Непрестајната молитва и благодарењето кон Бог за сѐ што ни се случува се условите за нормален живот (20.08.2014)
Антониј Велики вели да се молиме постојано, но и, истовремено да Му благодариме на Бог за сето она што ни се случува. Го користи сверзникот и, бидејќи овие две реченици не можат да се раздвојат, туку секогаш одат заедно. Да Му благодариме на Бог за сѐ добро, но и за нешто друго – во нашиот живот не се одвива сѐ онака како што ние би сакале. На пример: се молиме, но ни се чини дека Бог не нѐ слуша. Бараме да ни подари здравје, а нашата болест се влошува. Бараме да ни подари нешто друго, а Бог не ни дава ништо од тоа. Сѐ ни оди лошо.
Оној што нема да се научи да Му благодари на Бог за сѐ што ни се случува, а особено за она лошото, нема да мрдне ниту милиметар подалеку од местото на кое го родила неговата мајка. Нема да има никаков напредок. А кога го родила мајка му, тој ја имал барем природната светлина, типична за мало дете, но ние постарите имаме тврдо срце и знаење кое нѐ осудува. Значи, мораме да се научиме да Му благодариме. Кога имаме лоши мисли, кога братот нешто ни зборува, а ние внатрешно чувствуваме омраза кон него, тогаш треба да Му благодариме на Бог и да му подариме насмевка на братот. Ако не правиме така, ќе биде невозможно да напреднеме и еден чекор бидејќи сѐ ќе ни оди на лошо. Особено другите луѓе и животните ситуации во нас ќе предизвикуваат лоши помисли, искушенија, страсти и неволји.
Непрестајната молитва и благодарењето кон Бог за сѐ што ни се случува се условите за нормален живот. Ако човекот не Му благодари на Бог за сѐ, тој не може ни да се моли... треба да биде задоволен со сѐ што се случува, било тоа да доаѓа од него самиот или од заедницата, или од непријателите, или од демонот. На пример: еден монах има мисли кои го мачат. Не треба да биде загрижен, туку треба да се радува и да Му благодари на Бог.
Непрестајната молитва и благодарењето кон Бог за сѐ имаат директна врска со нашето лично правило. Значи, некој може да се придржува до своето правило ако непрестајно се моли; и може непрестајно да се моли, оној што се придржува до правилото. Ако сака да ја раздвои непрестајната молитва од правилото, и двете ќе се срушат. Ова е основа за сѐ и треба постојано да се има на ум. Остави го своето правило на два дена и ќе видиш дека нема ниту еднаш во текот на денот да се сетиш да речеш: „Фала Му на Бог“. Тоа е закон.
Старец Емилијан од Симонопетра
Извор:МПЦ-ОА