Повторно пред блесокот од слегувањето на Светиот Дух и роденденот на Мајката Црква, таа го запалува светлото на љубовта кон сите наши праотци, отци, мајки, браќа и сестри, што си заминале од овој свет, потсетувајќи нè дека сите ние, живите и покојните, едно цело сме, една заедница во Христа, Победителот на смртта. Затоа и ни ја подарила оваа света Духовденска задушница за со молитва и должна благодарност да си спомнеме за сите оние што пред нас се преставиле пред лицето Божјо. Оти, како што вели богомудриот Атанасиј Велики: „Богоглаголливите апостоли, освештените учители и духовните отци, според нивното достоинство, бидејќи исполнети со Божествениот Дух и според мерата на нивниот обем да го примат восторгот на силата Негова, со своите боговдахновени усти, богоугодно востановиле литургии, молитви и псалмопеења и годишни спомени за починатите – обичај што со благодатта на Човекољубивиот Бог дури до денес се засилува и распространува од истокот на сонцето до запад, на север и југ, во чест и слава на Господ на господарите и Царот на царевите“.
Секоја година нашите свети Обители со ревност си спомнуваат за сите знајни и незнајни упокоени Христијани, за милосрдниот Бог да ги всели во населбите на блаженото веселие. Кон молитвеното воспоминание овој пат се придружи и сестринството на Светата Пречистанска Обител, каде нашиот Старец, Архимандрит Партениј, после вечерната богослужба, отслужи панихида за покојните. Малку подоцна нашиот игумен и браќата јеромонаси отслужија панихида и во Бигорски.
Во знак на благодарно сеќавање за сите ктитори, градители, игумени, монаси, молитвеници на славното Светилиште на Мајката Божја, Старецот посака токму на задушница да се објави прекрасниот епитаф од гробот на игуменот-ктитор хаџи Теодосиј Пречистански, кој во 1848 година го подигнал денешниот велелепен храм. Епитафот, во 1873 година, го напишал неговиот наследник во игуменството, а воедно и сродник, знаменитиот македонски духовник и голем борец за народното дело, Козма Пречистански, идниот егзархиски дебарски митрополит. Епитафот претставува стихотворба напишана на архаично македонско наречје со елементи на црковно-словенски јазик и се одликува со особена значенска длабочина, како и висока поетска убавина и префинетост. Од непознати причини мермерните плочи со епитафот некогаш биле отстранети од гробот и сосема несоодветно биле поставени како чесна трпеза во олтарот на подоцна доградениот параклис на Свети Николај Чудотворец. Иако отец Партениј уште од поодамна разговарал со нашиот надлежен Митрополит, г. Тимотеј, дека ктиторскиот гроб треба да се реставрира и епитафот да биде повторно вратен на него, Божјата промисла одредила тој да биде изваден од параклисот и темелно исчистен токму сега, спроти молитвениот спомен за покојните. Се разбира, во иднина тој ќе биде целосно реставриран и соодветно составен.
Во продолжение го наведуваме целиот текст од епитафот, во првообразна форма и во современа македонска транскрипција:
Чіа кости покриваеши, о каменю хладный,
от маловременій живот землю преданіи?
Мужа почтена ѿ славіанска рода и племена,
ѿ родителя православна у град Скопіе рождена.
От время детинства свое отечество оставилъ,
у монашески чин благоговѣйно приступил.
По благонаравіу за надзірател ся избралъ,
тридесят и три лета в монастір сей слугувал.
Церков и вся околна зданіа сей созыдалъ
и прочая имотъ благолѣпно умножавалъ.
Стигна у прилична и удовлетворна старост,
даде народу примѣръ и неісказана радостъ.
Ревниф за благоугодна дела нашиот старец,
основа училиште народу безцѣнет вѣнец.
Хілядо осум стотина и десет от Христа лета,
покоиніот Теодосиа роден бы у света.
Хілядо осум стотин седумдесет и три лета,
до двадесет и пети маіа живува на света.
Подиже се споменик егумену ѿ народа,
за знак свое слугуванѣ и от почтена рода.
От братіа монастирска и ѿ братанца свога,
кому остави скорби, жалост за времена долга.
Свершіся памят его в лѣто сіе, септембер пети,
сви братіа речите вѣчна ему памят бити.
Современа македонска транскрипција:
Чиа кости покриваеши, о камењу хладниј,
от маловремениј живот земљу преданиј?
Мужа почтена от славјанска рода и племена,
от родитеља православна у град Скопје рождена.
От времја детинства свое отечество оставил,
у монашески чин благоговејно приступил.
По благонаравиу за надзирател сја избрал,
тридесјат и три лета в монастир сеј слугувал.
Церков и всја околна зданиа сеј созидал
и прочаја имоти благолепно умножавал.
Стигна у прилична и удовлетворна старост,
даде народу пример и неисказана радост.
Ревниф за благоугодна дела нашиот старец,
основа училиште народу безценет венец.
Хилјадо осум стотина и десет от Христа лета,
покојниот Теодосиа роден би у света.
Хилјадо осум стотин седумдесет и три лета,
до двадесет и пети маја живува на света.
Подиже се споменик егумену от народа,
за знак свое слугуване и от почтена рода.
От братиа монастирска и от братанца свога,
кому остави скорби, жалост за времена долга.
Свершисја памјат его в лето сие, септембер пети,
сви братиа речите вечна ему памјат бити.
Извор: Бигорски манастир
03.06.2017 год.