Денот на Свети Климент Охридски -
8 Декември прв пат оваа година во Македонија е државен празник, со кој се одбележува делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа. Заедно со св.Наум Охридски, тој е најистакнат ученик на творците на словенската писменост, светите браќа Кирил и Методиј, и најверен продолжувач на нивното дело. Ги придружувал дваесетина години во просветителската мисија за одбрана на словенскиот јазик во Велика Моравија.
Малку се знае за св.Климент, а реконструкцијата на неговиот животен пат во науката се прави, главно, врз Пространото св.Климентово житие што го напишал на грчки јазик охридскиот архиепископ Теофилакт во последните години на 11 век, како и Краткото житие на охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан, напишано на грчки јазик 300 години по смртта на св.Кимент. Не се знае кога и каде е точно роден, нема податоци за семејството и потеклото, освен дека бил закопан на 27 јули 916 година во манастирот на Плаошник во Охрид, што тој сам го изградил и го посветил на св. Пантелејмон. Кога манастирот бил претворен во џамија, моштите му биле пренесени во црквата Св. Богородица Перивлепта, која оттогаш е нарекувана со неговото име. Моштите му се повторно вратени во август 2002 година по обновата и осветувањето на неговиот манастир. Се претпоставува дека починал на 70-80 години и дека е роден околу 30-40 години на 9 век.
Од биографијата на св.Климент се дознава дека тој заедно со уште двајца ученици бил ракоположен за свештеник во Рим. Се претпоставува дека монашкото име Климент го добил во чест на откривањето на моштите на папата Климент, кој умрел во прогонство на Крим. Покрај Климент и Наум, ученици на солунските браќа биле и Горазд, Ангелариј и Сава. Петтемина ученици заедно со своите учители Кирил и Методиј кај народот се познати како седмочисленици.
Св.Климент бил прв меѓу Словените што добил епископски чин. Го описменувал сиромашното, грубо и запуштено население и го подучувал да живее подобро, ги учел луѓето да садат дрвца и ги лекувал. Како епископ велички често доаѓал во својот манастир во Охрид и неуморно и бил посветен на просветителската дејност. Според Теофилакт, св.Климент до смртта работел на преводот на "Цветниот триод" од грчки на словенски јазик. Се смета дека е автор на опширните житија на св.Кирил и Методиј познати како "Панонски легенди", најзначајниот извор за проучување на животот на солунските браќа.
Денес многу цркви, институции, училишта и здруженија го носат неговото име, а меѓу нив најрепрезентативни се Националната и универзитетска библиотека и Соборниот храм во Скопје, Универзитетот во Битола. Во чест на св. Климент Охридски се доделува и државна награда за особени остварувања во воспитанието, образованието, културата, науката и здравството.
Во НУБ дебата за Св. Климент
Научна средба посветена на епохалното дело на св. Климент Охридски ќе се случи денеска (12 ч.), во Националната и универзитетска библиотека, која го носи името на големиот светител. Темата е: Услови, појава и развој на словенската писменост; Свети Климент -живот и дејност. Со свои трудови посветени на просветителот Климент, ќе настапат еминентни научници, проучувачи на неговото дело: Вера Стојчевска-Антиќ, Стеван Санџакоски, Добрила Миловска, Гоце Ангеличин Жура, Милан Бошкоски и Виолета Мартиновска.
Библиотеката претендира научната средба посветена на животот и делото на св. Климент, да стане традиција и во иднина да има меѓународен карактер.
извор: Вечер