Венко Андоновски
·
КОГА...
Драг мој читателу, споделувам со тебе неколку совети за преживување...
Кога некој те премолчува, а си заслужил пофалба, не чули ги ушите: злобата не се слуша, зашто ниедна птица не пее од омраза.
Кога некој те фали, а ти не заслужуваш пофалба, бегај подалеку од тој човек. Тој сака да те позлати како лош забар што позлатува расипан заб (и ќе ти наплати за тоа). Однадвор златен, а внатре гноен – тоа многу ќе те боли.
Кога некој премногу те фали, а ти навистина си заслужил пофалба, само затни ги ушите. Душата што ласка е гласна, затоа што го говори она што и другите го знаат, па сака да ги надвика, за да застане прва во редот на оние што бараат некаков ќар од тебе.
Кога некој те клевети, немој да се браниш, зашто твојата чесна одбрана ќе стане слама што го распламтува огнот на клеветата и омразата.
Кога некој тагува со тебе над загуба, не брзај да го прогласиш за пријател. Тагата лесно се глуми, радоста никогаш. Оној што се радува со тебе е пријател.
Кога некој ти ги клоца и урива кулите од песок со нога, не ѕидај ги повторно од бетон, за да си ја скрши злонамерникот ногата. Продолжи да ги ѕидаш од песок, зашто на убавината само нежни состојки ѝ прилегаат. А на злото груби: чизма, нож и копач.
Кога твојот свет е згазен од завидливци, секогаш помисли: „Не можат тие толку да урнат колку што јас можам да изградам“. И фати се веднаш за мистријата и перото.
Кога околу себе гледаш лоши и озлобени луѓе кои ти велат „Ти не вредиш пет пари и од тебе нема да биде никогаш ништо“, не плаши се. Тие се црви. Ниедно јаболко не настрадало додека црвот е надвор. Само не пуштај го црвот на сомнежот внатре.
Твој Венко