Отворање на Nasa Space Apps Challenge Macedonia 2016
Од денеска до 24 април во просториите на „Њу менс бизнис акселераторот“ по четврти пат ќе се одржи „Спејс апс челинџ“ натпреварот на НАСА.
Оваа година, на настанот ќе учествуваат 120 учесници, кои во наредните 48 часа треба да работат на предизвици поставени од НАСА.
- „Македонија по четврти пат се вклучува во натпреварот и можеме да кажеме дека резултатите се одлични. Интернационалниот карактер зборува за добрата подлога која ја направивме во Македонија, дека македонските студенти имаат потенцијал и капацитет за да го докажат својот талент на светско ниво.“ – изјави министерката Марта Арсовска Томовска.
Годинава темите се поинакви од оние досега, а идеите со кои ќе се конкурира треба да бидат конкретни и за одредена проблематика. Тимовите ќе работат на предизвици поврзани со аеронаутика, планетата Земја, вселенски станици, пат до Марс, соларен систем и вселенска технологија.
- „Оваа година, „Њуменс бизнис акцелератор“ е организатор на натпреварот и во Силиконската долина, а се вклучува како ко-организатор во Сан Франциско и Лос Анџелес, со што на учесниците од Македонија им се овозможува да соработуваат и да креираат тимови заедно со учесниците од овие три локации и на тој начин да стигнат до подобри решенија на поставените предизвици“ – изјави Ивана Најдоска, претставник на „Њу менс бизнис акселератор“.
Овој натпревар е отворен за студенти по програмирање и дизајн, но и за оние од природните науки - биологија, хемија, физика, географија, како и за останатите општествени науки, затоа што станува збор за комплексна тематика каде што се потребни познавања од повеќе области и поседување повеќе вештини за презентација на проектот.
- „Нашите млади имаат можност да учествуваат во една конкурентна средина со млади информатичари и експерти од целиот свет. Ние како најголем факултет за информатички науки во Македонија имаме должност и обврска да ги едуцираме нашите студенти во техничките области, но и да го поттикнеме нивниот претприемачки дух.“ – изјави деканот на ФИНКИ, Иван Чорбев.
Најдобрите тимови ќе имаат можност да влезат во Европската програма за акцелерирање на проектите, која што ќе им помогне да ги реализираат своите проекти.