„Пророку и Претечо на доаѓањето Христово… со твоето славно и чесно раѓање на светот му се проповеда воплотувањето на Синот Божји.“
Вака радосно му пее Црквата на најголемиот меѓу пророците, ангел во тело и слуга Божји, испратен во светот да Го најави Спасителот; го слави неговото чудесно раѓање од неплодните Захариј и Елисавета; ликува заради оној, кој со своето играње, уште во утробата на својата мајка, го проповедаше пришествието Христово.
Така и во Бигорското светилиште, овој свет дом на Претечата, братството и сестринството од метохот во Рајчица, заедно со многубројните верници и посетители, торжествено го прослави славното раѓање на својот патрон и молитвеник пред Бога.
Кон молитвеното чувство разбудено од прекрасните византиски напеви, кои светите отци ги создале за достојно да го опеат ова необично раѓање на Крстителот и кон благодатта која се излеваше од бројните мошти изнесени заради поклонение, беше придружена и радоста на верниците заради ретката можност да се поклонат на познатата чудотворна икона на Св. Јован, украсена со цвеќе, која беше поставена пред олтарот.
После сеноќната молитва во раните утрински часови, бдението беше крунисано со Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки, г. Тимотеј.
Благодарни на Бога за обилната благодат што ја излеа на нас, воскликнуваме зедно со Св. Јован Златоуст: „Благословен е Господ Бог христијански, Кој ги посети и избави луѓето Свои! Нему Му прилега секаква слава, чест и поклонение, сега и во сите векови. Амин!“
Беседа на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денешното наше скромно собрание во оваа света обител нè потсетува на ветувањето на нашиот Господ Исус Христос кога им вети на Неговите свети апостоли, а преку нив и на севкупниот човечки род, па така тоа се однесува и на нас, а тоа гласи: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име таму сум и Јас помеѓу нив“. Значи и ние денеска сме на молитва во Негово име и стоиме пред Самиот Христос и преку молитвата Му се обраќаме како вистински верни Негови деца.
Потребата за општење со Бога нѐ довела во овој свет манастир - потребата за молитва. И не само нас денеска, туку и сите верни луѓе ги води во црква, та преку молитвата да разговараат со Бога. Бидејќи молитвата е побожен разговор на човечката душа со Создателот. Значи, кога се молиме нашата душа разговара со Бога.
Ние луѓето во обичниот живот сметаме дека посебно внимание ни е укажано ако ни се даде можност да разговараме со некој голем и зачаен човек. А колкава чест ни се укажува во светиот храм кога во него стоиме пред Самиот Бог, и во молитва разговараме со Него. Заради тоа доаѓањето во светиот храм, за излегување пред Бога христијанинот треба да се подготви што подостојно да влезе во светиот храм, местото каде што престојува Самиот Бог. Нашата надворешност треба да изгледа едноставна, скромна, чиста, нашата слика да покажува умереност, скромност и едноставност, токму онака како што од нас бара Законот евангелски.
Како што нашата надворешност одговара на светињата на храмот, така и нашето духовно суштество треба да го подготвиме за средба и разговор со Бога. Како да ги извршиме надворешните подготовки тоа скоро сите го знаеме, и со малку труд и љубов скоро и сите го извршуваме. Многу потешко е да го подготвиме духовниот човек за таа средба, за молитвеното општење со Бога. Како што земјоделецот кога сака земјата да ја посее со пченица, па мора земјата најпрво да ја очисти од сите нечистотии и да ги отстрани за нивата да може да донесе богат род, така и ние треба и мораме да се очистиме од грев, ако сакаме да ги уживаме плодовите на молитвата. Свети Јован Златоуст нѐ учи „во срцата секогаш да ја имаме непрестајната молитва со нејзините плодови: смиреноста, и кротоста“. Научете се од Мене вели Христос „Јас Сум кроток и смирен по срце и ќе најдете спокој на вашите души“. И уште додава: „Жртва е на Бога дух скрушен и смирен по срцето свое“, бидејќи попријатно и повеќе сакано од Бога нема од кротките и смирените и благородните души.
Ако успееме на таков начин да се подготвиме ќе бидеме спремни преку молитвата да застанеме пред Бога. Во спротивно нема да бидеме подготвени да се молиме, ниту, пак, нашата молитва ќе Му биде угодна на Бога. Имаме еден пример на таква молитва. Еден побожен млад човек наоѓал многу веселба и задоволство во молитвата, бидејќи од молитвата чувствувал голема утеха. Еднаш паднал во голем грев, и одеднаш не ја чувствувал таа утеха во молитвата. Затоа бил тажен, и во неговата молитва се обратил со овие зборови: „Боже, или Ти не си повеќе Оној добар Бог или пак мојата молитва не Ти се допаѓа“. И веднаш после оваа молитва заспал и имал многу поучен сон. Му се појавила некоја надземна претстава и му подала прекрасно овошје, какво што може само да се посака, но тоа овошје било ставено во еден страшно валкан сад, што на човек му е страшно и да погледне, а не пак да земе и да јаде. А таа престава му вели на младиот човек да земе и да јаде од ова прекрасно овошје. Младиот човек со чудење одговорил: „Овошјето е навистина прекрасно и со задоволство би го јадел, но кога ќе го погледнам тој толку валкан сад во кој е ставено овошјето, не можам ни да го гледам те молам, тргни го од пред мене, да не го гледам. Така кажал младиот човек и добил ваков одговор: „Гледаш таква е и твојата молитва; тоа што принесуваш на Бога е добро, но садот во кој ја принесуваш – твоето срце – валкано е и со грев е извалкано, и сѐ додека не го очистиш садот дотогаш на Бога нема да му се допаѓа ниту твојот дар ниту твојата молитва, кои, сами по себе се прекрасни и скапоцени“.
Додека се подготвуваме за молитва и додека сме на молитва во црква, да имаме секогаш на ум кои сме ние и што молиме, и Кој е Оној Кого Го молиме. Кој моли? Создание кое што има потреба од помош, а не е достојно за своето барање. На Кого со молиме? На Бога господарот на небото и на земјата. Ако сето ова го имаме на ум, ќе
бидеме во состојба да се молиме, и нашата молитва ќе биде угодна на Бога. Молитва разумна, и принесена со скрушеност и скромност е угодна на Бога. Бидејќи, ако со гнев и нервоза застанеме да се молиме, ќе се најдеме пред Бога нечисти и несакани. Затоа да го скрушиме нашето срце, да ја смириме нашата душа и да се молиме.
Само таква молитва принисена со вера и надеж одговара на тоа на што Господ нѐ упатува: „Сѐ што барате во вашата молитва, верувајте дека ќе ви се даде.“ Нека и нашата молитва - нашето доаѓање во овој свет манастир биде угоден на Бога. Нека молитвите што сме ги упатиле на Бога и на свети Јован Крстител, чие раѓање денеска го прославуваме, нека бидат наша одбрана. Со нашите скромни молитви да добиеме изобилие на духовни дарови од Самиот Господ наш Исус Христос, на Кого нека е слава и благодарнст во сите векови. Амин!
Известува: јеромонах Доситеј
Извор: МПЦ
Посети: {moshits}