·
СМОГ, СМОК
Ние, кои останавме овде, обземени
од една речиси забранета љубов
Ние, осудени на тивка смрт
во пространа гасна комора
Ние со години ги гледаме по сеќавање
планините, ѕвездите, патиштата
невидливи од онаа тешка магла
од оној леплив смог, оној смок
свиткан околу нашите грла
и повнатре, во душникот
Ние се препелкаме налик на риби на суво
Ги подигаме главите кротко како желки
штом дувне ветре, штом замириса на чисто
- на снег, јаглика и момина солза
Овде, кајшто имаме лето на есен и пролет зиме
Овде, кајшто некогаш имаше зошто да се живее
а сега ја позајмуваме смислата од минатото
Овде, кајшто бдееме над последната жар во пепелта
надевајќи се дека ќе се запали сама од себе
и ќе збувне, и ќе забоботи, и ќе нè праша
Која ни е последната желба -
Да изгориме во огнот на љубовта
Да се спасиме во туѓина
Или можеби нешто друго
Можеби сакате да ја спасите Неа -
ќе нè праша
Па зар тоа не е исто, ќе речеме
Па зар тоа не е едно исто?
ФБ профил на Katica Kulavkova