„Почетокот на постот да го примиме со божествено смирение, од душа велејќи: Владико Христе, прими ја нашата молитва како избран темјан, и избави нè, се молиме, од злосмрадниот гнилеж, и од страшните маки, зашто си единствен Кој може да се помоли“ (седален на Утрена во Понеделник од прва седмица на Великиот пост).
На 10.03.2019 година, во Неделата од сирната седмица, во вечерните часови, во храмот „Успение на Пресвета Богородица- Каменско“ во Охрид, беше отслужена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Админисгтратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Горан Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беа прочитани молитвите пред почетокот на Великиот пост, а потоа, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. На крајот, свештенството, предводено од Митрополитот Тимотеј, како и сите присутни верници, побараа прошка еден од друг, за добар почеток на Великиот пост, со смирено и чисто срце и ум.
Во продолжение, ви ја пренесуваме беседата од Митрополитот Тимотеј.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Се наоѓаме на прагот на Велигденскиот пост. Нашата света Православна Црква постојано ни упатува многубројни поуки и пораки. Поуки и пораки кои ни користат и ни помагаат да го исползуваме благодатниот период на пост. Најважната порака, секако, е евангелската: „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите" (Мт 6, 14 – 15).
Целта на постот се состои во поправање на човекот, односно, да се преобрази и да се измени. Поправањето започнува со каење и жалење за тоа што сме згрешиле. Потоа, доаѓа Божјото опростување. Тоа Божјо опростување е најважно, бидејќи, ако не се доживее чувството дека Бог ни има простено, човек не може да е растеретен од своите пороци и гревови. Не може да се доживее своето преобразување. Во својата суштина, во целокупното искупително дело на човечкиот род се гледа Божјото опростување. Својата земна мисија, Спасителот ја завршува со опростување. „Оче, прости им, оти не знаат што прават!" (Лк 23, 34). Помеѓу знаците дека Бог им простил, во Евангелието се вели: „И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот"(Мт 27, 51). Со други зборови завесата се искинала. Се искинала онаа којашто ги делела луѓето од Бога. Таа завеса луѓето сами ја изградиле, за да се оградат од Бога. Ја изградиле грешејќи, пред сè кон Бога, а потоа и кон луѓето. Спасителот со опростување и со Неговата искупителна жртва ја раскина завесата којашто ги делеше луѓето од Бога. Ние, како луѓе, уште од денес имаме можност да започнеме со опростување. Преку опростувањето да ги совладаме сите препреки кои ги делат луѓето, како од Бога, така и помеѓу себе. „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен"(Мт 6, 14).
Тука не станува збор за некој вид на правно порамнување помеѓу Бог и човекот, односно просто опростување на човек на својот ближен, та и нему Бог да му прости. Тука станува за духовно расположение на човекот. Човекот не може да ја доживее благодатта Божја на опростување, ако и сам ја нема доживеано благодатта, која се стекнува со опростување на своите ближни. Тука, во прашање е принципот на Божјиот закон, на духовниот и моралниот поредок во светот и во животот, во кои се сретнуваат љубовта и правдата, милоста и вистината. Зборот Божји ни вели: „Со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери" (Мт 7, 2).
Во Господовата молитва се вели: „Прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници" (Мт 6, 12). Со други зборови, човекот Го моли Бога да постапи кон него онака, како што и самиот човек постапува кон луѓето. Бог да биде милостив толку колку што и самиот човек е милостив кон другите луѓе. Со други зборови, Бог да му прости онолку колку што и тој им проштева на своите ближни, Бог да му суди онака како што и тој им суди на луѓето.
За да може човекот да го совлада своето самољубие и чувствувањето на повредите, потребно е постојано да се моли за своите грешки во однос кон другите луѓе. Треба да го слуша својот глас, гласот на совеста, којшто постојано вели: „Дали и ти не си повредил некого? Дали и ти кон некого не си се огрешил? Дали и ти не си замразил и наклеветил некого? Дали не си нанел некое друго зло кон луѓето што ги познаваш?" После испитувањето на својата совест, на човекот ќе му биде полесно да прости, а преку тоа, ќе доживее благодат Божја на опростување.
И ние, кои се наоѓаме вечерва во овој свет храм, да собереме духовна сила и искрено, од сè срце и со цела душа да им простиме на сите на кои сме им згрешиле или ни згрешиле. Па така поткрепени од Божјата благодат, да можеме достоинствено да го поминеме и Велигденскиот пост и со радост да го дочекаме и светлото Христово Воскресение. Амин!
Прочка – вечерна
10. 03. 2019 година
Храм „Успение на Пресвета Богородица – Каменско" – Охрид