Димо. (1985). во Полјански-Андонов, Х. (1985). Гоце Делчев – Кон осумдесетгодишнината од загинувањето на Гоце Делчев (1903 - 1983). Пула: Истарска наклада. •  Чернодрински, Војдан., Алексиев, Александар. (прир.). (1992). Одбрани дела. Скопје: Мисла. •  Vargas Llosa, Alvaro. (2006). The Che Guevara Myth and The Future of the Liberty. Oakland: Indipendent Institute. •  Мисирков, Крсте Петков. (1903). За македонцките работи. од: http://www.gbiblsk.edu.mk/adm/ images/Za%20makedonckiot%20lit_jazik.pdf, (пристапено на: 9. 9. 2011). •  Vargas Llosa, Alvaro from: http://en.wikipedia.org/wiki/%C3%81lvaro_Vargas_Llosa, (пристапено на: 25. 1. 2008). •  Guevara, Aleida From: http://www.guardian.co.uk/cuba/story/0,11983,711297,00.html. (пристапено на: 24. 1. 2008)

 

 Aна СТОЈАНОСКА
ТЕАТАР: ПРЕДИЗВИК
 -Студии и есеи –
Скопје, 2018


Издавач: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Уредник за издавачка дејност на УКИМ:
 проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор
Уредник на публикацијата:
проф. д-р Ана Стојаноска, Факултет за драмски уметности - Скопје
Рецензент: проф. д-р Јелена Лужина
Техничка обработка
 Горјан Донев
Лектура на македонски јазик:
Тодорка Балова



Содржина
 
ТЕАТАР: МАКЕДОНИЈА 5
 Училиштен театар според Џинот 7
Dead man walking 13
Интерпретација: Делчев – Ликот на Гоце Делчев во македонската драматургија 23
Македонскиот театар во годините на Големата војна 35
 Циклус – Чашуле 47
1. Лично и интимно читање на Црнила од Коле Чашуле 47
2. Од егзистенцијализам до апсурд, препрочит на еден дел од драматиката на Коле Чашуле 56
3. Неоисторицистичко читање на драмите Црнила од К.Чашуле и Диво месо од Г. Стефановски 69
 Дебар Маало – Портретот на Скопје во драмите на Горан Стефановски 91
Препрочитување на препрочитаното или обид за ново читање на современата македонска драматика 99
Колку ме боли кога те нема – Лицето на љубовта во драмите на Дејан Дуковски 113
ТЕАТАР: СЕСТРАН 125
Во потрага по наследството: Аd majorem dei gloriam 127
Една театролошка контемплација Ќостаров – Ибзен како предизвик 139
Хрватските драматичари во преводите на Илија Милчин 149
Паралели... Жената – Жртва или херој?!? - Со примери од драматиката на Горан Стефановски и Јуџин О`Нил - 163
Театарот денес – Up to date 177
Новите медиуми како предизвик за театарот 185
 Откривањето на балканскиот геном на креацијата (наместо на уништувањето) 199
ТЕАТАР: АВТОРИ 205
Димитар Ќостаров (1912 - 1998) актер, педагог, режисер 207
Илија Џувалековски - од женски агол 217
Џемаил Максут (1933 - 2001) актер 229
Чепкајќи низ архивата на Кирил Ристоски - театрографија, филмографија, фотографија 237

Владимир Милчин (1947) режисер 247
ТЕАТАР: МЕМОРИЈА 257
Сите страни на театарската меморија - обид за зачувување на театарската претстава 259
Новото лице на театарската музеологија или Mинатото во иднината 273
Интеркултурализмот и театарот 281
Rebel Rebel 291
Театарската музика како протест – (врз примери од неколку македонски претстави) 291 Биографија за авторката 304
Белешки 305

 

 

 

TVIT141Ана Стојаноска (1977, Прилеп) театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје (предава на сите три степени, група предмети поврзани со теоријата и историјата на македонската и светската драма и театар). Раководителка на третиот циклус докторски студии на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Уметнички директор и Претседател на Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, од септември 2022г.
Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како координатор во Институтот за театрологија при ФДУ (2001 – 2011). Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот. Специјализирала театарска музеологија.


Авторка на: Ние (роман, избран во првите три на конкурсот за необјавен роман Пегаз, Арс Ламина, 2022), Лебед (роман, Полица, 2021), Трогледало (драма, 2020, објавена во изборот на ЕУРОДРАМ: Нова македонска драма); Потпис: Трепетлика  (збирка поезија, Три и „Антево перо“, 2020, за која ја доби наградата Антево перо за 2020) Јас и Лин, отпосле (роман, Блесок, 2016; за која ја доби наградата Рациново признание, 2017 и финалист за Роман на годината и второ издание, Култура, 2019), Дијалози во еднина (Култура, 2019), Театар – предизвик: Студии и есеи (УКИМ, 2018), Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (монографија, ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (монографија, ФДУ, 2006). Приредувачка на: Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008). Нејзината монодрама Стаклен лампион е праизведена во продукција на Театра – Скопје, 2013. Авторка на стотина студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии.

Пишува и театарска критика. Поезија и проза и е објавувана во повеќе различни медиуми (електронски и пишани, на неколку јазици). Во 2019 година стана член на Друштвото на писатели на Македонија. Членува во повеќе здруженија и организации фокусирани на истражување на книжевноста и театарот. За албумот „Крик и прашина“ (2019) ги пишуваше текстовите заедно со авторот Сашко Костов. Нејзина поезија е објавувана во повеќе меѓународни списанија. Пишува постојано, не сакајќи да се „вкалапува“ во ниту еден жанр (научен или книжевен), затоа пишува и проза и поезија и драмски текстови.

 

5ти февруари 2023 лето Господово

Преминпортал

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Септември 25, 2024
Zivko.Grozdanoski3

Интервју со Живко Грозданоски: ДПМ може да дејствува гласно, сложно и независно

Ми се чини дека надворешните предизвици, како на пример отсуството на соработка со некои членови (на Управниот одбор) на ДПМ, некои обиди за саботажа итн. (сè се тоа нешта што веројатно секогаш ќе ги има); па сега слабиот рејтинг на ДПМ меѓу членството и во…
Август 29, 2024
TviTER231

„РАДОСТА НЕ ДОАЃА САМА, ТАА МОЖЕ ДА ЈА ЗАСЕНИ ТАГАТА“ Академик Ќулавкова добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП

Пред 35 години, август 1989-та, ми беше доделена првата награда за најдобра поетска книга на годината, напишана на македонски јазик, ‘Браќа Миладиновци’. Тоа беше мојата книга ‘Жедби’, со поднаслов ‘Престапни песни’. Во неа, во шест циклуси, опеав неколку…

По премиерата на новиот филм „The Walk“ во Њујорк на двојната кандидатка за Оскар - Тамара Котевска

Ное 14, 2023 Филм, Театар 2026
Tamara.Kotevska
Работејќи од нејзините разговори со Асил и другите деца бегалци, режисерката направи…

„ПОЕЗИЈА ОД МАКЕДОНИЈА“ и „Версвил“

Авг 19, 2023 Литература 2547
TVIT762
Реномираното меѓународно списание за поезија „Версвил“, својот најнов број во целост го…

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Најново од култура

Православен календар (2)

 

25/12/2024 - среда

Божикен пост (пост на масло)

+Свети Спиридон Чудотворец, епископ Тримифунтски; Светиот свештеномаченик Александар, епископ Ерусалимски; Светиот маченик Разумник; Преподобен Герман Алјаски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная