Сеноќно бдение со Божествена Литургија во Марковиот манастир
Во Марковиот манастир „Св. вмч. Димитриј Солунски“ во с.Маркова Сушица, ноќта, петок кон сабота (27-28 јули 2012), на празникот на светите маченици Кирик и Јулита и свети Владимир, со почеток во 22:00 ч. се одслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија предводена од отец Атанасиј Арсоски; во сослужение на ѓаконите Ѓоко Бурмузоски, Кире Горгиев и Гоце Постолов; и прислужникот Мирослав Бошковски. Православните христијански души низ љубовно заедничарење со Бога се причестија со Светите Христови Тајни. По бдението, игуменијата на Манастирот сестра Илијана и сестринството ги подкрепија заедничарите со благослов, компот од сливи, свежа лубеница и милозливи разговори.
Во денешната Евангелска поука го слушаме она истото повторно и повторно, упорно и упорно – љуби го ближниот како себе самиот.
Зошто Учителот како мерка за нашата љубов кон ближниот ја истакнува мојата љубов кон мене самиот?
Па секако, тоа е искуство кое секој го има. Самиот себеси особено се сакам. Што ли сè не правам првенствено за мое добро?
Но вака поставено, малку е чудно зошто Учителот поставува ваков услов кој го исполнувам секој ден штом ќе отворам очи. Ништо полесно од тоа да се сакам самиот себеси.
НО ТУКА Е ЗАМКАТА:
Како се сакам себеси?
Или, кои се целите за кои ќе ги вложам сите свои сили?
Која е смислата на мојот жовот?
Одговорот ни го дава Апостолот. Тој не поучува дека – телото се бори против духот, а духот против телото: „Зашто оние кои живеат по тело, копнеат за телесното, а кои живеат по Дух - за духовното. Копнежот на телото е смрт, а копнежот на духот - живот и мир. Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може. А оние кои живеат по телото не можат да Му се допаднат на Бога.“ (Римјаните 8,5-8)
Така пред 2.000 години – така и сега.
Денешната трка по материјални и чувствени задоволства го уништува човечкиот дух. Со отворањето очи секое утро почнуваат непрекинато да нè притискаат секакви соблазни за кои од мали од сèнекој сме поучени дека се „вистински вредности“.
Тоа самоубиствено себесакање е пример како се уништува љубовта кон себе самиот, кон ближниот и – кон Бога.
Од тука и поуките на Мајката Црква – преку постот во текот на неделата и во пресрет на празниците да ги јакнеме својата волја и дух. Така, духовно подкренати, ќе можеме да ги искористиме бројните дневни шанси низ помали и поголеми одкажувања да растеме во духот. Важно е притоа да не гледаме во тоа од што сме се одкажале, туку да сме загледани во она што го добиваме. Затоа Учителот нè уверува: „Кој го сака животот свој, ќе го загуби; а кој го мрази животот свој на овој свет, ќе го запази за вечен живот.“ (Јован 12,25)
Таква љубов треба да гори во мене за мене, таква љубов треба да негувам за блиските и – таква љубов ќе ме доведе во прегратките Таткови.
За Преминпортал
Ратислав Кардалев