10 МАРТ: ВИНОИРАКИЈА
Секогаш кога ќе плисне ненадеен пороен дожд и кога на небото ќе се појави или само ќе ми се пристори шарен, небесен свод низ кој може да се спровре тагата и да стане радост, заборавам дека сум возрасна, дека сум некаков лингвист, некаков писател,.. ги заборавам сите зборови на светот, сите слики, освен Кашавелскиот рид во Старо Нагоричино и баба ми Тимка како гледа угоре со подзинати усни и ококорени очи и вели: Деца, виноиракúја на небо!
Гледав, гледав и јас како дете, гледав втренчено во небото следејќи го нејзиниот поглед без да трепнам и никогаш не можев да видам ни вино ни ракија. Пребарував низ синилото ракиџиски чавчиња, бели или зелени како нашите дома донесени од Трст, чоканчиња, керамички бокалчиња со рачка и нацртано гранче сини цветчиња, стаклени кондири, мали за ракија, големи за вино,.. бокалчиња со златна лентичка, широки чаши со столчиња... На небото никогаш немаше ништо од сето тоа, никаков сервис. Ни за вино, ни за ракија. Бев тажна што сите го гледаат тоа што јас не можев да го видам.
Кога потпораснав сфатив дека виноиракúја да ти било виножито. Божилак. Ѕуница. Коложег.
Денес наврапито заврна, набрзина влеговме внатре во кафулето и штом преврна, ги залепив рацете на стаклото и пребарував виноиракúја. Прв пат во животот видов чаши, шолји, шишиња,.. цели сервиси на небото! Бев пресреќна. Воопшто не ми беше гајле што тоа беше само отсјај од куповите садови набрзина внесени од терасата на кафулето.
(„Престапни години“, Бегемот, Скопје 2021)
ФБ профил на Оливера Ќорвезироска
пп Март 2023 г.