Петметарска скулптура на Крсте Петков Мисирков вчера беше свечено откриена од авторот - академик Томе Серафимовски, академик Блаже Ристовски и градоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ. Скулптурата се наоѓа во паркот, кој пак е именуван по Мисирков, а е во рамки на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Академик Ристовски во своето свечено обраќање потенцираше дека со поставување на споменикот Македонија достојно му се оддолжува и го овековечува овој историски лик за идните поколенија. Посочи дека сонот на Мисирков е остварен, затоа и се наоѓа веднаш до Институтот за национална историја и Архивот на Македонија.
- Никој пред него не го има формулирано толку длабоко и сеопфатно македонското гледиште. Тој најсериозно посведочи за зрелоста на македонската национална свест и за самостојниот национален дух во историјата - нагласи Ристевски.
Авторот Серафимовски информираше дека великанот на 19 и 20 век е изработен во бронза и е поставен на постамент висок еден метар.
Градоначалникот Тодоровиќ рече дека споменикот заедно со хонорарот на авторот и со леењето чини вкупно 170.000 евра.
Освен оној на Мисирков, минатата недела беа поставени и неколку други: на Димитрија Чуповски на Градски плоштад, во Паркот на жената-борец може да се види споменикот на бранителите од 2001 година, а на Ѓорѓија Пулески непосредно до Градската плажа. (А.П.) Дневник