Ава Антониј, проникнувајќи во длабочините на Божествените патишта, прашал, говорејќи: Господи! Зошто некои живеат малку – па умираат, а други живеат до длабока старост? Зошто некои се бедни, а други живеат во богатство? Зошто нечесните се богатат, а благочестивите се сиромашни? Тогаш дошол глас до него, велејќи: Антониј! Внимавај на себе! Тоа се Божји судови и ти немаш полза од тоа да ги знаеш.
Ава Антониј рекол: ги видов сите мрежи на ѓаволот, распространети по земјата и воздивнувајќи реков: Кој ќе ги одмине? И слушнав глас што рече: смиреномудрието.
Еднаш старците дошле кај ава Антониј, а со нив бил и ава Јосиф. Старецот, сакајќи да ги провери, спомнал изрека од Писмото и почнал да ги прашува младите: што значи оваа изрека? И секој кажувал според силата. Но, старецот секому му говорел: ти сè уште не си го нашол (одговорот). На крајот му рекол и на ава Јосиф: ти што велиш, што значи овој збор? Јосиф одговорил: не знам. Ава Антониј му рекол: ава Јосиф навистина го нашол патот, затоа што рече: не знам.
Извор: Мистагогија