На Саемот на книгата 2017 -
Денес, од богатата издавачка дејност на Повардарска епархија, од нејзините две активни издавачки дејности „Св. Ѓорѓи Полошки“ и „Ѓаконија“, ви ја презентираме книга:
Православен бестселер-
Протоереј Александар Торик „Флавијан“
ГЛАВА 12
Моиахиња Елисавета
Постепено си дојдов на себе. Покрај мене жените веќе завршуваа со бакнувањето, по целата црква се гаснеа кандилата, црквата речиси се испразни. Дочекувајќи го крајот на редот, последен пријдов да земам благослов од Флавијан.
- Аљоша, нешто се случило? - ме праша, грижливо, гледајќи ме.
- Знаеш, отче Флавијан, јас, како да кажам, изгледа, сум се премолил, можеби...
- А како тоа се покажа? - се сконцентрира Флавијан.
- Пред еден час излегов да се одморам на клупата, размислував нешто, може да се каже - се молев на Господа. Одеднаш, јасно слушнав одговор, гласно изговорен. Погледнувам, а покрај мене седи старче, онака пристојно, а насекаде околу него се излева добрина, и изгледа некако црковно, никако современо. Малку поразговаравме, а пото, Клаудија Ивановна ме повика на славословие. Планирав после служба да те прашам за тоа старче, некако беше необичен и добар. А сега кога пријдов кон иконата на Сергиј преподобниот, погледнав, а на неа моето старче, па дури и во истата облека... Слушај, тоа се случува, а? Или како велат „не ми се сите овци на број" или „сум се најал буника"?
Флавијан, замолкна, а потоа воздивна:
- Се случува и тоа, Алексеј, се случува... Ти си сега трет од оние кои ги познавам на кои лично им се јавил преподобен Сергиј, вака како тебе денес. Еднаш се јави во Лаврата, во Сергиевиот Посад, тогаш се уште се нарекуваше Загорск, еднаш на сестрите во Христа, и еднаш овде. Ме наведуваш во гревот на зависта, брате Алексеј, - се насмеа Флавијан, - јас овде единаесет години служам, а за такво чудо, заради моите гревови, не сум се удостоил, а ти трет ден, и еве го! Самиот игумен на земјата руска те удостои со посета! Ох, тебе те сака Господ, Аљоша!
Ме прегрна околу рамењата и благо ме продрма, гледајќи ја мојата потполна збунетост.
-Седни малку тука, почекај, одам да ги соблечам одеждите и доаѓам.
Наскоро излезе од олтарот заедно со мајка Серафима која носеше преку рамења некоја тенка, светла облека.
- Благословете, отец, сепак, малку ќе ви го испеглам подрасникот за утре, еве, долниот дел малку се изгужвал, не ѐ убаво.
- Добро, мајко, Бог да благослови, испеглај, само првин, постави ни чај мене и на Аљоша, за кратко ќе дојдеме.
- Благословете, отец!
- Бог да благослови!
Флавијан, благо воздивнувајќи, седна со мене на клупата ги испружи нозете, се потпре и со дланките ги протри колената а потоа се намурти:
- Само да не врне дожд утре, инаку ќе накиснеме за време на литијата...
Ги погледнав неговите испружени нозе во искинатите „селски" влечки од чешлана волна и се заинтересирав:
-Боли?
-Малку. Наша „свештеничка" професионална деформација - нозете. Секаков вид на артроза, варикоза, тромбофлебитиси и останати. Мораат и свештениците некако да се спасуваат, барем нозете да заболуваат, слава на Бога за сѐ! Аљоша! Раскажи ми подетално, каков беше разговорот меѓу тебе и отец Сергиј?
Му раскажав речиси се од збор до збор. Седеше замислен.
- Отец Флавијан, а кој освен мене, овде го виде преподобниот Сергиј, ако не е тајна?
Не, не е тајна, такви луѓе веќе одамна нема. Пред осум години, кај нас работеше поголема група на молери од К-а. Ја белеа црквата и патем ја поправаа секоја пукнатина и дупка на фасадата. Беа четворица: татко, како главен, два сина и зет.
-Добри работници, не пиеја, не беа ни верници, но не беа н безбожни, добри професионалци. Помладиот син се викаш Олег, не помина ни година како се беше вратил од војска. Добар скромен, вредно момче, но во светот не се снаоѓаше. Девојките многу не го интересираа, а ни бркањето на пари и материјалн блага. Неговата душа жеднеела за нешто поголемо, вистинско сериозно. Сакаше да се пријави како професионален војник во Чеченија. Роднините го разубедуваа, но тој: „Сакам да се борам за татковината, некој мора да ја штити!" Така и направи, после работата на црквата отишол на одмор една недела и во воениот оддел. А бидејќи беше подготвен и силно момче, татко му го испраќаше да работи на највисоките и најнеудобните места, да бели делови под куполата, кај ѕвоното... И, беше некаде пред празникот на свети Сергиј и молерите ја белеа камбанаријата (сакаа сѐ да завршат пред празникот), а јас седев пред стражарата и го препишував поменикот, кога одеднаш слушам низ отворениот прозорец: нешто како крик и тап удар во земјата. Се стрча кај мене зетот на главниот мајстор со раширени очи и вика: „Отец! Ољешка загина, падна од камбанаријата!"
Брзо станав, нормлно со трчање кон вратата, а таму Олег лежи испружен на плочата, над него татко му и постариот брат на колена, но крв не се геда. Тука мојата Серафима скокна, ги истурка мажите (сепак, таа е лекар) и почна да го прегледува и да го опипува Олег. Ја крена главата, го погледна татко му и го праша: „Од каде падна?" Тој одговори: „Од самиот врв на кровот како шатор, од другото прозорче, има околу дваесет метри висина". Серафима се загледа во мене: „Тогаш, - вели - ништо не можам да сфатам". И пак почна да го прегледува и опипува Олег. Наеднаш, постраданиот ги отвори очите, радосно се насмеа и рече: „Мајко Серафима, отец! А како се стасува во Посад?"
Ние нему: „Лежи, не мрдај, каков Посад, сега ќе викнеме брза помош!"- човекот е во шок, па блада, си помисливме.
А тој - скокна, на нозе! „Не ми треба брза помош, ништо не ми е !" и се смееше.
Сепак, мајка Серафима не се смееше. Инсистираше да го однесеме во Т-ската брза помош на рентген - да не има, не дај Боже, некоја скриена повреда. Постариот брат го однесе со својата Лада. И мајка Серафима замина со нив.
Му направиле рентген снимка, го прегледале и со потсмев го испратиле. Како, ви се молам, тој паднал од двесет метри висина?! Да паднал од стол на тепих, би имал повеќе повреди! Ни модринка, ни гребнатинка!
Кога се вратија, седнавме на маса сите заедно да се напиеме чај во стражарницата. Олег ни раскажа:
„Како се лизнав од настрешницата не знам. Ја откачив сигурносната алка од монтажерскиот појас и за неа ја закачив кофата со боја. Се обидов да ја пречекорам за полесно да го сменам местото... И тогаш ми се лизна патиката. Успеав само да сфатам дека паѓам и да си помислам: Крај!"
„Не, Олег, не е крај!" слушам. Гледам како лежам на земја, но не овде, туку на некое друго место, на нива со пченица. Пченицата беше висока, со разни тревки помеѓу класјата, а во далечина се гледаше манастир. Камбанаријата добро ја запамтив, убава, висока, сина со бели украси, и богата купола во облик на чаша со крст. Покрај мене стоеше стар монах, целиот светол, а брадата му беше сосема бела. Ме гледа во очи, а мене ми беше толку многу убаво! Ми вели: „Ова не е крај, Олег, тоа е почеток на твојот друг живот. Сакаш да бидеш војник, татковината да ја браниш - тоа е добро. Но да одиш на Кавказ, за тоа нема Божја волја. На Христос сега му се потребни други војници. Дојди кај мене во Посад. Јас од тебе ќе направам Христов војник".
Тоа го кажа, се сврте и замина накај манастирот преку пченицата со разни треви. Сакав да тргнам по него, но некој ме затресе, ги отворам очите, и над мене стоеше мајка Серафима и сите вие.
Ја донесов од полицата иконата на преподобниот Сергиј и му ја покажав на Олег.
- Тој е? - го прашав.
- Тој е! - и целиот заблеска.
- Е, тогаш, - му велам јас, - земи, еве ти лист хартија и молив, запиши како се стасува до Сергиевиот Посад.
По три дена мајсторите ја завршија својата работа, земаа пари и си заминаа. А, по месец и половина ми стаса писмо од Троце-сергиевата лавра: „Помолете се за мене отец. Ме примија во братството на Троице-сергиевата лавра. Искушеник Олег".
А по три и пол години, уште едно: „Помолете се за мене отец Флавијан. Се удостоив со монашки потстриг со име Сергиј, во чест на преподобен Сергиј Радоњешки".
Ете така. Последен пат се сретнав со него во Лаврата, пред неколку месеци. Отец Сергеј е веќе една година јероѓакон.
- А што е тоа „јероѓакон"?
- „Јероѓакон" значи „монах ѓакон". Ако ѓаконот е „бел", тогаш се нарекува само „ѓакон", а ако е монах, тогаш „јероѓакон".
- Чекај, а што значи „бел"?
- „Бел" значи „оженет". Целото свештенство во Црквата се дели на „бело" - брачно, и „црно" - монашко. „Црно" - поради бојата на монашката облека. Затоа називите се разликуваат. Во бело свештенство се: ѓакони, заслужни ѓакони или протоѓакони, свештеници, односно ереи, и заслужни свештеници - протоереј или протопрезвитер. А во монаштвото, согласно тоа - јероѓакон, архиѓакон, јеромонах, игумен, архимандрит. Согласно реченото, епископи, како повисоко свештенство, се поставуваат само од монаштвото.
-Тогаш, отец, објасни ми мене неукиот, што е тоа монаштво? Јасно ти е дека за него имам слушано само од безбожните книги или филмови, а веројатно сето тоа е погрешно.
Флавијан се замолче, галејќи ја својата седа, ретка брада.
- Монаштво, Љоша, тоа е да започнеш живот, со Бог и во Бог. Самиот термин „монах" произлегува од зборот „монос", што значи „еден" т.е. еден на еден со Бога. Уште монасите ги нарекуваат „иноки", односно „иној", различен, не онаков како сите.
- Различен - значи да не се жени и да не јаде месо?
- Работата не е во месото или женењето, Љоша. Постојат и вегетаријанци и закоравени ергени, но тоа не ги прави монаси. Монасите ги нарекуваат „ангели на земјата, небесни луѓе", и уште велат: „Светлина на световните луѓе се монасите, а светлина на монасите се ангелите". Животот на монасите се споредува со ангелите.
- А во што е сличноста? - Сличноста е во тоа што смислата на животот и на ангелите и на монасите, како и нивната намена е служење на Бога и извршување на неговата света Волја. При тоа и едните и другите го избрале тој пат свесно и доброволно.
- Излегува дека сите монаси се свети, како ангели?
- Не, нормално, примањето на монаштво не е гаранција за светост и спасение, не можеш да станеш светител преку извршување на себе некоја свештеничка работа или давање завет. Само во некои еретички секти учат дека, ако станеш нивни член, тогаш си спасен. Меѓутоа, „без ука нема наука", а таа поговорка се применува и, на пример, за спасението на душата. Сите мора да работат на самите себе, на своето усовршување и извршување на заповедите Божји. Тоа важи и за световните луѓе и за монасите.
- Зошто тогаш го бираат монаштвото, ако сите треба подеднакво да се трудат, а може да се спасат и во светот?
- Сети се, Љоша, кога се заљуби во Ирина и почна да се гледаш со неа, зар не ги оставаше другите работи за да се среќаваш и дружиш со саканата?
- Па... веројатно затоа што дружењето со неа ми претставувало поголема радост отколку се останато?
- Правилно! Исто така и монаси одат оние на кои општењето со Бог им пружа поголема радост отколку останатите земски радости. Во Евангелието Христос ни ја раскажува параболата за трговецот кој бара драгоцени камења, и кој кога ќе најде еден поубав од претходниот, продава се што има за да стане негов. Таа приказна, може да се рече дека директно се однесува на монасите. Има многу „драгоцени камења" и во световниот живот. Тоа е радоста во заемната љубов во бракот, среќата кога ги гледаш своите деца пораснати во вера и благочестивост, чувството на задоволство од резултатите во чесната работа, црковни и семејни празници и уште многу други работи што во христијанството носат радост во срцето и ја збогатуваат душата со благодатта на Светиот Дух. Сепак, постојат „драгоцени камења" - непрестаен живот во Христос, достапен во својата полнота само на оние кои „продале се", кои се лишиле од секојдневните грижи, страсти и радости и се посветиле на длабоко богопознание. Тоа се монасите. Монаштвото уште може да се спореди со специјалците во армијата. Постои обична војска, со своето ниво на обука и свои задачи, а постојат и специјални единици, во кои нивото на обука е многу повисоко, тренинзите се многу подолги и потешки, но, и задачите кои ги извршуваат се од особена важност. Ако Црквата ја нарекуваме војска Христова, монасите се специјални единици од војската.
- Добро, а какви посебни задачи извршуваат тие единици?
- Како прво - тоа се молитвите за целиот свет. Само Господ знае што би се случило со нашиот свет, во што би се претворил, да нема непрестајна монашка молитва која ја осмилостивува Божјата правда и ја повикува во паднатиот свет Божјата милост и благодатта од Светиот Дух.
Како второ, тоа е непроценливо монашко искуство во духовниот живот, усовршување и борба со паднатите духови, кое го собирале многу генерации монаси, и кои светите отци го систематизирале и изложиле во мноштво списи во Светото Предание. Тоа искуство, кога станало достапно за светот, претставува помош и раководство во духовниот живот на сите кои бараат духовно совршенство, како на новите генерации монаси, така и на благочестивите христијани.
Како третото а е непосредно делување на свет подвижнички пример, поуки, духовна грижа на многу подвижнички души кои достигнале совршенство. Да не зборуваме за тоа дека старите манастири биле центри за писменост, духовно просветителство и места каде мирјаните жедни за поуки и утврдување во благочестив живот наоѓале можност да се запознаат со духовната ризница, монашкиот опит, да добијат утеха во страдањето, а често и прозорливо откривање на Божјата волја или чудесно исцелување на душите и телата.
- Во принцип, разбирам... Ти затоа не си се ни оженил, за да станеш монах и да Му служиш само на Бога и луѓето.
- Не, не е баш така, порано бев женет.
- Како? Си бил женет? Со кого? А каде е твојата жена? Зошто порано не си ми зборувал за тоа?
- Не си ме ни прашал, а некако не ни доаѓавме на таа тема.
- Е, да, навистина! Извини, можеби се мешам во работи кои не треба да ме интересираат, но едноставно ме интересира поради што толку се изменил твојот живот. Ако тоа не ти е болна тема, те молам, раскажи ми!
- Не, тоа одамна не е болна тема, напротив, дури е и радосно во својот живот да ја видиш неверојатната Божествена спасоносна промисла. Можеби се сеќаваш дека по завршување на студирањето ме распоредија на работа во престижниот космички научно-истражувачки институт, со перспектива на сериозна научна кариера. И навистина, по половина година, веќе раководев група, работев многу интересен проект и бев потполно задлабочен во работата. А тогаш во нашата група, на специјализација, ја пратија Валентина, мојата поранешна жена. Таа беше ќерка на главниот конструктор на институтот, и затоа ја поставија во најдобрата и најперспективна група на конструктори.
Во почетокот не ја доживував како девојка, едноставно ¬асистенка К-ова, тоа беше се. Но таа од првиот ден се заљубила во мене, на секој начин ја покажуваше наклонетоста, ми носеше домашни пирошки... покрај се, веројатно и татко и ѝ дал до знаење дека сум соработник со перспектива, особено ако се оженам со неа. Кратко потоа, во петтиот месец од нејзината специјализација организиравме свадба во „Метропол".
А еден месец подоцна некој ми подари Библија, увезена од Франција. Ја отворив, и со за мене својствениот критицизам, почнав да ја читам и... не ја затворив до денес. Кога сфатив, а тоа се случи многу брзо, дека таму е напишана Вистината, го вложив целиот свој напор со умот и душата сето тоа да го разјаснам. Го разјаснив, поверував во Бог, станав православен христијанин. Во почетокот, и жена ми и претпоставените ми прогледуваа низ прсти на моето одење во црква, постење, отсуство од партиските состаноци.
Жена ми едно време внимаваше, влегуваше понекогаш во црква, носеше на себе крст од антикварница, дури се согласи тајно да се венчаме, заради романтика. Потоа мојата во пораст вера почна да им досадува на сите. Жената не можеше да сфати зошто за цело време на постот не можам да одам во кино и ресторани, не може да се има брачни односи, зошто не сум наклонет кон материјалното богатство, не одам со неа на гости кај „познати" луѓе, не „местам" на себе службени патувања во странство.
Особено тоа последното ја иритираше. Со оглед на можноста од мојот дедо, доволно беше само малку да покажам активност и ние сигурно би отпатувале на една година во Париз, градот од соништата на мојата поранешна сопруга. А јас, наместо во Париз, одев во Псково-печерскиот манастир, во Троице-сергиевата лавра, на Новиот Атон, во Никоњск кај старецот схиархимандрит Гаврил, кој во меѓувреме ми стана духовен отец и ме насочи на патот на свештеничкото и монашко служење на Бог. Со еден збор во куќата растеше напнатост, исто така и на работата.
Жена ми почна да се „одмара" без мене во друштво на исто такви „елитни деца", да посетува викендички, ресторани надвор од градот... На некое од тие дружења го сретнала младиот француски микробиолог Симон, кој толку се воодушевил од неа, иако беше четврти месец бремена, и предложил брак и стрпливо чекал да се заврши формалноста околу разводот, средување документи за емиграција, и подоцна ја присвоил мојата ќерка која ја роди Валентина.
- Господи! Па ти имаш ќерка!
- Имав. Симон и Валентина убаво поживејаа четири и пол години во предградието на Париз, градот за кој мојата поранешна жена толку многу копнееше. Тој добро заработувал, а таа се занимавала со воспитување на ќерката и синот кој го родила во брак со Симон. А осумдесет и шестата, на дваесет и осми август по нов календар, на празникот Успение на Пресвета Богородица, на враќање од Азурниот брег, нивната кола отишла во спротивната лента и удрила во камион. Симон и децата загинале на лице место веднаш, а Валентина недела и пол била во кома.
Прво што изговорила кога дошла при себе било: „Повикајте ми руски, православен свештеник". Повикале свештеник, таа долго се исповедала и се причестила. Не можела потполно да оздрави. Половина година подоцна умрела во Ш-скиот православен манастир во Франција од мозочен удар. Успеала пред смртта да прими монашки чин.
Ако не заборавиш, помоли се понекогаш за покој на душата на монахиња Елисавета. Ете тоа е историјата на мојот брак.
- Да, каква приказна..! А што се случи со тебе?
- А јас, истата таа година кога жена ми се разведе од мене, запишав втора година во Богословија, за една година вонредно ги положив сите испити, се замонашив со име Флавијан, и... сега седам овде со тебе.
- Отец! Веќе вторпат зоврива водата! - Гласот на мајка Серафима беше воздржано строг.
- Да одиме, Алексеј... - Флавијан стана и зачекори со својата болна нога.
На пат кон излезот застанав кај местото кај што се продаваа свеќи, оставив пари на послужавникот, земав од полицата книшка „Помјаник", ја отворив страната „За покојните", и прво напишав со печатни букви - МОНАХИЊА ЕЛИСАВЕТА.
10- ти април 2017 год.
Друго: