СВЕТЛИНАТА НА ВЕРАТА ТРЕБА ДА И СЕ ПОНУДИ НА НАШАТА МЛАДА ГЕНЕРАЦИЈА
Првата дама на Македонија ја негува верата, со вистински предизвик и огромна љубов, гледа на Велигден. Во ексклузиното интервју за Премин Портал, вели дека прославата на овој празник и предизвикува особена радост и хармонија. велигденските јајца, а Велика Сабота и ден за Светата Тајна Причест. Г-ѓа Маја Иванова, смета дека блискоста на верата до младите, ќе изгради морални и етички генерации.
1. Како на Велигден гледа Маја Иванова, а како Маја Иванова-првата дама во Македонија?
Моето гледање на овој голем христијански празник сега, како сопруга на претседателот на Република Македонија, е исто како и предходно а ќе остане такво и во иднина. Тука ништо не се променило. Без разлика на моите професионални ангажмани, за мене Велигден е апсолутно празникот над празниците, празникот на љубовта и надежта, празник кој исполнува со благодат и спокојство, спој помеѓу духовната обнова со веста за воскреснувањето Христово и телесната обнова на човекот. Нов животен циклус. Оттука секоја година прославата на овој празник ми предизвикува особена радост и хармонија. Навистина е фасцинантна ноќта пред Велигден кога верниците се слеваат пред храмовите сплотувајќи ги своите срца и своите души во заедничка молитва исполнета со безгранична љубов. Нашата семејна традиција да сме во црковен храм, ноќта пред Велигден, продолжува и сега.
2. Колку чествувањето на Велигден, и другите верски празници е променето во семејството Иванови, откако Вашиот сопруг ја има улогата на прв човек на нацијата?
Воопшто не е променето, ние во семејството и понатаму со особена радост ги прославуваме верските празници. Со голема посветеност и љубов го прославивме Божиќ, еве сега Велигден, со сите обичаи, што како традиција сме ги наследиле од нашите родители. И оваа година на Велики четврток, пред изгрејсонце, ги вапцав првите црвени јајца што се симбол на животот, на победата на животот над смртта. Секогаш практикувам да се црвени, затоа што според верувањето таа боја ја означува Христовата крв а истовремено претставува симбол на победата. Како и години наназад, постев за Велигден и ќе се причестам на Велика Сабота.
Трпезата за Велигден е традиционална со сите јадења што го одбележуваат овој празник, секогаш во кругот на семејството.
3. Речиси на сите празници сте дел од црковните богослужби. Од кога верата е дел од Вашиот живот?
И јас и сопругот потекнуваме од семејства во кои традицијата и верата имале значајно место. Воспитани сме во тој дух и сето тоа го пренесовме во нашиот заеднички живот а се трудиме овие вредности да ги пренесеме на нашиот син Иван. Уште како дете, со мојата баба и мајка, на христијанските празници одев во црква. Во моето семејство се прославуваа и семејни слави и имендени. Баба ми како семејна слава го прославуваше Свети Никола, а моите родители Света Петка. Одтаму научив и да го подготвувам славскиот колач за нашата семејна слава. Го прославуваме и именденот на татко ми, Свети Илија. А во семејството на мојот сопруг од секогаш се прославувале Ѓурѓовден и Благовец.
Инаку, години наназад сум дел од Акатистите – пофални песни за Света Богородица, што се чествуваат пет петоци пред Велигден. Во црква носам по пет лепчиња за здравје и среќа на мојата фамилија.
4. Пост, исповед, причест....Каков е Вашиот однос кон овие суштински Свети Тајни на Црквата?
Светата тајна (постот, исповедот и причестот) е една од најважните во животот на еден христијанин. Тоа е пат кон враќањето на моралниот лик на човекот, прочистување на срцето и душата, чекор кон достигнување на духовната чистота и на крајот како врв на љубовта и единството меѓу човекот и Господ Бог е примањето на причеста, кога со чисто срце и душа се соединуваме со Христа.
5. Што мислите, Колку верата влијае врз оформување на една личност?
Секако дека влијае. Да веруваш во нешто значи да си убеден во неговата вистинитост. Верата го чува животот на најдобар и најсигурен начин. Верата е клучна за развивањето и опстојувањето на доблестите што најлесно се здобиваат на млада возраст. Доблестите како што се трудољубивоста, заемното почитување, чесноста, самопожртвуваноста, храброста и самодоверба, скромноста се нешта без што ниту едно општество не може да воспостави хармоничност што е предуслов за мирен и просперитетен живот. Несомнено е дека овие, а и други доблести верата ги поттикнува. Доволно е да се погледне во Библијата и да се заклучи дека сите сме исти и еднакви во очите на Бога. Златното правило што Исус го воспоставува е всушност универзално правило што може да се открие во клучните принципи на современите верски и животни убедувања. Тоа правило гласи: „Што сакаш другите тебе да ти направат, ти направи им го ним“. Оттаму следи дека верата во живото на младите одигрувала и сé уште може да одигрува клучна улога во нивниот севкупен развој како личности што во блиска иднина ќе придонесуваат за општата благосостојба на едно општество. Светлината на верата треба да и се понуди на нашата млада генерација денес како патоказ за зачувување на она што нашата земја ја краси со векови: Семејните вредности преточени во доблести што се претвораат во вредности на едно општество каде што живеат еднакви луѓе.
6. Моралните вредносни во ова современо општество, не се честа карактеристика на младите генерации. Можете ли како прва дама, да вложите иницијативи во подигање на моралните сегменти на младите?
Кант има речено: Ги почитувам ѕвездените закони над мене и моралните закони во мене. Не може да се зборува за нормално општество колку и да е тоа современо и развиено, без да има место за етичките норми и вредности. Ние постојано како индивидуи мора да работиме на промоција на моралните вредности преку своето лично однесување во рамките на своето семејство, во рамките на работната средина, во непосредното опкружување. Тоа е постојан процес . Доколку не се однесуваме морално, односно доколку моралните вредности не се дел од нашиот светоглед, тогаш е невозможно да ги учиме другите за нив.
7. Има ли семејството Иванови домашна слава?
Да, семејна слава ни е Петровден. Исто така, веќе години наназад го прославуваме Ѓурѓовден, именденот на мојот сопруг, што се прославувал порано во неговото семејства а што како аманет да го продолжам ми го остави мојата свекрва. На тој ден се собира семејството, пријателите во нашиот дом и заедно прославуваме.
8. Наоѓате ли доволно време за оддишка да се сретнете со вашите блиски пријатели и на момент да заборавите на протоколарните посети на политичарите и обврските кои произлегуваат од нив?
Секако, пријателите се многу важни во животот. Богатството на еден човек не се мери со неговата материјална состојба, богат човек е само оној кој има вистински пријатели покрај себе. Ние имаме такви пријатели и се трудиме да го негуваме тоа пријателство посебно за време на овие празници кога сите сме исполнети со љубов и спокојство што сакаме да ги споделиме со најблиските. Функциите доаѓаат и поминуваат а семејството и пријателите остануваат засекогаш.
9. Како всушност го поминувате празникот Воскресение? Дали е тоа само традиционален помин или сепак поинаку ја гледате смислата на прославувањето на овој најголем христијански празник?
Велигден е празник над празниците, основата на православната вера, Велигден не е само обичен традиционален празник. Не може, а да не се почувствува енергијата на илјадниците свеќи, илјадниците молитви и пораките со верба во вечен живот. Хармонијата и љубовта на овој празник создава чудесна светлина што ги топли нашите срца и тоа дава не само смисла на празникот и на прославата туку подлабоко го осмислува нашето постоење.
Секогаш сме практикувале запалената свеќа, ноќта пред Велигден, да ја донесеме дома и со тоа симболично да ја внесеме Христовата светлина во нашиот дом. Овој празник повикува на сплотување, на љубов, на простување, како што тоа го правеше Господ Исус Христос. Да се трудиме и ние секогаш да бидеме препознаени по доброто.
Интервјуто го подготви: Марјан Николовски