Светиот апостол Јаков Заведеев
Син на Заведеј, брат на Јован, еден од Дванаесеттемина. Кога Господ Исус ги повика, тој и брат му Јован ги оставија рибарските мрежи и својот татко и веднаш тргнаа по Него. Спаѓа меѓу оние тројца апостоли на коишто Господ им ги откриваше најголемите тајни, пред кои се преобрази на Тавор и пред коишто тагуваше во Гетсиманската градина пред да пострада. Откако Го прими Светиот Дух, Св. Јаков по разни краишта го проповедаше Евангелието и отиде дури до Шпанија. Кога се врати оттаму со него почнаа да се препираат за Светото Писмо Евреите. Бидејќи никако не можеа да му одолеат, најмија еден маѓесник Хермоген. Но Хермоген и неговиот ученик Филип обајцата беа победени од силата на Вистината што ја проповедаше апостолот и откако беа поразени се крстија.
Тогаш Евреите го обвинија кај Ирод и го наговорија некој Јосија да клевети на апостолот. Овој Јосија го виде мажественото држење на Светиот апостол и штом ја слушна јасната проповед за Вистината, се покаја и поверува во Христа. Кога го осудија на смрт Јаков, го осудија и Јосија. Тој го молеше апостолот да му го прости гревот на клевета. А Јаков го прегрна, го целива и му рече: „Мир на тебе и прошка!“ И обајцата ги наведнаа главите под мечот и беа убиени за Господ Кого Го возљубија. Свети Јаков пострада во 45 година во Ерусалим. Неговото тело беше однесено во Шпанија, а на неговиот гроб и денес се случуваат чудесни исцеленија.
Тропар
Ти си бил избран апостол, и на возљубениот Богослов брат еднороден, сефален Јакове. За оние што те воспеваат, испроси прошка на гревовите, за душите наши – милост голема.
Кондак
Кога го слушна гласот Божји, кој те повикува, си ја презрел љубовта таткова, и си тргнал по Христа, славен Јакове, заедно со твојот брат (Јован). Со него си се удостоил да го видиш божественото преображение Господово.