ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот
Христов епископ и исповедник
Јаков
21 март / 3 април
Пример за подвижништво помеѓу епископите,
молитвенику кој Бога непрестајно го призиваше,
исповеднику на вистинската вера во Господа,
Јакове свети исповедниче, маките и страдањата
твојата душа ја прекалија и до небесните дворови ја донесоа,
моли се свет пастиру со Бога помирени
да бидеме по твоите свети молитви.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
епископ Христов
Серапион Тмуитски
21 март / 3 април
Боговдахновен пастиру Серапионе,
сотрудниче Антониев и Атанасиев,
ревнителу исповеднички на светата Вистина,
моли се за нас усто благоглаголива
на кого пустината му е дом предвечен,
а суетата човечка тесен кострет пропадлив,
пред Христа Бога да имаме милост голема.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
патријарх Цариградски
Тома
21 март / 3 април
„Очите мои судот да не го видат“,
се молеше о Томо пастиру ревносен,
срцето се кинеше од болка кога
отпадништвото меѓу луѓето го гледаше,
затоа измоли од Господарот на животот
милост да има за очите твои,
и поита при нозете Негови,
молејќи се и денес за спасение
на душите наши.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
отец Кирил
епископ Катански
21 март / 3 април
Од горката заблуда на незнаењето,
првоврховниот Апостол те приведе
во познание на сладоста во Христовото учење,
о Кириле епископе свети, мирно пасејќи го стадото Божјо,
мноштво чудеса сотвори благодатта која те крепеше.
Затоа од небесните дворови
моли се да се спасат нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2021 лето Господово
Од Верскиот календар:
Свети Јаков, епископ и Исповедник
Не се знае ни местото на неговото раѓање ни местото на неговото епископство. Се знае само дека ги исполнил Христовите заповеди, подвизувајќи се многу во пост и во молитва и дека во времето на Копроним претрпел големи беди од иконоборците: глад, затвор и секакво подбивање. Најпосле Му ја предал својата света душа на Бога, Кому верно Му послужил во овој живот. Живеел и страдал во 7 век.
Преподобен Серапион
Другар на Св. Антониј Велики. Во Нитриската пустина беше настојател на т.н. Антиохиски манастири, во кои имаше околу единаесет илјади монаси. Паладиј и Созомен го нарекуваат Велик. Се упокои околу 366 година. Пишуваше Свети Серапион: „Не мисли дека болеста е тешка, тежок е само гревот. Болеста нѐ следи само до гробот, а гревот останува со грешникот и потоа“.
Преподобен Кирил, епископ Катански во Сицилија
Родум од Антиохија и ученик на апостолот Петар. Добро управуваше со Христовото стадо. Имаше и дар на чудотворство преку молитвата. Така еднаш претвори горчлива вода во питка, бидејќи беше суша и наоколу немаше друга за пиење. Мирно се упокои.
Свети Тома, патријарх Цариградски
Живееше во времето на царевите Маврикиј и Фока, кога патријархуваа Св. Јован Постник и Киријак. Св. Јован ја забележа неговата ревност и неговото големо благочестие и го возведе во чин на сакелариј (намесник) на Патријаршијата, а по смртта на Киријак го избраа за патријарх. Во негово време се случи еден необичен настан. Кога еднаш одеа во литија со крстови, крстовите почнаа сами од себе да се колебаат и да се удираат еден од друг. На ова се зачуди сиот народ. Кога патријархот дозна и се увери во вистинитоста на овој настан, го викна Теодор Сикеот, прочуен испосник и проѕорливец, и го замоли да му објасни што се претскажало со таа случка. Теодор му се помоли на Бога и му откри на патријархот дека тоа ги означува големите неволји што ќе ја снајдат Црквата, а коишто ќе дојдат и на целото грчко царство заради внатрешните политички и верски раздори. Ова наскоро сосем се исполни. Тома го молеше Теодор тој да се помоли на Бога за него за Бог да го земе кај себе пред да настапат оние беди. „Заповедаш да дојдам кај тебе или да се видиме таму пред Бога?“, му одговори во писмо Теодор и со ова му кажа дека наскоро обајцата ќе умрат. Истиот тој ден патријархот се разболе и умре, а набрзо по него и Св. Теодор. Свети Тома се упокои и се пресели кај Господ во 610 година.