На 7 мај 2015 година во Атина започна Првата меѓународна конференција посветена на дигиталните медиуми и православната пастирска грижа.
Конференцијата е организирана под покровителство на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, а во заеднична организација на институтот „Св. Максим Грк“, Православната христијанска мрежа (OCN) и рускиот научен богословски портал „Богослов“. Во Почесниот комитет на конференцијата се Митрополитот Иларион Алфеев (Претседател на Одделението за надворешни црковни врски на РПЦ-МП), Митрополитот Борисполски и Броварски Антониј (УПЦ-МП), Епископот Борисовски и Мариногорски Венијамин (Белоруски Егзархат на РПЦ), како и архиереи од повеќето Помесни Православни Цркви.
Планирано е на оваа тридневна конференција да говорат 75 говорници од 21 држава во светот кои ќе понудат увид и оценка на работата од областа на пастирската грижа преку дигиталните медиуми, како и анализа на динамиката на православното присуство во оваа област.
На оваа значајна конференција, со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф, присутна е и Информативната служба на Кумановско-осоговската епархија на МПЦ-ОА.
На првиот конференциски ден се одржаа пет работни сесии, после кои следеа петнаесетминутни дискусии на кои присутните имаа можност да постават прашања поврзани со излагањата на говорниците.
Особен интерес меѓу присутните предизвикаа излагањата на сестра Васа Халаби од манастирот „Свето Благовештение“ од Алеппо, Сирија насловено „Декодирање на знаците на нашите времиња“, паралелата меѓу теологијата на св. Максим Исповедник и етиката на интернет односите („Вирутелна реалност и реалност на доблести“) на протопрезвитер Патрик О’Грејди, студијата на случај на д-р Ана Данилова поврзана со мисионерскиот портал „Правмир“, и секако, излагањето на проф. Владимир Легоида, претседателот на Синодалниот информациски оддел на РПЦ-МП, насловено „Технологиите и религискиот живот: дали небото ни е поблизу?“ (врска до извадоци од говорот на руски: Интернет может быть хорошим инструментом просвещения, но не средством спасения?)
Официјалното отворање се одржа вечерта од првиот работен ден, и на него беа причитани поздравните слова на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, и на поглаварите на Помесните Православни Цркви.
На следниот линк, можете да ја следите конференцијата во директен пренос, на англиски, грчки, и руски јазик.