Римски квартови се откриваат на Скупи
КАТЕРИНА БОГОЕВА
Во центарот на стариот град се истражува инфраструктурата на улицата Кардо и на попречните улици
Пријатно е и деновиве да се појде на археолошкиот локалитет Скупи и да се види како древниот град продолжува да се открива, да ги покажува своите улици. Иако температурите на воздухот се високи, сепак археолозите од Музејот на град Скопје, работат на терен веќе десеттина дена, реализирајќи два проекти, за кои добија 500 илјади денари од Министерството за култура и Град Скопје. До крајот на јуни, во централното градско подрачје ќе се истражува инфраструктурата на улицата Кардо и две, на неа попречни улици- декумани. Во текот на септември и октомври, ќе се истражува западната некропола на Скупи.
„Во текот на оваа година продолживме со истражување на една од главните улици, наречена Кардо, откриена во минатите години, долга околу 150 метра. Структурата на римските градови, урбанистичката мрежа обично има еден првоаголен систем во кој, прво се поставуваат две главни улици, кардо - максимус и кардо - декуманус, поставени под прав агол. Паралелно на нив се поставуваат помошни улици, кои формираат градски квартови. Скупи не е исклучок, но ние сеуште не можеме да кажеме дали овој римски град има некоја специфика, затоа што, само врз основа на аналогии претпоставуваме каде би се наоѓал неговиот форум. Токму од тие причини, со својата местоположба, не' изненадуваат улиците кои сега ги откривме и димензиите на квартовите. Сега имаме реални димензии на квартовите, според добиените резултати на теренот.
Годинава се откри уште една попречна улица на улицата Кардо, која од неа е оддалечена околу 65 метра, така што сега ја знаеме должината на еден од градските квартови кој се протегал во правец исток- запад. Би требало понатаму да се открие уште една улица, со што би се дефинирал еден цел градски кварт и објектите што се наоѓале во него. Ние го знаеме кореиумот и градската бања, но очекуваме да се појават и други објекти“ - вели раководителката на истражувањата, археологот, виш кустос Ленче Јовановска, која не е задоволна од динамиката со која се открива градот, и потенцира дека главна причина за тоа се малите финансиски средства.
Улицата Кардо како улицата во Ефес
Според Јовановска за да се истражи еден римски град со големина на Скупи, треба да поминат низа години за да се дефинира само еден објект.
„Со финансиските средства кои ги добиваме може да дефинирате само еден до два ѕида, во текот на истражувањата. Од тие причини, и поради тоа што конзервацијата доцни зад ископувањата, ориентирани сме кон дефинирање на стратиграфијата и инфраструктурата на уличната мрежа и користиме сондажно истражување, по кое земјата се враќа назад. Сакаме да ја додефинираме и доистражиме улицата Кардо, за да може идната година таа и да се конзервира. Тоа е улица со импозантни димензии, со широчина од осум и пол метри и западен и источен тротоар со димензија од два и пол до три метри, со колонада која ги дели тротоарите од улицата. Ги имаме сите елементи за реконструкција и тоа дури во две фази. Кога би се реконструирала во должина од 150 метри, може да биде и поатрактивна и поубава од улицата во Ефес, на кој сите и се воодушевуваат. Таква улица може да добиеме за неколку години“ - вели археологот Ленче Јовановска. Атрактивноста на Скупи
Скупи е навистина атрактивен локалитет. Додека се очекуваат одобрените средства од италијанската влада со кои истиот треба да се уреди за културен туризам, неговиот сегашен пријатен амбиент го прават и зелената трева, насадените цвеќиња, уредените бараки, што е реткост на археолошките локалитети во Македонија. Атрактивноста лежи во неговвата површина и напластената историја. Во обѕидието има 43 хектари, но поради малиот обем на истражувачките работи на Скупи, досега археолозите отвориле, само 2- 3% од просторот, датиран од 4-6 век.
„Од 1- 4 век имаме откриено само нешто малку од театарот, значи ниту еден процент од тој период“ - потенцира Јовановска, која, во оваа прилика, го истакна и задоволството од покажаниот интерес на британската група археолози, кои пролетва држеа семинар во Скопје, а од сите локалитети во земјава, го одбраа Скупи за есенва на него да реализираат пилот - проект, кој подразбира површинско истражување на теренот со геомагнетни сонди за лоцирање и утврдување на обзидието на градот и евентуално лоцирање на објекти во него. Се очекува тоа да овозможи во иднина, британските археолози во соработка со Музејот на град Скопје да реализираат и заеднички истражувања.
Утрински весник
|