До: Средствата за јавно информирање
Почитувани,
Денес, 29. 12. 2010 година, се одржа средба помеѓу поглаварите на верските заедници во духот на долговековната традиција на меѓурелигиска, меѓуетничка и меѓуцивилизациска толеранција, проследена со заедничко живеење и разбирање.
На предпразничнава средба особено внимание се посвети на темата за бракот и семејните вредности, кои се заеднички за сите верски заедници во нашето општество.
Семејството, мајчинството, татковството и грижата за децата претставуваат највисока морална обврска. Бракот, пак, како заединца на еден маж и една жена, преку кој се формира семејството, соочен е со предизвиците за негово редефинирање, спротивно на Божјите, односно природните закони.
Загрижени од наводните демократски дебати и принципи, ние, претставниците на црквите, верските заедници и религиозни групи во Република Македонија, сметаме дека е потребно бракот како институција да биде афирмиран и уставно дефиниран како заедница на еден маж и една жена.
Од аспект на социјална грижа, пак, предлагаме децата без родители да можат да бидат посвојувани само и единствено од страна на лица од различен пол, кои се во законски брак, како и од страна на самохран родител.
Затоа, на оваа средба се донесе заеднички став, да се покрене иницијатива за измени и дополнувања на Член 40 од Уставот на Република Македонија.
Апелираме до сите граѓани на Република Македонија, како и до пратениците во Собранието на Република Македонија, за широка поддршка на оваа иницијатива, а со цел за афирмација на семејните вредности во нашето демократско општество и вредностите кои заеднички со векови ги споделуваме.
1. МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА-
ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА
Архиепископ Охридски и македонски, Стефан
2. ИСЛАМСКА ВЕРСКА ЗАЕДНИЦА ВО РМ
Реис Ул Улема, Хаџи Ефенди Сулејман Реџепи
3. КАТОЛИЧКА ЦРКВА ВО РМ
Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх д-р Киро Стојанов
4. ЕВАНГЕЛСКО-МЕТОДИСТИЧКА ЦРКВА ВО РМ
Проповедник, г. Михаил Цеков
5. ЕВРЕЈСКА ЗАЕДНИЦА ВО РМ
Госпоѓа Бјанка Суботиќ, претседател
Извор: Скопска епархија