Охрид, 19 ноември 2010 (МИА) – Со перформанс во изведба на актери од Битолскиот театар во режија на Владо Цветаноски, во музичка придружба на Драган Даутовски, вечерва на свечен начин беше предаден во употреба целоосно завршениот музејски комплекс „Музеј на вода“, кој коплетно ја презентира праисториската наколна населба и Римскиот кастел на ридот Градиште на источниот брег на Охридското Езеро.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на свеченоста изрази задоволство што е заокружен овој проект, како потврда на заложбите на Министерството за култура и Владата на РМ за развој и промоција на културата, културно-историските богатства и цивилизациските вредности.
- Со гордост можам да потенцирам дека Музејот на вода го носи кодот на цивилизацијата која учествувала во градењето на светската историја одовде, од овие простори кои се интегрален дел од европското жариште кое го носи епитетот лулка на европската култура и цивилизација, истакна Канческа-Милевска.
Фактот дека во текот на 2009 годима Музејот на вода во Охрид го посетиле над 40 илјади посетители, а надлежната установа Завод и Музеј - Охрид од продадените влезници осртварила приход од 2,5 милиони денари, за министерката за култура се јасен поакзател на самоодржливоста и економската и туристичката оправданост на овој импозантен музејски проект со кој, како што истакна, Охрид и Македонија ја збогатија својата културна понуда со уште еден значен монумент на македонското и светското археолошко наследство.
Директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман потсети дека во првите подводни археолошки истражувања во Македонија, спроведени во периодот од 1997 до 2005 година, на истата локација беа откриени околу десет илјади дрвени колци, врз кои постоела дрвена платформа на која во разни временски периоди биле изградени најмалку 24 куќи.
- Ние на тоа место поставивме 3.346 дрвени колци и употребивме над седум илјади дрвени греди, за да го завршиме целиот тој праисториски „град“. Изградивме дрвено пристаниште во стилот на населбата, ги обновивме двете плажи со историска лика употребувајќи повторно дрвени колци. Копнениот простор го збогативме со 11 дрвени бунгалови, а на ридот на просторот од Римскиот кастел поставивме седум дрвени објекти во римски стил, појасни Кузман.
Во финалната фаза од проектот заокружена неодамна, целиот музејски комплекс доби пристапен пункт - капија, сопствен осветлен паркинг-простор, како и збогатена постојана музејска поставка. Во рамките на комплексот има нуркачки клуб, како и амфитеатар со простор наменет за одржување културни манифестации, се со цел да се понудат што повеќе содржини интересни за туристите и посетителите, а целиот музејски простор да се промовира во исклучителна балканска и европска научна културно-образовна дестинација.
Проектот е реализиран во рамките на Програмата на Министерството за култура и Владата на РМ, за што беа издвоени средства во износ од околу 3,5 милиони евра. аб/хс/20:19
(Фото: Преминпортал)
Охрид, 2010