логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

DSC_2209

Во рамките на својата издавачка дејност, Скопската православна епархија објави два нови преводи на дела од прекрасни, современи светила на Православието. Станува збор за книгите Животот и словата на старец Порфириј Кавсокаливит и Скалила од митрополит Антониј Сурошки.

Животот и словата на старец Порфириј Кавсокаливит (во превод од јеромонах Атанасиј Арсоски) е духовен бисер кој е настанат преку редактирање на слова изговарани од светиот Порфириј. Оваа книга е структурално поделена во два дела: 1) Животот на старецот Порфириј – дел во кој отец Порфириј го изложува сиот свој живот поминат во богоискање, сокрушеност и сеопшта љубов кон сите и кон сѐ, и 2) Слова на старец Порфириј – каде се вметнати тринаесет беседи кои Старецот ги произнесувал во различни моментни од својот на Бога посветен живот.

Скалила, од митрополит Антониј Сурошки (во превод од м-р Пантелеј Кондратјук), од своја страна пак, исто така содржи тринаесет беседи на суштествени теми од животот во Црквата и животот на Црквата како тело Христово.

Обете книги во моментот можете да ги пронајдете во канцеларијата на Секторот за издаваштво при Скопската православна епархија (во зградата на Македонската архиепископија, веднаш до соборната црква „Св. Климент Охридски“), а до крајот на оваа недела ќе бидат достапни и во сите градски парохиски цркви во Скопје.

Во продолжение ви ги пренесуваме Воведот напишан од игуманија Теоксени за оригиналното издание на книгата Животот и словата на старец Порфириј Кавсокаливит, и Предговорот за македонското издание на Скалила, напишан од презвитер Горан Тасески, и притоа срдечно ви ги препорачуваме овие две четива кои се монументален показател на благодатта која пребива во личностите кои го живеат антрополошкиот максимализам на Православието (о. Георгиј Флоровски).

 

ВОВЕД
На светите во земјата Негова,
Господ им направи чудесни дела,
сета Негова волја е во нив (Пс. 15, 3)

 
Преподобната личност на старецот Порфириј беше голема светлина, која со благодатта на Светиот Дух блесна во нашиве денови, освeтлувајќи го патот кон светоста како единствена надеж, радост и утеха на луѓето.

Блажениот старец беше живо Христово присуство. Неговата топла љубов за Христа ја изобрази неговата душа, неговата мисла и целата негова личност, та да може без колебање да возгласи како Апостолот Павле: „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20). Тоа е фразата која толку многу сакаше да ја повторува.

Старецот Порфириј во текот на целиот свој живот Го имаше Светиот Дух населен во неговата душа, и Го имаше како тајноводител и учител во духовниот живот. Со Неговата благодат стана образ на кротост и на радост. „Мудроста одозгора“[1] го покажа како вистински избран сад и кивот на ретки дарови. Украсен со нив, тој стана „поткрепа на трпението, врата на љубовта... смелост во молитвата, обиталиште на Светиот Дух... соработник на послушанието, узда на братството, отсекување на разлутените, дарител на радост, Христово подражание, ангелоподобен...“[2]

Сржта на неговото учење беше љубовта кон Христа како единствен пат кој води кон вистинската радост, кон светлината, надежта, среќата. „Христос е радоста, вистинската светлина, среќата. Христос е нашата надеж“, велеше тој. Тоа медоточиво учење никогаш не стана автономно моралистички изработено слово, туку беше отсјај на животот во Светиот Дух. Затоа од него капе Божествена сладост и дава одговор и надеж во горчината на искушенијата на секоја душа, пренесувајќи ја истовремено „Христовата серадост, која трае вечно, која го дава сигурниот мир, мирната радост и серадосното блаженство. Тоа е радоста која ја надминува секоја радост“, како што велеше тој.

Преподобниот старец никогаш не се фалеше со даровите што му ги дал Бог. Живееше смирено и повлечено и со сигурност дека никој нема што да му одземе: „Јас немам ништо, само Христос има сè“. Кога ги пројавуваше исклучителните дејства на Божјата благодат во неговата душа, тогаш тоа го правеше единствено „за да ја почувствуваат луѓето Христовата прегратка што им ја дава на сите, да им се помогне на христијаните да се спасат наоѓајќи се во љубовна заедница со Христа“. Така живееше како ангел на радоста, љубејќи и принесувајќи се себеси на сите со несебичност и со смирение.

Свети Јован Лествичник наведува дека, како што оној кој држи мириси се оддава себеси без да сака, поради благоуханието, така и оној кој во себе Го има Духот Господов, се препознава по зборовите и по смиреномудрието[3]. Таков беше животниот пат на старец Порфириј. Како испитан борец мина низ огништето на очистувањето и на просветлувањето и „влезе во радоста на неговиот Господ“.

Старецот Порфириј во нашиот манастир го доведе, во 1977 година, Митрополитот Кидониски и Апокоронски г. Иринеј. Митрополитот уште оттогаш, со својот непогрешлив критериум ја имаше забележано светоста на преподобниот отец. Оттогаш сестринството на манастирот Хрисопиги имаше голема и длабока почит кон старецот Порфириј и стекна долга духовна врска и комуникација со него. И тој, до крајот на неговиот земен живот, не престана на различни начини да учествува и да го раководи нашиот монашки живот. Неговата татковска закрила и љубов се пројави и на чудотворен начин, кога со неговата молитва во 1986 година ја исцели нашата старица Теосемни од смртоносна болест. Исто така, со негов поттик и благослов започна делото на подигање на нов монашки објект во манастирот, посветен на Господовото Преображение.

Духовната комуникација на блаженоупокоената старица Теосемни со преподобниот старец вложи во меморијата и во душата на сестринството од Хрисопиги непресушно духовно богатство и искуство, кое го осветлуваше и го осветлува патот на нашиот монашки живот.

Мала благодарност за сето она што преку животот и словото ни го принесе преподобниот старец Порфириј претставува изданието на оваа книга: „Животот и словата на старецот Порфириј Кавсокаливит“, во која се содржат неговиот живот и неговото учење, онака како што ни се предадени од него самиот.

Содржината на книгата произлегува од архивата на забелешки и магнетофонски записи на две негови духовни чеда, сегашни сестри во нашиот манастир, монахињите Теолипти и Теофрони, кои живееја покрај старецот околу три децении. Двете сестри, веќе од почетокот на духовната комуникација со него и имајќи ја забележано светоста на неговата личност и уникатноста на неговото учење, со голема грижа и со негов благослов ги сочувале неговите слова. Така се создала непроценлива архива со автентичен и оригинален материјал, кој дава верна слика на личноста на преподобниот старец.

Оваа книга се состои од два дела. Првиот дел го содржи животот на преподобниот старец и се темели на неговите кажувања. Кога имавме на располагање повеќе од едно негово кажување, ние го објавивме најпотполното, кое таму каде беше неопходно е збогатено и со елементи  од други кажувања.

Вториот дел ги содржи неговото учење и неговите слова, кои имаат богат тематски и разновиден хронолошки происход. Тие слова се предадени во оригинал, поделени аналогно со нивната содржина по поглавја (за Црквата, за Божествениот ерос, за молитвата итн.), со цел да биде попотполно и подлабоко разбирањето на Богословието на старецот Порфириј.

Секаде со почит ја задржавме точната содржина и формата на усна беседа во директен говор, за да се запазат непосредноста, автентичноста и изворноста. Истовремено беше вложен систематски напор да се сочува изразот и ритамот на говорот. За тоа често беа соодветни и некои дијалектни форми.

Наш најдлабок копнеж е со оваа книга да придонесеме кон тоа сите да станеме учесници во опитот на преподобниот старец Порфириј во Христа, да стекнеме „ум Христов“[4] и да Го стекнеме Светиот Дух, со Кого се отвараат срцата на луѓето, се разурнува затворот на егоцентризмот и се постигнува Божествената во Христа глобализација.

Тој пат можеме, со молитвите на преподобниот старец, Богомудрено и во Светиот Дух да го чекориме сите, со цел и ние, како него, да го вкусиме Богодадениот живот. Тоа е животот што со своето постоење и  учење тој ни го предаде во наследство како патеводител на спасението.

Преподобниот старец Порфириј живее во Црквата на истиот, секогаш динамичен начин. Тој непобитен факт го доживуваме непрекинато, секогаш кога се сеќаваме на неговите зборови:

„Кога нè поврзува Христос, тогаш не постојат растојанија. Кога ќе заминам од овој живот, тогаш ќе биде подобро. Ќе бидам поблиску до вас“.

 

26 Февруари 2003.

Свети Порфириј од Газа

 
Игуманија Монахиња Теоксени
со своите сестри во Христа

 

ПРЕДГОВОР СО ОСВРТ КОН ПРЕВОДОТ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

 

Отец Антониј Блум е прекрасен дар на Божјата Црква, кого таа, патувајќи низ нашево време, го прими и го понесе во себе, во блажената вечност. Нам, кои живееме во ова време и ја очекуваме таа блажена и вечна радост, овој прекрасен современ отец ни е дар за поткрепа, утеха и сведоштво за тоа дека блажената и вечна радост, преку Божјата благодат го проникнува и нашето време. Со лично искусено сведоштво за тоа, Митрополитот Антониј, и нас нѐ повикува да се разбудиме од гревовната прелест и мрзоволност која се појавува од несигурноста во верата и стравот од неизвесноста, од бучењето на многуте води на животното и разбранувано море (синоним за световниот метеж и постојан немир кој постои во светот); страв кој се создава во нас од големиот притисок на световното врз нас, страв кој притиска и врз тајната соба на нашите срца (Мт. 6, 6), а тоа е местото каде треба да биде поставена гостинската соба за средба со Христос. Таму, во тајната соба на нашето срце и сега, како и досега, а и понатаму, без сомнение се случува и ќе се случува средбата со Него. Мислата за тоа дека таму нешто е поинаку, постои само во умовите на оние кои грижејќи се за световното, а воедно и плашејќи се од големите бранови на животното море, стојат со плеќите стиснати до тајната соба на срцето и плашејќи се од бучењето на големите бранови се како хипнотизирани и забораваат да се свртат кон вратата на таа соба со лицето свое, па да отворат и да влезат во неа, да се сретнат таму со Христос, и дружејќи се со Него, да ја воспримат неа – блажената радост, та потоа излегувајќи од таму со голема сигурност да повикаат кон збунетиот и разбрануван свет: „Душата наша се надева на Господа, зашто Тој е наш помошник и заштитник“ (Пс. 32, 20), од стравот на силните по светот нема да се уплашиме зашто со нас е Бог! (стих од  црковната песна „Со нас е Бог“, која се пее на велико повечерие).

Веруваме дека читателите, читајќи ја оваа збирка на проповеди, од сигурните и длабоки слова на овој отец на Божјата Црква, ќе се поттикнат себеси и ќе зачекорат понатаму низ животот со сигурност која произлегува од обновената во нив вера во Бога. Говориме со ваква сигурност, бидеќи мноштво луѓе кои лично го познаваа и ги слушаа неговите проповеди или, пак, преку читањето на неговите дела, го изгонија од себе стравот настанат поради неизвесноста на светот, се преобразија себеси, и се исполнија со огнена вера и силна волја, за сведоштво по светот дека Бог е со нас и дека треба храбро да се совојува заедно со Него, против злите сили на поднебесјето и нивното влијание врз човештвото.

Овој „љубимиј отец Церкви“, како што во Русија често го нарекуваат, со своите длабоки и навистина двигателни слова нѐ доведува до заклучокот дека нема ортодоксија без ортопраксија. Тој јасно говори: „Црквата е заедница на личности кои Го познаваат Христос и општат со Него и Тој со нив, а молитвата, пак, треба да биде разговор со Бога и тоа може да се случи само во тишината на тајната соба во нашето срце“. Отец Антониј низ примери и поуки на едноставен начин нѐ поттикнува да застанеме на молитва и читајќи од Молитвеникот молитви, кои се слова на гораздото
духовно искуство на великите оци на Црквата, и  ние да започнеме, преку покајание да се преобразуваме и да принесуваме вистинска жива молитва, од жива личност принесена, како благопријатна миризба и дар пред Бога. Овој пастир на од Бога доверената му Сурошка епархија, потсетува и повикува дека, доаѓањето на исповед никако не смее да биде од безлични причини, од типот „затоа што така треба“ или едноставно „сега е пост“ или „затоа што другите така прават“. Не, така никако! Туку,
најнапред со расудување дека нашите гревови се откажување на верност кон нашиот најсакан пријател Христос, нивното непокајание е наше пасивно стоење како кога Христос Го измачуваа, поточно, нашите непокајани гревови стануваат орудија за измачување на нашиот верен пријател Христос, но и на самите нас, а и на нашите ближни кои го трпат сиот наш немир при општењето со нив. Сурошкиот Митрополит Антониј, во словото за исповедта, ни дава и еден образец за соборна исповед, преку кој се поттикнува покајничко расположние кај присутните верници, што е од суштествено значење за оваа Света Тајна. Лично расудувам, овој образец на соборна исповед би требало да си најде примена и кај нас, во нашата помесна православна Црква, но, со нагласување дека во исповедта се пристапува со покајание, а не за да се помине на редот, и во соборната исповед би требало да учествуваат, сепак, верници кои биле барем неколкупати на лична, поединечна исповед, и ѝ пристапиле на оваа Света Тајна со искрено покајание.

Отец Антониј има богато искуство за лекувањето на болестите кај луѓето,  со сето свое искуство како духовен лекар и пастир, а покрај тоа и од своето искуство како доктор хирург. Па така, од богатството на тоа искуство нѐ доведува до сознание дека, болестите преку страдалничкото патешествие наметнато од нив, честопати ја зреат
човековата личност, а пристапот на нивното лекување, некогаш доаѓа директно од нашиот небесен Лекар или некогаш со посредство на лекарите како професионалци, кои треба посветено да се грижат за здравјето на човекот додека тој патува низ земниот живот.

Во оваа збирка се содржани и многу интересни слова  за монаштвото, за светоста и духовноста, бракот и воспитанието, смртта и вечниот живот. Во ова издание чуствувавме потреба како продолжение на последното поглавје да го додадеме и словото на отец Антониј искажано на богослужбата при празнувањето на споменденот на св. Николај Чудотворец.

Ве покануваме, возљубени браќа и сестри, да го примите овој дар, духовно да се насладувате од него, и веруваме дека преку словата на овој лондонски православен пастир, мнозина и овде кај нас во нашава Македонија, како и таму во далечна по километри Англија, но сепак слична, бидеќи како луѓе на денешницата се среќаваме со истите глобални предизвици, а тие, ако се обидеме малку подлабоко да ги анализираме,  неминовно нѐ предизвикуваат, раните наши духовни на Христос да Му ги претставиме, за Тој со својата неизмерна грижа и милост да ги исцели.

Неизмерна благодарност Му принесуваме на Господ Кој со Својата премудрост сѐ во Својата Црква уредува за добро и сигурно патување на верните членови во неа, кон блажената вечност.

Благодарност и до сите кои со љубов пристапија за да помогнат во подготовката на ова дело. Голема благодарност до младите богобојазливи сопружници Иван и Сања Постоловски и нивното новородено чедо Серафим, кои го финансиираа печатењето на ова дело, како и до сите членови на Божјата Црква, кои се собираат при храмот посветен на св. вмч. Георгиј Пообедоносец во Криви Дол – Скопје, за литургиско општење и соединување со Исус Христос, од љубов кон Распнатиот и Воскреснатиот, за радост на човекот, кои со својот личен подвиг се учат на исполнување на највозвишените Божји заповеди: за љубов кон Бога и ближниот свој. Токму затоа и во овој предизвик се вградија себеси, со лично ангажирање и материјални средства да припомогнат во ова заедничко дело за Божја слава и спасение на мнозина.


подготвил:
презвитер Горан Тасески



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Православен календар (2)

 

26/12/2024 - четврток

Божикен пост (пост на масло)

Светите маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест; Светата маченичка и девица Лукија (Луција); Светиот свештеномаченик Гаврил, патријарх Српски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Маченици свети Христови, вие кои со благодат Господова огнот во вас го скротивте,  а силата негова во ревност за Бога ја...

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Низ оган злато поминува за да се очисти, о свети Евстратие, но огнот тебе не те допре, затоа што напоен од благодатта...

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная