05.09.2013 год.
Претставата „Одисеј“, по текст на Горан Стефановски, а во режија на Александар Поповски, е добитник на наградата за најдобра претстава на фестивалот на медитерански театар „Пургаториј“ што се одржа во Тиват.
Озрен Грабариќ награден за улогата на Одисеј
За првонаградената претстава одлучуваше жирито во состав: театрологот Дарко Антовиќ, продуцентот Зоран Живковиќ, актерката Весна Вујошевиќ, режисерот Петар Пејаковиќ и публицистката Драгана Трипковиќ.
Оваа пиеса е направена во копродукција на шест различни театарски групи: групата на Раде Шербеџија од Бриони, Гавела од Загреб, Словенско народно гледалишче од Марибор, Ателје 212 од Белград, Српско народно позориште и Стеријино позориште од Нови Сад, како и Театар на навигаторот од Скопје, со десет актери од Скопје, Љубљана, Белград и од Загреб.
На овој фестивал претставата на Поповски се закити и со наградата за најдобро актерско остварување, која едногласно му е доделена на Озрен Грабариќ за улогата на Одисеј, прикажан како негативец.
Во „Одисеј“ игра и Никола Ристановски, во улога на водителот на група музичари (членовите на македонската група „Фолтин“, автори на музиката, овој пат и актери), преку чии песни се прераскажуваат настаните, додека тие ја менуваат содржината со тек на времето, зависно од политичките состојби на теренот. (Нова Македонија)