Свештеник ПАВЛЕ Гумеров
ПРАВОСЛАВНА АСКЕТИКА ЗА МИРЈАНИ
Глава I
СТРАСТИ И СТРАДАЊА

Во превод од црковнословенскиот јазик, зборот „страст“ значи „мачење“ (оттука, на пример, рускиот израз „страстотерпец“, односно оној што поднесува страдања и маки). И навистина, ништо толку не ги мачи луѓето како нивните сопствени страсти и длабоко вкоренети гревови.
На почетокот тие служат за задоволување на гревовните потреби, а потоа самите луѓе почнуваат да им служат ним: „секој што прави грев – роб е на гревот“ (Јн. 8, 34). Во секоја страст постои миг на гревовна наслада за човекот, но сепак страстите го мачат, го разоруваат и го покоруваат грешникот.
Најочигледен пример за страсна зависност се алкохолизмот и наркоманијата. Алкохолот и наркотиците не стануваат само дел од душата на човекот, туку влегувајќи во размената на супстанци, стануваат дел и од биохемиските процеси во неговиот организам. Таа зависност е, всушност, духовно-телесна, и затоа треба да се лечи двојно — и душата и телото. Но во основата на сето тоа лежат гревот и страста. Алкохоличарите и наркоманите сè принесуваат како жртва заради страста – им се растура семејството, ги отпуштаат од работа, ги губат пријателите... Човек зависен од алкохол или наркотик е способен на секое зло за да ја задоволи својата страст. Не случајно, 90% од убиствата се извршуваат под дејство на алкохол или наркотични средства.
И другите страсти можат исто така да ја покорат душата, но во овој случај тие се засилуваат со телесната зависност.
Луѓето кои се надвор од Црквата и духовниот живот често гледаат во христијанството само забрани. Велат: измислиле табуа и ограничувања, само за да им го искомпликуваат животот на луѓето.

Во Православието нема ништо случајно или непотребно; сè е хармонично и поставено во правилен ред. Во духовниот свет, како и во физичкиот, постојат закони кои не смееме да ги нарушиме, исто како што не смееме да ги нарушуваме природните закони, бидејќи тоа неизбежно води кон катастрофа. Дел од тие закони се изразени во заповедите, кои нè штитат од злото. Заповедите и моралните правила може да се споредат со предупредувачки натписи: „ОПАСНО — висок напон!“, „Не влегувај — смртоносно!“, „Радијациска зона“, „Отровно“, „Токсично“ итн. Нам, се разбира, ни е дадена слобода, но ако не ги земеме предвид тие предупредувања, тогаш треба да се лутиме само на себеси.
Гревот претставува нарушување на многу прецизните и строги закони на духовната природа, и во прв ред му нанесува штета токму на оној што греши. А во случајот со страстите, штетата се умножува, бидејќи гревот станува постојан, попримајќи карактер на хронична болест.

Зборот „страст“ има две значења.
Прво. Како што вели преподобниот Јован Лествичник: „Страст се нарекува самиот порок што одамна се вселил во душата и преку навиката станал како нејзино природно својство, бидејќи душата веќе самоволно и свесно кон него стреми“. Тоа значи дека страста е нешто повеќе од грев — таа е гревовна зависност, ропство под одреден порок.
Второ значење: зборот „страст“ може да значи цела група гревови. На пример, во книгата „Осумте главни страсти и нивните подгрупи и разгранувања“, составена од свети Игнатиј Брјанчанинов, набројани се осум страсти, а потоа следуваат гревовите кои таа страст ги опфаќа. На пример, ГНЕВ: „Раздразливост, гневни помисли, смислување одмазда, озлобеност на срцето, поматување на умот, расправии, навредливи зборови, туркање, убиство, злопамтење, омраза, кавги, одмаздољубивост, клеветање, осудување, навреда и озлобување кон ближниот“.
Светите Отци, по правило, ги издвојуваат следните осум страсти:
1. стомакоугодување,
2. блуд,
3. среброљубие,
4. гнев,
5. тага,
6. униние,
7. суета,
8. гордост.
Некои ги изедначуваат тагата и унинието, но тие, иако поврзани, не се сосема исти поими.
Понекогаш овие осум страсти се нарекуваат „смртни гревови“, затоа што доколку целосно завладеат со човекот, можат да го лишат од духовен живот и спасение, доведувајќи го до вечна смрт. Како што велат Светите Отци, зад секоја страст стои одреден демон, а зависноста од него го прави човекот ропски врзан за соодветниот порок. Тоа учење се темели на Евангелието: „Кога нечист дух ќе излезе од човека, тој оди преку безводни места и бара спокојство; и не наоѓајќи, вели: ‚Ќе се вратам во домот свој, од каде што излегов.‘ Па, штом дојде, го наоѓа изметен и среден. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и кога ќе влезат, живеат таму; и последната состојба на тој човек ќе му биде полоша од првата.“ “ (Лк. 11, 24–26).
На Запад обично се набројуваат седум страсти, како кај Тома Аквински. Таму бројот седум има особена симболика.
Страстите претставуваат изопачување на природните човекови потреби. На човекот му е природна потребата за храна, за продолжување на родот. Гневот може да биде праведен (на пример, кон сопствените гревови), но може да доведе и до убиство. Штедливоста може да прерасне во среброљубие. Тагата при загуба на блиски е природна, но не смее да премине во очај. Одлучноста и трпеливоста не мора да станат гордост.
Еден западен богослов дава извонреден пример: страста е како куче. Добро е кога кучето е на синџир и ја чува куќата. Но ако скокне на масата и ви ја изеде вечерата — настанала несреќа.
Свети Јован Касијан Римјанин учи дека страстите се делат на душевни – што произлегуваат од внатрешните склоности (гнев, униние, гордост…); на страсти што ја хранат душата; и на телесни — што се раѓаат и хранат во телото. Но, бидејќи човекот е единство од душа и тело, страстите истовремено ги разоруваат и двете.
Тоа го наведува истиот светител кога објаснува дека првите шест страсти произлегуваат една од друга: „одвишокот од претходната означува почеток на следната“. Така, од прекумерното стомакоугодување произлегува блудот; од блудот — среброљубието; од среброљубието — гневот; од гневот — тагата; од тагата — унинието. И секоја од нив се лечи со искоренување на претходната: за да го победиме блудот, треба да го зауздаме стомакоугодувањето; за да ја победиме тагата, треба да го надминеме гневот итн.
Посебна тема се суетата и гордоста, кои се меѓусебно поврзани: суетата е извор на гордоста, а со гордоста треба да се бориме дури откако ќе ја победиме суетата.
Светите Отци учат дека многу страсти се извршуваат преку телото, но се зачнуваат во душата и излегуваат од срцето. Најстрашно е што страстите не исчезнуваат со смртта. Телото како инструмент на гревот умира, но страстите остануваат — и човекот се мачи токму поради неможноста да ги задоволи.
Таму, во вечноста, велат светите Отци, страстите ќе го мачат човекот многу повеќе отколку овде — ќе го печат како оган. И не само телесните страсти, туку и душевните — гордоста, суетата, гневот — зашто таму нема можност да се задоволат. И најважното: човек таму веќе не може да се бори со нив — тоа е можно само овде, на Земјата, бидејќи земниот живот ни е даден како време за покајание.
Со она што човек го служел во земниот живот — со тоа ќе остане и во вечноста. Ако служел на страстите и на нечастивиот — со нив ќе биде. За наркоманот таму ќе биде бескрајна апстиненција; за алкохоличарот — вечен мамурлак. Но ако човек му служел на Бога — ќе биде со Него.
Земниот живот е подготовка за вечноста. Овде дознаваме што е за нас најважно: страстите или Бог. Рајот е место на особено Божјо присуство, и Бог никого со сила не внесува таму.
Протојереј Всеволод Чаплин наведува една аналогија: „На вториот ден од Воскресението 1990 година, владиката Александар служел прва служба по времето на репресиите во Ипатијевскиот манастир. Работниците на музејот жестоко се противеле. Кога владиката влегол во храмот, тие стоеле во припратата со гневни лица. Кога им рече: ‘Христос воскресе!’ и ги попрска со света вода, тие го погледнаа со лица искривени од омраза. Така, велам, исто така ќе биде и со богоборците — преминувајќи во вечноста, самите ќе се откажат од рајот, бидејќи таму ќе им биде неподносливо.“
Подготвил Симеон Стефковски


























