Откриената некропола укажува на постоење на уште еден сакрален објект
Неделава завршувааат годинешните археолошки истражувања на тврдината Кале во Скопје, во ист период кога во земјава под мотото „Тврдини и одбрамбени градби“ ќе се одвива и манифестацијата „Европски денови на културно наследство“. Археолозите стигнаа до најдолните, најстарите слоеви на отворените простори, на одредени места до енеолитот, а во други, до средниот век каде деновиве, на големо изненадување открија и некропола со пет гроба, датирани со монети од 10 век. Откриените гробни остатоци: монети, пломби, накит од Самуилово време, според раководителот на истражувањата, археологот Драги Митревски, се поврзуваат со одреден сакрален објект коj се претпоставува дека се шири под терасата на постоечкиот ресторан Кале. „Новите откритија сега потврдуваат дека бедемот на тврдината бил постар од што мислевме, дека постоел за време на погребувањата од 10 век и го истакнува градскиот карактер на тогашната населба. Остатоците од таа градска населба ќе мора да се ослободат напролет, заедно со сакралниот објект кој се наоѓа под терасата, за што говорат и парчиња фрески, крстови“- посочува Митревски.
Околу дел од бедемот, вчера со градежна механизација се исфрлаше земјата под која „излегоа“ нови страници од историјата на тврдината, а се документираа и остатоците од црквата датирана од 14 век, во т.н. Сектор три, за која меѓу другото, на лице место видливо говорат и откриените елементи на нартексот и три гроба во кои се смета дека биле погребани нејзините ктитори. „Останува откриените годинешни сознанија да се стават на хартија и да се презентираат пред јавноста. Според досегашниот план, најверојатно во Музејот на град Скопје по 13 ноември ќе биде организирана комплетна презентација, со предавања за пошироката јавност “ - информираше Драги Митревски, според кого, неделава ќе се дооткриваат и преостанатите делови од бедемот, а сите активности ќе бидат во функција на негова понатамошна конзервација. Тој напоменува дека и пред започнување на истражувањата, била позната линијата на бедемот, но дека во внатрешноста се откриени неговите фази.
„Сега совршено е јасно дека бедемот е поврзан со одредени културни слоеви, и наше е да одлучиме кој негов дел и до каде ќе биде конзервиран и реконструиран, за што на одредени места ќе треба да се спуштиме подолу, до неговите темели. Неговото постоење говори за достигнатото економско и културно ниво на луѓето кои живееле тука во 10 век “ - посочи раководителот на археолошките истражувања на скопско Кале, не заборавајќи да потсети дека годинава, од страната на реката Вардар кај Големата кула беше откриен и уште еден значаен бедем, но и дека тие немале само воена функција, туку биле составен дел од градските населби. КАТЕРИНА БОГОЕВА- „Утрински Весник“ |