(Обновено)
Старо Нагоричане
Испосницата во Старо Нагоричане се наоѓа во непосредна близина на црквата Св.Ѓорѓи.
Според легендата свети Прохор Пчињски се подвижувал во оваа мала пештера. Тој на византискиот војсководец Роман IV Диоген му претскажал дека ќе стане византиски цар.
Роман IV Диоген набргу станал византиски цар (1068-1071), и во знак на благодарност кон видовитиот пустиножител, ја подигнал прекрасна трокорабна базилика во непосредна близина на неговата испосница, првата фаза од денешната црква на св.вмч.Ѓорѓиј.
ИСПОСНИЧКА ПЕШТЕРА НА СВЕТИОТ ПРОРОК
Старо Нагоричане
Прохор започнал испоснички живот. Најпрвин живеел во една пештера во близината на селото Старо Нагоричане, Кумановско, во непосредна близина на црквата Св.Ѓорѓи.. Се хранел со зелје и корења од трева, живеел во пост и молитви, зиме на мраз, лете во пот. На тоа место без да види човек, а дружејќи се само со дивите ѕверови минал 32 години.
Тука имал средба и со Роман Диоген, идниот цар на Византија, на кого му ја претскажал иднината. Имено, житието раскажува дека еднаш кога Диоген бил на лов во овој крај бркал една срна. Срната дошла пред пештерата и легнала пред нозете на светецот. Потоа по неа дошол и Диоген кој се исплашил од глетката и се засрамил од старецот, поради што почнал да бега од местото. Но и се изненадил кога старецот го повикал по име: „Диогене, немој да бегаш, но врати се, и јас сум човек“. А кога се вратил кај старецот барајќи прошка и благослов овој му рекол: „Диогене, речено е да одиш во Цариград и да бидеш цар, но кога ќе дојдеш на престолот спомени ме мене, старецот, поради пророштвото што ти го изреков“.
Диоген навистина станал цар на Византија во периодот 1067-1071 година, и тогаш го заборавил светиот Прохор. Овој пак монашкиот живот го продолжил во планината Козјак во една пештера во близината на реката Пчиња каде што и умрел на 14-тиот ден од месецот октомври, а неговото тело долго не се распаднало.
Царот Роман Диоген навистина заборавил на светиот старец но еднаш тој му се јавил во сонот и му рекол: „Ја заборави твојата облека и мене старецот“. Тогаш тој тргнал да го бара на местото каде што ја имал чудната средба со него и со срната. А кога не го нашол, за спомен изградил убава црква што и денес ги восхитува случајните и намерните посетители на селото Старо Нагоричане. А кога сакал да се врати во Цариград пак во сонот му се јавил светецот и му рекол дека ако го бара ќе го најде во планината. Царот со придружбата тргнале низ планината и на едно место виделе како бел орел излегува од една пештера. Во таа пештера го нашле телото на светецот уште нераспаднато. Царот и придружбата се поклониле пред светите мошти, и ги понесле кон реката со намера да ги положат во манастирот посветен на неговиот спомен. На едно место ковчегот со светите мошти застанал и не можеле да го помрднат, а светецот во сонот му рекол на царот: „Нема да ме однесеш оттука“. Тука е изграден манастирот што го носи името на Свети Прохор Пчињски, а неговите свети мошти и денес лежат во црквата од десната страна на олтарот.(Извор: Житијата на сите досега познати македонски светители )
За Преминпортал:
Ратислав Кардалев
(фото: Александар Димитријевиќ)
Лето Господово 2012