Не давај му улоги на Бога, заради коишто подоцна ќе Го отфрлиш како безвреден. Имено, Го правиш судија, а потоа велиш дека е лош судија. Бог доаѓа и ти вели „Не сум судија“, а ти му одговараш „судија си, и тоа лош судија!“ И повторно ти вели „не сум судија, туку Отец“, но ти не можеш тоа да го примиш во себе.
Не можеш да прифатиш дека Бог подеднакво ги сака и Богородица и ѓаволот, не можеш да прифатиш дека во Него нема пристрасност: „Бог не гледа на лице“ (Рим 2, 11). Не можејќи да ја прифатиш неговата љубов како вечна реалност, што не се троши и не се менува, ти се обидуваш да Го именуваш Бога со нешто што Он не е, единствено за потоа да го прогласиш за безвреден.
„Зошто, Господи, ги оставаш неправдите во овој свет?“ – велиш, оставајќи му ја на Бога одговорноста за неправдите, амнестирајќи ги честопати оние што истите ги вршат. Му приговараш на благиот Бог, а не на неправедниот човек. Го обвинуваш Бога, а никогаш самиот себеси.
„Зошто Бог, Кој е семоќен, дозволува неправда?“ – повторно прашуваш. Не можеш да прифатиш дека Бог ги љуби подеднакво и жртвата и престапникот. Затоа и се обидуваш да спориш со Бога. Зборуваш за праведност, но не за љубов. Зборуваш за лоши и за добри, но не за браќа. Зборуваш за морал, но не за покајание. Зборуваш за казни согласно законите и правилата, но не за простување. Се поставуваш како да си на суд, но ја немаш снисходливоста и топлината на болницата, што посакува исцеление, а не уништување на болниот.
Затоа на крајот го отфрлаш Бога. Го отфрлаш оној што самиот ти го создаде, затоа што те разочара и те предаде. Ги предаде твојата злоба, егоизмот и помислите. Бог, пак, бестрасно стои до тебе. Го отфрлаш, а Тој те прифаќа. Го мразиш, а Тој те љуби. Го распнуваш, а Тој ти простува. Го убиваш, а Тој те спасува.
Завршуваш како атеист, не зошто не веруваш во Бога, туку затоа што не можеш да поверуваш дека Бог може толку многу да љуби. Затоа градиш идоли според сопствените мерки и ставови, согласно можностите и сопствените страсти, за повеќе да не се „скандализираш“ со таа возвишена состојба, што се нарекува „божествено снисходење-простување-љубов“. Не Го сакаш Христос, затоа што не можеш да ги понесеш Неговите големина, жртва, смирение.
За да го следиш, сакаш нешто револуционерно, нешто што ќе го измени овој свет, што ќе ги истреби лошите, што ќе го уништи злото (но, не и насладата што е причина за сите зла). И мислата те води во бунт кон општеството, во протести – и според тебе – во „принудни“ насилни дејствија. И сакаш Бог да стане соучесник во твоите планови, во твоите мечти, во твоите начини на „спасение“.
Но, размисли малку... постои ли пореволуционерен чин од прифаќањето на Крстот? За тебе, пак, револуцијата претставува нешто што ќе ги натера другите да платат, да страдаат, да бидат казнети, и сето тоа тебе би те оправдало. Сепак, Господ така не го спаси светот.
Тој победи, губејќи.
Ни дарува живот, умирајќи.
Бивајќи неоправдан, се оправда.
Одрекувајќи се од светот, го промени светот.
Не спори со Бога. Зашто, кога спориш со Бога сигурно е дека спориш со еден бог којшто ти си го создал. Ја отфрлаш сопствената творба, а не вистинскиот Троичен Бог Кој е „љубов“ (1 Јован 4, 16).
На крајот на краиштата, доколку и малку размислиш кој е Бог, тогаш нема никогаш да го обвиниш, а секогаш ќе се зачудуваш восхитувајќи се на големината на Неговата љубов кон сите и кон сè. Единствено што ќе можеш да му кажеш ќе биде „Благодарам!“ Ништо друго.
отец Павлос Пападопулос
Извор: Манастир ЗРЗЕ
Лето Господово 2017