ЗА ДА РАЗБЕРЕМЕ КОЛКУ ТРЕБА ДА БИДЕМЕ БЛАГОДАРНИ ЗА ТОА ШТО ГО ИМАМЕ, ТРЕБА САМО ДА СЕ СТАВИМЕ ВО КОЖАТА НА ОВА ДЕТЕ
Ова е една од ретките историски фотографии, сликана во септември 1945 година во Нагасаки, Јапонија, од страна на Џо Одонел.
Џо Одонел бил испратен од војската на САД да ја слика и документира штетата нанесена врз Хирошима и Нагасаки со фрлањето на атомските бомби во август 1945 година. Тогаш погинаа преку 240 000 цивили, меѓу кои и деца, некои од самото бомбардирање, а некои денови, па и месеци подоцна, во агонија и болки.
Во текот на 7 месеци, тој гледал само мака, страдање, ранети, бездомници, сирачиња... слики кои засекогаш останале врежани во неговото срце.
Меѓу бројните фотографии што ги направил Одонел е и оваа. Тој кажува дека здогледал момче на околу 10 годишна возраст како носи бебе на својот грб. Обично, во тоа време сите деца така си играле со своите братчиња и сестричиња, но не и во овој случај. На бебето му било виснато главичето, како да спие, а детенцето било босо и со сериозен изглед на лицето. Стигнало до крематориумот и во војничка поза застанато, чекало да дојде неговиот ред. Мажи со бели маски се доближиле до него и почнале да го одмотуваат јажето што му било намотано околу градите, го фатиле бебето за рацете и нозете и го фрлиле во огнот. Тогаш Одонел сфатил дека бебето е мртво.
Момченцето продолжило да стои неподвижно и да гледа во огнот, гризејќи си ја долната усна толку силно, што му се раскрвавела. Кога телото на бебето се сторило пепел, момченцето без збор се завртело и си заминало.
Во текот на годините направени се многубројни безупешни обиди за да се пронајде тоа дете.
Оваа слика е симбол за човечкото страдање, но и за храброста што на Јапонија ѝ била потребна за да излезе од пеколот од Втората светска војна. А и малкумина возрасни ја сфаќаат храброста и емотивната сила на ова мало детенце, кое било еден од многубројните сведоци на човековата злоба.
Еминентниот клинички психолог д-р Џордан Питерсон дава одличен совет поврзан со историјата: кога читаме историја, не треба да ја читаме како посматрачи или жртви, туку како виновници. Совршено се совпаѓа со она светоотечкото: "Јас сум виновен за сѐ". Ако не во минатото, тогаш во сегашноста и иднината со својот грешен живот придонесуваме за несреќите во светот... и страдањата на невини дечиња.
Избор од фб профил на
Аргирета Атева
Декември 2021 лето Господово