Мочуриште го голта римскиот аквадукт
ЗНАЧАЈНИОТ СПОМЕНИК ПРОПАЃА ПОРАДИ НЕГРИЖА
Мочуриште го голта римскиот аквадукт
Водата не е некој голем проблем, бидејќи се создава само по дожд и се повлекува по два-три дена, велат од скопскиот Центар за конзервација
Неколку столба од римскиот аквадукт во Бутел по секој поголем дожд до половина се во вода, која ги нагризува и ги оштетува. Веќе неколку години до Аквадуктот има мочуриште обраснато со треви, гранки и жабурници, чие ниво се покачува по врнежи. Културно-историскиот споменик датира од римскиот период, изграден за снабдување на градот со вода за пиење. Објектот, кој е направен од камен и тули, има импресивна големина. Долг е околу 400 метри, а имал 200 лака, од кои денес се зачувани 55.
Иако има огромно културно-историско значење, импресивниот споменик воопшто не е афирмиран меѓу граѓаните и туристите. Локацијата на која се наоѓа е запуштена, обрасната со треви и коров. Поради негрижата, на дел од столбовите има видливи оштетувања, распаднати камења и искршени тули. За анонимноста на Аквадуктот најмногу придонесува непостоењето на пристапен пат до градбата и патокази што ќе ги насочуваат луѓето. До Аквадуктот се стасува преку ливади на кои месното население го напасува добитокот. - Мочуриштето постои веќе четири години и редовно поплавува три-четири столба од Аквадуктот. Не знам точно од што се создава. Може да е од реката Серава или од некоја водоводна мрежа, но важно создава проблеми - раскажува вработен со долг стаж во касарната „Илинден“. Од скопскиот Центар за конзервација објаснуваат дека генерално Аквадуктот се наоѓа во добра состојба и не е неопходна темелна реконструкција. Според директорот Јани Антониев, за конзервација на Аквадуктот се потребни многу пари, кои Министерството за култура не може да ги обезбеди. - Мочуриштето не е некој голем проблем, бидејќи се создава само по дожд и се повлекува по два-три дена. Со вработените во касарната неколкупати правевме одводен канал за водата, но цевките секогаш се затнуваат со гранки и кал. Годинава ќе правиме сондажни истражувања на објектот и притоа ќе се обидеме да го средиме и мочуриштето - вели Антониев. Според него, најважно е прво да се направи пристапен пат до објектот и да се уреди неговата околина, а потоа да се размислува за евентуална реставрација. Општинските власти од Бутел веќе имаат готов проект за уредување на просторот околу Аквадуктот. Според него, околу споменикот ќе се направат уредени пешачки патеки и големо шеталиште за посетителите. Ќе има и отворена сцена на која ќе се одржуваат културни манифестаци. Проектот предвидува комплетно осветлување на Аквадуктот и неговата околина. Но, за неговата реализација општинските власти чекаат Градот да го измени Генералниот урбанистички план на Скопје, по што Општината ќе може да донесе детален план за локацијата. - Во спротивно, се' што ќе изградиме ќе биде бесправно направено. Проектот го доставивме до Управата за заштита на културното наследство, која треба да ги координира активностите на сите институции надлежни околу Аквадуктот. За нашиот проект се заинтересираа и странски донатори, кои сакаат да инвеститраат во уредувањето на просторот околу објектот - вели Снежана Клинчарова, портпаролка на Општина Бутел. Градските власти можноста за промоција на Аквадуктот ја гледаат во довршувањето на булеварот Словенечка, кој треба да го олесни пристапот до него.
„Синтезис“ ќе донесе посетители
Етногрупата „Синтезис“ денеска во 13 часот ќе одржи концерт кај Аквадуктот, со бесплатен влез за посетителите. Настапот на „Синтезис“ е прв од планираните осум низ земјава со кои треба да се промовираат нашите културно-историски споменици и локалитети. Според организаторите, концертите се организираат за да ги заживеат веќе заборавените споменици што имаат големо значење за македонската историја.
До римскиот аквадукт се стигнува преку булеварот Словенечка кој е во изградба, и тоа од страната на Бутел. Возилата може да минуваат преку асфалтираниот дел од коловозот, па веднаш по новиот мост на реката Серава да свртат лево, од каде по земјен, необележан пат се стасува до Аквадуктот.
Даница Тунтевска
Концерти на „Синтезис“ во „заборавените“ места во Македонија
„Синтезис“ ја започнаа својата концертна турнеја со мотото „Заживување на заборавените места во Македонија“. Во саботата, на 5 мај, на локалитетот кај римскиот Аквадукт, крај Скопје, го одржа својот прв концерт, каде што нивната музика прозвучи величествено и природно во древниот амбиент. Следуваат концерти во Струмица, на локалитетот Струмин Гроб, Чифте-амам во Скопје, Исар кај Штип, Хераклеја - Битола, Матка - Скопје, Витолиште - Прилеп и Стоби - Велес. |