СО НАЈГОЛЕМАТА ЗБИРКА НА ГРАФИЧКИ ЛИСТОВИ ОД 18 ВЕК
Македонските цркви открија многу тајни за Света Гора
Графичките листови со кои располага Музејот на Прилеп потекнуваат главно од светогорските манастири "Зограф", "Хиландар", "Ватопед" и "Иврион" и на нив се претставени чудотворни ликови на светители, религиозни композиции и самите манастирски комплекси...
Музејот на Прилеп ја има најголемата збирка на графички листови од 18 и 19 век на Балканот (околу 250), кои претставуваат впечатлива ликовна хроника за Света Гора. Дел од овие листови, стотина на број, се пронајдени при конзерваторските работи на таванот на црквата "Св. Димитрија", а дел (уште деведесет) при интервенција на кровната конструкција на црквата "Св. Благовештение" во Прилеп. Од Музејот велат дека и во моментот се работи на конзервација на дел од нив, а оние, пак, што досега се заштитени се претставуваат на јавноста.
Поголемиот дел беа згужвани и оштетени од влага и инсекти. Во 2003 година започнати се истражувачки работи, а бидејќи во Прилеп нема конзерваторски центар, дел од графичките листови се испратени на конзервација во лабораторијата за конзервација и реставрација во Скопје. Бидејќи се работи за скап процес, годишно само околу 10 до 15 листови се конзервираат", објаснува Илија Велковски од Музејот. Графичките листови, дознаваме, потекнуваат главно од светогорските манастири "Зограф", "Хиландар", "Ватопед" и "Иврион" и на нив се претставени чудотворни ликови на светители, религиозни композиции и самите манастирски комплекси. На самите листови се наоѓаат имињата на авторите и нарачателите, меѓу кои имало и видни луѓе од Македонија, а понекогаш, се наоѓа и опис и легенда поврзана со графиката.
Во 18 и 19 век православното население од Балканскиот Полуостров најмногу податоци за Света Гора, светогорските манастири, култовите на светителите и чудотворните икони добивало токму преку графичките листови. Овие хартиени икони", како што биле нарекувани во овој период, ги носеле монасите од Света Гора, кои преку Халкидик, Тракија и Бугарија доаѓале во Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и фрушкогорските манастири", додаваат во Музејот на Прилеп.
Основоположник на балканската графика е македонскиот зограф и графичар Христифор Жефаровиќ, кој потекнувал од свештеничко семејство од Дојран. Бил искусен зограф, а техниката на бакрорез ја изучил во Виена. Неговите бакрорези биле присутни во сите светогорски манастири. Во 1748 година ја изгравирал иконата Богородица, а од овој период е и графиката со претстава на св. Наум Охридски, изработена во соработка со виенскиот гравер Тома Месмер".
Бројните податоци за хартиените икони можат да се добијат и од каталогот што го подготви Музејот, а за македонското културно богатство досега имаа можност да дознаат и жителите на Њујорк, Риека. Годинава изложба на околу триесетина графички листови ќе биде поставена и во Нови Сад.
(Д.Т.)-Вечер