ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ
Глава втора
ЗА НЕДОСТИГОТ НА ЧОВЕЧКАТА СИЛА
Светите Отци едногласно велат: првото нешто што секогаш мора да го имате на ум е дека никогаш, и во никој случај, не треба се потпирате на себе си. Борбата што ви претстои е исклучително тешка, и целата ваша човечка сила е недоволна за да истрае во неа. Ако се потпрете на неа, веднаш ќе бидете “оборени на земја” и веќе нема да имате желба да ја продолжите борбата. Само Господ може да ви ја даде победата која толку многу ја посакувате.
Одлуката да не се потпираме на себе си и на сопствените сили е, за многумина, сериозна пречка на самиот почеток. Таа пречка мора да се надмине, во спротивно нема изгледи дeка ќе продолжите понатаму на истиот пат. Како може човек да прима совети, поуки и помош ако верува дека знае сè, дека може сè и дека воопшто не му треба совет? Ниту еден зрак светлина не продира преку таков ѕид на самозадоволство. Тешко им на оние кои се мудри во сопствените очи и умни само пред себе!, вели пророкот Исаија (Иса. 5:21), а апостол Павле предупредува: Не сметајте се за мудри (Рим. 12:16). Господ им го откри Царството Небесно на младенците, додека им е скриено на мудрите и разумните (Мат.11:25).
Затоа, мора да се ослободиме од преголемата верба во себе си. Честопати таа е толку цврсто вкоренета во нашето срце, дури и не разбираме до кој степен таа управува со него . Токму нашиот егоизам, нашата насоченост кон самите себеси и кон нашето самољубие е причина за сите наши тешкотии, разочарувања и страдања на душата и телото.
Затоа, погледнете се и видете до која мера сте робови на желбата да си угодувате на себеси и само на себеси. Вашата слобода е ограничена од оковите на самољубието и вие, како заробени мртовци, лутате така од утро до мрак. „Сега ќе јадам“, „Сега ќе станам“, „Сега ќе го читам весникот“. Затворени во опседнатоста со себе си,носени од миг во миг, но штом нешто ќе ни го попречи патот, незадоволството се разгорува и расте во нас.
Ако нурнете во длабочините на вашата совест, ќе наидете на истата сцена. Таа лесно може да се препознае по непријатното чувство што ве погодува кога некој ќе ви противречи. Тоа е суштината на ропството во кое ние живееме,зошто, каде што е Духот Господов, таму има слобода (2. Кор. 3:17). Може ли нешто добро да излезе од тоа постојано кружење околу сопственото јас? Нели Господ ни заповеда да го сакаме ближниот како себеси, но пред сè да го љубиме Господ Бог? Но, дали го правиме тоа? Зарем нашите мисли постојано не се занимаваат само со сопствената среќа? Бидете сигурни дека ништо добро не може да произлезе од нас самите. Ако пак случајно, во нас се роди несебична мисла, можеме да бидеме сигурни дека таа не доаѓа од нас, туку од самиот Извор на добрината и како таква ни е дадена: таквата мисла е дар од Животодавецот. Исто така, способноста да се спроведе добра мисла во добро дело не е наша, туку е одозгора, дарувана од Света Троица.
ТИТ КОЛИАНДЕР
За Преминпортал: Симеон Стефковски