Во 2015 година беше извршено малтерисување на внатрешноста на црквата. Исто така, заврши и тендерската постапка, по што беше избран најповолен изведувач, кој ја започна реализацијата на предвидените активности ...
Со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, наскоро целосно ќе се реализира проектот за непосредна заштита на црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран, која претставува значајно културно наследство од XIX век.
Реализацијата на проектот се одвиваше во неколку фази. Во првата фаза беше направена конзервација на оригинално зачуваните делови од подната покривка на црквата и реставрација на партиите што недостигаат, по што целосно е оформен подот на црквата.
На овие конзерваторско-реставраторски активности претходеше археолошко истражување на просторот под подното ниво, со што беа откриени постари сакрални градежни структури. Втората фаза беше реализирана во 2013 година и подразбираше конзервација и реставрација на источната фасада од црквата, додека во 2014 година се одвиваа реставраторско-санациските работи на внатрешните ѕидови од објектот, оформувањето на отворите за прозорци и врати, како и финалните работи на подот и на скалишниот простор од нартексот.
Во 2015 година беше извршено малтерисување на внатрешноста на црквата. Исто така, заврши и тендерската постапка, по што беше избран најповолен изведувач, кој ја започна реализацијата на предвидените активности.
Реализацијата на проектот, кој се однесува на непосредната заштита на црквата „Св. Илија“, планирано е целосно да заврши оваа година, во спомен на стогодишнината од бомбардирањето на објектот во Првата светска војна кога претрпе сериозни оштетувања и беше ставен надвор од употреба. Неславниот јубилеј ќе биде одбележан со преосветување на храмот и негово ставање во активна црковна служба.
Извор: Министерство за култура на Р.Македонија