Свети Силуан Атонски
Душата што Го љуби Господа, не може а да не се моли, оти таа копнее по Него преку благодатта, којашто ја позна во молитвата. За молитвата ни се дадени храмовите. Во нив службата се совршува според книгите. Но, храмот не можеш да го земеш со себеси, и книгите не можеш да ги имаш секогаш, а внатрешната молитва секагаш и секаде е со тебе. Во храмовите се совршуваат Божествените служби, и таму живее Духот Божји. Но душата е најдобар храм Божји. И кој се моли во душата, за него целиот свет станува храм. Но, тоа не е за сите. Многумина се молат усно, и сакаат да се молат пред книгите. Тоа е добро, и Господ ја прима молитвата и ги милува. Но, ако некој Му се моли на Господ, а размислува за нешто друго, тогаш таквата молитва Господ нема да ја услиши. Кој се моли по навика, кај него нема промени во молитвата. А кој се моли усрдно, кај него има промени во молитвата: борба со непријателот, борба со самиот себеси, со страстите, борба со луѓето. И во сè треба да се биде мажествен. Барај совети кај тие што се опитни, ако ги најдеш, и смирено барај од Господа и Тој ќе ти даде разум заради смирението.
Друго: